Нецели десеттина дена по успешната реализација на проектот „JazzToVoice“, Женскиот младински хор при Младински културен центар Скопје и неговиот диригент маестро Сашо Тарчевски ја продолжија серијата успеси на меѓународната сцена. Тие од полската метропола – Варшава, од тамошниот силен хорски акапела натпревар „Varsovia Cantat“, се вратија со освоено прво место во категоријата на еднородни хорови. Освен во натпреварувачкиот дел, хорот одржал и два перформанси во катедрали во Варшава и Згиерж и настапил на гала концертот на сцената на големата сала на музичкиот универзитет „Фредерик Шопен“.
Оваа е последната од низата шест први награди, исто толку специјални и Гран При во последните три години на натпреварите во Полска, Романија и Словачка.
„Почнувам да чувствувам дека станува многу вообичаено, веќе нема ни многу возбуда, кога ќе се вратиме од некој ваков настан да нема некои посебни реакции. Се навикнаа, тие барем којшто следат што се случува со македонската музичка култура, дека секогаш ги освојуваме највисоките награди. Но, што да ви кажам, овојпат нè извадија на сајтот на Министерство за култура, па веројатно малку повеќе луѓе ќе прочитаат и се надевам дека нема да продолжи трендот на обратна пропорционалност во односот на постигнување на сè поголеми и подобри резултати, а секоја година добивање сè помалку средства за патувањата. Тоа е тој интересен тренд што ни се случува во последните години, особено со Женскиот младински хор“, вели диригентот, маестро Сашо Татарчевски.
Тој појаснува дека, според критериумите од Министерство за култура, ова година биле прво одбиени како проект за меѓународно претставување, за потем, по жалбата со доставување уште еднаш на сите можни резултати што ги имаат постигнато во континуитет, а особено во последниве четири-пет години, да добијат некои ситни средства со коишто „логично било да се откажат отколку да тргнат некаде на пат“. Сепак, благодарение на заложбата на менаџментот на МКЦ кој нашол начин и сили да собере повеќе од половина од потребните средства, тие тргнале во Европа како претставници на нашата култура и таму го освоија највисокото признание на престижниот хорски фестивал.
Инаку, во текот на изминатиот период, Женскиот младински хор имаше цела дузина на настапи и разновидни проекти кои заслужуваат особено внимание. Така зад нив се учеството на Меѓународниот форум во Струга, на духовниот ТЕХО 2018, фестивалот „Петко Стајнов“ во Софија, „При-вокал фест“ - првиот интернационален хорски натпревар во Приштина, проектот „JazzToVoice“ на последното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ и сè со различни програми.
„Годинава беше исклучително разноврсна за нас. Со многу многу различна програма. Со многу различни концепти и концерти, но искрено најдраг од сите ми беше токму „JazzToVoice“. Според зборовите на луѓето од МКЦ, тоа беше најпосетен концерт и физички, меѓутоа и „он лајн“ - имаше една неверојатна бројка на луѓе којшто го проследија на интернет. Морам да кажам дека имавме една извонредна екипа, почнувајќи од самиот хор, па преку оние кои моравме да ги поканиме од надвор за да го направиме тој концерт со сите салтанати – џез триото во состав Кирил Туфекчиевски на бас, Гордан Спасовски – пијано и Виктор Филиповски на тапани. Тука е и Ален Хаџи Стефанов којшто ни бееше наратор и водител на концертот со неговото фантастично, енциклопедиско познавање на историјата на џезот. Навистина имавме еден проект кој за мене беше врв од она што го работев во оваа сезона имајќи предвид дека работам со четири ансамбли, сите со различна програма, со Македонската филхармонија и често сум во странство“, истакнува диригентот.
Сепак, тој и во оваа пригода не заборава да нагласи дека „не работат за наградите директно, туку за да бидат најдобри колку можат, подобри од себе и за да ја претстават нашата, македонската култура во најдобро светло“.
„Наградите доаѓаат сами по себе кога така се пристапува. Јас веќе ги имам многу. Не ми се битни во животов. Еве уште една награда дали ќе биде прва, втора или не знам која веќе и не ми е толку важно. Важно ми е да се претставиме во најдобро можно светло и ние да растеме со самото тоа“, потенцира Татарчевски.
Во контекст на ова ќе рече дека со Женскиот младински хор на 3 декември ќе настапат на концертот со кој се одбележува годишнина на композиторот Ристо Аврамовски и дека се надева дека ќе имаат можност да го повторат проектот „JazzToVoice“ не само во Скопје туку и во поголемите градови во Македонија. Тој лично наскоро ќе патува во Краков каде ќе биде член на интернационално жири, потем патува во Москва каде држи мастер-класи за руските хорски диригенти, а во јануари го очекува и настапот со Македонската филхармонија.