Јавно наддавање со само еден понудувач, договор во четири очи или законска непосредна спогодба со купувач поради дооформување на парцела, со цени од едно евро за метар квадратен до максимални 400 евра за метар квадратен се дел од начините на кои беа продадени атрактивни локации во центарот на Скопје во минатите години, а на што со години реагираа антикорупционерите.
Последниот пример со паркинг плацот спроти Градскиот трговски центар кој по цена од 312 евра за метар квадратен го купија од државата фирмите „Фешн“ и „Обновители“ ја разбранува јавноста за начинот на кој се купува државно земјиште.
На многу локации во државата во изминатите години неповратно се отуѓи државно земјиште за ниски или речиси никакви надоместоци. Политиката на ниски цени, која беше донесена со законски уредби, претходната власт ја правдаше со обидите да привлече странски и домашни инвеститори и да се стимулира економскиот раст. Тоа предизвика промена на ликот на градот Скопје, а властите се правдаа дека продажбите на државното земјиште се спроведуваа „согласно законите“. Ваквата состојба од експертите и од опозицијата често беа мета на критика дека наместо стимулирање економски раст се овозможува богатење на мала група моќници.
Атрактивни локации продадени на моќници блиски до поранешната власт
На плоштадот во центарот на Скопје пред две години, хотелот „Мериот“, чија изградба чинеше 30 милиони евра, свечено ги отвори портите за првите гости. Тоа е истиот хотел пред кој пред две недели телевизиски екипи известуваа за апсењето на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков. Поранешниот прв човек на разузнавањето има една третина од сопственоста на „Дивелоп Груп“, а со тоа и една третина од хотелот, додека остатокот му припаѓа на бизнисменот Александар Ивановски познат како Алек Теранова, пишуваа неодамна дел од медиумите.
На новинарски прашања поставени на денот на отворањето на хотелот, за тоа дали се точни информациите дека вистинскиот газда на „Мериот“ е Мијалков, Ивановски изјави оти тоа не е точно, и дека тој е вистинскиот сопственик.
„Ова не е земјоделска задруга. Странците знаат со кого потпишуваат“, изјави Ивановски во 2016 година.
Според истражувањето на БИРН, во 2007 и во 2008 година Ивановски станал сопственик на две парчиња земја на местото каде што е сега хотелот со што поседувал 30 проценти од целата градежна парцела, па законски се квалификувал да ги откупи и останатите 793 државни метри квадратни во непосредна спогодба, односно во договор во четири очи. Купопродажниот договор во 2009 година го потпишал тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески по цена од 6600 денари за метар квадратен.
На стотина метри од плоштадот Македонија, зад познатата „Арапска куќа“, се издигна хотел од познатиот светски ланец Ибис. Дел од медиумите кои трагаа по неговата сопственичка структура објавија дека Камчев и Мијаков преку „Ексико“ и „Орка Холдинг“ биле акционери во „Евробалкан Хотелс ДОО“ која подоцна го сменила називот во Хотел Ибис ДОО“.
Опозициските бомби пред три години ја отворија и темата за тоа како парцела на Водно завршила во рацете на фирми блиски до власта по меракот на поранешниот премиер Никола Груевски. Во објавените прислушувани разговори СДСМ тврдеше дека се слуша како Груевски го бара плацот со големина од над десет илјади метри квадратни.
Според тогашната опозициска СДСМ, спорните детални урбанистички планови за „Тасино чешмиче“ и „Капиштец Водно“ биле менувани во 2012 година со цел Груевски преку блиски фирми и оф-шор компании од Белизе и Лугано, да купи имот вреден од 5 милиони евра.
Парцела на плоштадот во Скопје си купи и грчкиот контроверзна личност Димитрис Контоминас во 2011 година. Според податоците, објавени во медиумите, бизнисменот Контоминас на аукција го купил државното земјиште по 100 евра за метар квадратен со услов да изгради Офицерски дом кој ќе му го отстапи на Градот Скопје и хотел во стилот на Скопје 2014. За целата парцела тој платил 630 илјади евра, а Офицерскиот дом требаше да го отстапи без надомест за потребите на матичната служба и дел да се користи како работни простории на градоначалникот на Скопје. Во август 2015 година рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко ја презеде фирмата со која Контоминас ја започна градбата на „Офицерскиот дом“.
