Потребни се брзи и драстични мерки против загадувањето

За да се ублажи загадувањето на воздухот треба да се ограничи користењето на автомобилите, велат екологистите. Стручните лица укажуваат дека е потребно поголемо користење на јавниот превоз. Но за да се оствари ова потребно е Градот да обезбеди поголема достапност на јавниот транспорт.

За да се ублажи и намали загадувањето на воздухот треба да се спроведат важни одредби од законите и да се забрани користењето на автомобилите, велат екологистите.

Кирил Ристовски од еколошката организација Флорозон оценува дека најголем дел од мерките што тие ги предложија во изминатиот период не се применуваат и оти и оваа зима граѓаните за да се заштитат ќе мора да носат заштитни маски.

„Се вртиме во круг секоја година. Во периоди на екстремно загадување треба да има рестриктивен пристап кон транспортот и да има мораториум на тешката индустрија. Tреба да се земе предвид и бројот на возила на јавната администрација и државата треба прва да постапи и да покаже пример дека е неопходно да се користи јавниот превоз во зимскиот период“, вели Кирил Ристовски од еколошката организација Флорозон.

Стручните лица велат дека рестриктивниот пристап кон сообраќајот не е мерка која ќе биде доволна за да се намали загадувањето, но тоа ќе преставува неопходна „преврска“ за да се сопре натамошното загадување.

Александар Дединец, научен соработник за енергетика и животна средина во МАНУ, вели дека во нивната студија тие наведуваат мерки кои очекуваат да дадат резултати за седум години. Но во време кога Скопје и Тетово дишат најзагаден воздух во Европа тој укажува дека треба да се преземаат и брзи мерки кои ќе дадат резултати.

Како краткорочни мерки кои треба да се користат е поголемо користење на јавниот превоз, понатаму да се обидеме во домаќинствата да се намали температурата на греење, а во поново време се набавија апарати во градот за чистење на улици кои дуваат лисја. Тие не треба да се користат кога е загадено. Треба и граѓаните да придонесат. Имаше два дена со дожд и сите беа со автомобилите", вели Дединец кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во јавноста има различни согледувања за решавање на проблемот со сообраќајот. Некои сметаат дека животот без автомобили може да стане реалност кога ќе се подобрат и состојбите во јавниот превоз. Во градот најавуваат набавка на нови автобуси. Тие велат дека го стимулираат и возењето на велосипеди со субвенции како и поставувањето патеки за шетање.

Исто така од таму велат дека имаат листа од 25 мерки направени за 365 дена и дополнуваат дека за една година малку може да се направи освен да се покаже волја.

„За 30 проценти e зголемен бројат на подигнати возила со пајак, ослободени се четири километри од тротоарите со столпчиња, има бесплатен превоз во деновите кога има најголемо загадување, 40 нови автобуси ќе се набават, има и субвенции за велосипеди, подобрена е мрежата за нови велосипедски патеки и бесплатни линии на Водно, изјави деновиве Никола Наумовски, од кабинетот на град Скопје, говорејќи за мерките кои за една година се преземени.

Според истражувањата што се прават кај нас како главни виновници за загадувањето се посочуваат сообраќајот и домаќинствата. Но тие не се единствени виновници зашто постојат многу индустриски капацитети за кои екологистите посочуваат дека се загадувачи, но оти недостасува увод на јавноста во состојбите.

Имаме индустриски капацитети околу периферијата кои непречено функционираат и нема извештаи од мониторингот на инспекторатот кои се резултатите. Во исто време мерните станици не функционираат, треба некој да води грижа зошто не се во функција, вели Ристовски.

Од МАНУ најавуваат дека во фокусот на следна студија ќе биде загадувањето од индустријата.