„Безгрижниот живот на Груевски во Будимпешта“, ја наслови Независен информацијата проследена со фотографија и видео-снимки на Груевски во еден скап будимпештански ресторан, дополнувајќи дека јавното обвинителство најавува информации за бегството на Никола Груевски по две недели. Пред тоа, Вечер, а и сите портали на печатените медиуми објавија: „Фотографија на Груевски и Трајковски во Будимпешта се шири на интернет“ и објаснуваат дека Александар Трајковски е еден од обвинетите за случајот „Насилството во Општина Центар“, инаку советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба. Слободен печат, заедно со фотографијата, наслови со доза на подбивна иронија:„’Го фатија!‘ Азилантот Груевски при прошетка низ Будимпешта“. Медиумите „ископале“: „Трајковски зел боледување од работа во Царинарница за да го посети Груевски во Будимпешта“, како што објави Вечер.
Инаку, Нова Македонија, како и електронските изданија на Независен и на Слободен печат информираа дека „Владата го усвои финалниот текст на 4-те предлог амандмани на Уставот и ги достави до Собранието на РМ“.
„Се бара двотретинско мнозинство и за СЈО“, излезе со наслов Независен. Оваа информација Вечер ја наслови: „Власта ќе бара 80 пратеници за продолжен мандат за СЈО“.
И пак во меѓувреме, собраниската работна група го подготви предлогот за законско решение за амнестија за 27 април. „Најдовме правна формулација и јасна дистинкција меѓу насилниците и организаторите во предлогот за амнестија“ – пренесе во наслов Вечер дел од изјавата на пратеникот Рамчиловиќ. Слободен печат објави: „Нема амнестија за водачи и тепачи“.
На протестниот собир на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата, „Мицкоски побара оставки на министрите за внатрешни и за надворешни работи и ТВ дуел со Заев“, објавија Нова Македонија и порталите на другите печатени медиуми. Вечер ја објавува реакцијата на СДСМ: „Од Мицкоски извираат истите зборови на Никола Груевски, полни со црнила, деструкција и навреди“.
Медиумите информираат и за судењето на обвинетите во случајот за изборни нерегуларности на СЈО, „Титаник“, при што нивната одбрана вели: „Поминале многу години, обвинетите не можат да се сетат дали СМС пораките се автентични“, насловија Нова Македонија и Вечер. Уште двајца од поранешната власт добија кривични од Основното јавно обвинителство: „Никола Тодоров, како министер за образование, и Панче Кралев се осомничени дека го оштетиле државниот буџет за 80.000 евра со злоупотреба на службената положба“ – информира Слободен печат.
И во врска со загадениот воздух во главниот град, интересен наслов во Слободен печат: „Додека скопјани дишат ’стратешки‘, кавадарчани го мијат воздухот – во Кавадарци и Куманово успешно се изведува експериментално чистење на опасните ПМ-10 честички“.
И за нешто што како да поминува малку забележано од пошироката јавност преокупирана со политика: можноста и кај нас да почне да се произведува генетски модифицирана храна, а информира Нова Македонија: „Неформалната група граѓани и организации ’Коалиција против ГМО‘ предупредуваат дека постојат сериозни научни студии кои ја докажуваат штетноста од ГМО-храната врз човековото здравје, природата и локалното земјоделство“.
Неколку денови по ред, инаку, уличната војна меѓу „Жолтите елеци“ и полицијата во Париз, и терористичкиот напад во Стразбур на исламски радикалист, како и ситуацијата со британскиот Брегзит и ЕУ, успеаја да се наметнат на насловните страници на печатените и електронски медиуми во земјава.