Oд утре Владата ја започнува јавната расправа за измена на Уставот, согласно Договорот од Преспа, која ќе трае пет работни дена и на која ќе се слушнат ставовите и на експертите и на пошироката јавност. Собранието вчера, по тридневна расправа за нацрт амандманите со кои ќе се направат уставните измени, со 66 глaса го утврди и четвртиот Нацрт-амандман.
По оваа, втора фаза, ескпертите не очекуваат големи поместувања во однос на јавната расправа и другите процеси се до периодот до средината на јануари кога би требало да следува последната фаза за која, пак, за да минат уставните измени се неопходни 80 пратенички гласови.
Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека на политички план очекува конструктивна атмсофера без контроверзни политички маневри затоа што, како што посочува, голем дел од работата досега е усогласена и е договорена на ниво на влада со пратениците кои ги подржаа уставните амандмани.
„Во овој меѓупростор единствено ќе биде видлива активноста на движењето Бојкотирам и изолирани случаи на критика од страна на бивши функциониери или припадници на ВМРО ДПМНЕ. Но, на ниво на делување на партиите ќе остане на некој начин тивка и конструктивна амтмсферата како што беше и во изминатиот период. Доколку имаа забелешки партиите ќе беа гласни и во изминатиот период“, вели Трошановски.
Експертите дополнуваат дека од јавната расправа што ја организира Владата не очекуваат да произлезат посериозни промени во однос на нацрт амандаманите.
Во врска со безбедносната состојба професорот Никола Дујовски од Факултетот за безбедност во Скопје вели дека МВР побудно од редовно ја следи состојбата и оти се преземаат одредени мерки да се превенираат какви било испади на поединци или на групи.
„Сепак, што и да се случува моќта и капацитетот на поединци или групи да прават посериозни безбедносни проблеми во Македонија е на многу ниско ниво сега. Не очекувам исто така вмешување на какви било сили од страна и какви било туѓи интереси, зашто ние сме во завршната фаза од тој процес. Досега поминивме преку многу пречки и уверен сум дека останува полесниот дел“, вели професор Дујовски.
Постапката за пристапување кон уставни измени почна на 19 октомври со 80 гласови „за“ и 39 „против“. Двотретинското мнозинство беше обезбедено со гласовите на осумтемина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив обвинети во случаи на СЈО и за случувањата од 27 април.
Додека траше пленарната седница, околу 200 граѓани, во организација на иницијативата „Македонија блокира“, протестираа против уставните измени и промената на уставното име на Република Македонија.Тие најавуваат дека ќе останат пред Парламентот до Нова година.
За време на втората фаза од собраниската расправа пак, осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со чии гласови се обезбеди двотретинското мнозинство за отворање на уставните измени, во почетокот на седницата се изјаснија дека за амандманите ќе гласаат „воздржано“ во интерес на, како што рекоа, јавната дебата.
Но, нивната воздржаност во оваа фаза Трошановски ја толкува како дел од тактички маневарски простор кој нема да влијае врз крајниот исход кога ќе треба да се усвојат уставните измени.
„На краток рок, да, овие резерви се обидуваат да направат некакви политички поени и особено да влијаат врз судските процеси во делот на помирувањето. Но, на долг рок стратешки, не мислам дека кога ќе дојде времето за усвојување во парламентот оти двотретинското мнозинство ќе потфрли“, вели Трошаносвки.
Тој дополнува дека и во ВМРО ДПМНЕ има подготвеност и од други пратеници да ги подржаат овие промени, но оти тоа нема да го направат заради опортунистички калкулации. Трошановски е уверен дека промените на Уставот ќе поминат и оти затоа пратениците од опозицијата „нема да сакаат непотребно на себе да си стават некаква стигма“.
Професор Дујовски оценува дека Преспанскиот договор за менување на името и влез на Македонија во ЕУ и НАТО полека но сигурно станува македонска реалност. Најголем дел од граѓаните, според него, веќе го прифатиле договорот за да може државата да тргне напред.
Трошановски пак, е на став дека допрва ќе има тензии околу Преспанскиот договор, но само во смисла на негова инструментализација за политички цели.
„Не е готово со Преспанскиот Договор како инструмент за демагогија, но институционалниот животен тек нема да биде попречен, во тоа сум сигурен“, вели Трошановски.
По јавна расправа од пет дена Владата има два дена да подготви извештај и да го достави до Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери потоа е должен во рок од 30 дена да закаже седница за финално носење на амандамните, за што повторно, како во првата фаза, е потребно двотретинско мнозинство. Со тоа се финализира постапката за уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа.