Кога би можеле да користат гас за затоплување на домовите? Одговорот на ова прашање многу ги засега жителите на Тетово. Првата причина е што во таков случај нема да се користи огревното дрво чие согорување најмногу придонесува за аерозагадувањето поради создавањето на отровните пи-ем 10 честички. Втората причина е тоа што би била поевтина и поефикасна можност за загревање на простории во зима.
Дотогаш тетовци велат дека се приморани да користат огревно дрво, бидејќи само тоа можат економски да си дозволат, иако се свесни дека многу придонесуваат за загаденоста на воздухот.
„Сите уште се грееме на тоа. Немаме други средства.“
„На оваа сиромаштија може да се купи нешто посовремено? На плин или пелети што кажуваат.“
„Ако имаме дрва ќе се грееме. Ако можеме да набавиме. Иначе скапо е многу.“
„Парното ни е на дрва. Потопло е.“
„Јас сум на струја, стандардно. Нема доволно членови дома.Кој по работа, кој тоа. И не трошам многу.“
„Со дрва зошто уште не сум ставил друг вид греење“, велат тетовци во анкета.
Видете и ова: Отровниот воздух го вклучи црвениот алармДржавното акционерско друштво за енергетски ресурси ја изведува градбата на гасоводот. Директорот Бајрам Реџепи објаснува дека гасоводот од Скопје кон Тетово ќе стигне во зависност од решавање на постапките за експропријација на имотите каде што ќе поминуваат цевките.
„Должината на траса е на 78 километри од Скопје до Гостивар, плус кракот до Тетово е 10 километри. И моментално се работи на целата делница. Од Скопје до Гостивар. Како завршуваат постапките за експропријација така и продолжуваме. Моментално имаме 33 проценти реализација. Очекувам до крајот на годината да имаме подобар напредок, бидејќи интензивно ги решаваме предмети за експропријација така што очекувам дека брзо и таа постапка ќе заврши“, рече извршниот директор.
Експропријација има по целата делница. Директорот оптимистички смета дека до крајот на следната година ќе бидат завршени сите процедури и градбата.
„Очекуваме дека по првата половина од наредна година тоа ќе заврши целата експропријација, така што нашите очекување се дека до крајот на наредната година ќе биде завршен целиот проект од Скопје до Гостивар преку Тетово. Се надевам дека и дистрибутивните оператори ќе почнат со работа до тогаш. Во Oпштина Тетово е веќе објавен тендер за проектирање на дистрибутивната мрежа и во рамките на Владата е формирана работна група за дефиниција на моделот на изградба на дистрибутивните мрежи“, вели Реџепи.
Треба да се одлучи дали општините сами или преку јавно приватно партнерство ќе ги раководат секундарните градски гасоводни мрежи.