Бизнисменот Самсоненко во јавноста е познат и како сопственик на фудбалскиот и ракометен клуб Вардар, спортскиот центар Јане Сандански, Хотелот Русија и е ктитор на руската црква во близина на овој комплекс. Спортскиот центар е изграден како јавно приватно партнерство на инвеститорот Самсоненко и општината Аеродром. Локалната самоуправа тогаш го ослободи инвеститорот од трошоците за комуналии но и од плаќање на атрактивното градежно земјиште од 11 илјади метри квадратни а за возврат доби концесија за стопанисување во времетраење од 35 години.
Децениски урбанистичко партиски преписки
Во архивата може да се најде и барање од судот да ја поништи продажбата на атрактивна локација на скопскиот плоштад за парцелата (позната во јавноста како стоковна куќа ТИПО) која еден од поранешните министри за транспорт и врски Агрон Буџаку ја продал во непосредна спогодба за 25 евра од метар квадратен на една од фирмите на бизнисменот Орце Камчев. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со години се обвинуваа меѓусебно во медиумите за тоа кој од нив, како што велеа, го направил криминалот со овие две парцели.
Партиите во јавноста се расправа и за законитоста на катната гаража на улицата Даме Груев во центарот на градот која го носеше името Тодор Александров, а беше преименувана во БЕКО. Тогаш со писмено соопштение се огласи и компанијата Тинекс, во која посочи дека нема ништо спорно што била единствен понудувач на јавната аукција за локацијата.
„На јавното наддавање за продажбата на земјиштето на 15 декември 2011 година, во Градското собрание со почетна цена од 2 илјади вера за квадрат, оваа компанија беше единствен понудувач и го доби плацот за цена од 2050 евра по метар квадратен плус ДДВ, се вели во едно од соопштенијата на Тинекс.
Мета на партиски препукувања околу продажната цена, притисоци и уривања со години беше и комплексот познат во јавноста како Кинески ѕид на кејот на Вардар. Негов сопственик е сегашниот заменик градоначалник на Скопје Енвер Малиќи.
„Во минатото, имав непријатности и кочници, знаете дека изградбата на целата зграда беше забавена со некои акти, претрпев големи материјални штети, а страдаше и моето здравје. Таму влегов да инвестирам откако објектот беше урнат, со тоа што најпрво купив два стана за фамилијата“, вели Малиќи во интервју за Независен весник.
По цена од 71 денар за метар квадратен беше продадено и земјиштето спроти Народната банка во Скопје каде никна трговскиот центар Веро Џамбо. Тендерот еднаш беше поништен поради имотно правни односи, односно со денационализација се појавија приватни сопственици. Тогашниот градоначалник Андреј Жерновски обвинуваше дека поништувањето на тендерот е само алиби на тогашниот министер Миле Јанакиевски за криминална операција за продажба на земјиште по багателна цена.
Цел на партиска преписка беше и државното земјиште кај трговскиот центар „Рамстор“. ВМРО-ДПМНЕ во 2008 потсети дека во 2003 тогашната влада на Бранко Црвенковски по цена од 25 евра по квадрат продала 18 илјади квадратни метри во центарот на градот и тоа две третини од земјиштето на турскиот инвеститор Коч, а преостанатите на домашната фирма „Евроазија“, која според ВМРО-ДПМНЕ не смела да има поволности како странска фирма и да го купи земјиштето по, како што велеа смешни 25 евра за квадрат. За СДСМ пак тоа биле невистини. Тие пак, тогаш се фатија за парцелата на плоштадот Македонија, која ја купија фирмите „Дивелоп груп“ ДОО-Скопје на Александар Ивановски (Алек Теранова) и „Латис ЛТД“ ДООЕЛ-Скопје.
Засега во судска процедура е само предметот на специјалното јавно обвинителство именувано како Топлик, во кое поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски е обвинет за продажбата на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште. Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа. Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.