По дваесетина денови од зголемувањето на царината за српските производи за 100 отсто од страна на косовските власти, македонските претстaвници велат дека рано е да се зборува дали Македонија регистрирала раст на нејзиниот извоз на Косово. Економскиот аналитичар и сега советник во Владата, Фатмир Битиќи, вели дека има тенденција на зголемено побарување од стопанствениците за производи кои би ги замениле одредените српски производи во индустријата и прехранбениот сектор како и во општата потрошуваа, но оти неизвесно е дали тоа ќе донесе позитивни резултати.
„Сега засега не може да тврдиме дали ова позитивно ќе влијае на трговскиот биланс на Македонија со Косово, но ако ги земеме предвид сите податоци што доаѓаат од стопанските комори сметаме дека крајот на годината ќе даде позитивни резултати“, изјави Битиќи
До неговиот коментар доаѓа откако Царинската управа на Албанија веќе потврди дека минатиот месец е регистриран раст од 40 отсто на извозот од Албанија во Косово.
Според објавените информации обемот на албанска стока кон Косово е поголем за 33 илјади тони или седум милиони долари повеќе во споредба со истиот период минатата година, а најголем раст е забележан кај извозот на брашно и градежни материјали.
Осврнувајќи се на овие информации, дел од стoпанствениците во државата оценуваат дека по зголемувањето на царината за српските производи, чекорите кои ги презема Македонија се неплански. Во моментов според Мендерес Кучи зголемувањето на извозот е под очекуваното. Според него и стопанските комoри не успеале да ја искористат оваа ситуација и да се обидат да ги извезат токму оние производи кои до неодамна ги извезуваа српските компании.
„Чекаме само да ни се случуваат нештата. Не гледам стратегија од државата, а и стопанските комори гледаат да не и се налутат на власта или на опозицијата, не се занимаваат со реалните проблеми во стопанство. Има одредени зголeмувања, но тоа е стихијно, алтернативно си бараат луѓе истите производи да се ребрендираат“, вели стопанственикот Кучи.
Предлогот на министерот за трговија и индустрија Ендрит Шаља, царинската давачка за српските производи да биде зголемена од 10 на 100 отсто, беше едногласно поддржан од Владата на Косово на седницата одржана на 21 ноември.
Битиќи вели дека Македонија се залага ваквите спорови да нe ги гледа само позитивно од аспект на трговскиот биланс.
„Сметаме дека случувањата меѓу Србија и Косово, се негативни во процесот на креирање на регионалниот пазар, зошто не се гради доверба меѓу земјите, а тенденцијата е да има еден регионален пазар без царински бариери“, вели Битиќи
Инаку според официјалните податоци Македонија во претходните неколку години има тенденција на намалување на трговскиот биланс со Косово. Битиќи дополнува дека треба да се размисли како компаниите да се вратат на косовскиот пазар на кој беа присутни во изминатите години. Една од мерките со кои владата се залага да се реши проблемот е изградба на автопатот кон Косово кој според Битиќи е еден од клучните проблеми во трговијата со Косово.
Инаку според познавачите, Косово од Србија најмногу увезува брашно, пченица и пченка, односно истите производи кои ги увезува и Македонија поради недостиг. Со оглед дека Македонија нема да може тоа да му го понуди на косовскиот пазар очекувањата беа дека Македонските трговци би можеле најмногу да искористат од трговската војна меѓу Србија и Косово со реекспорт на производите.
Ова лето две недели и македонските земјоделски производи беа царинети со 30 проценти повисоки царини.