Возрасната граница за пензионирање останува

ММФ даде преодни оценки за владините пензиски реформи и препораки за дополнителни порестриктивни мерки. Од Меѓународниот Фонд бараат реформи за надминување на слабостите на пазарот на трудот, правосудството, администрацијата, но и намалување на јавниот долг. Засега нема зголемување на границата за пензионирање, велат од власта.

Нема зголемување на границата за пензионирање и нема замрзнување на пензиите, велат од Министерството за труд и социјална политика, по извештајот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во кој меѓу другото се препорачуваат и порестриктивни услови за предвремено пензионирање и зголемување на возраста за пензионирање.

Од Министерството велат дека со недоамна презентираната пензиската реформа се прави стабилизација на дефицитот во ПИОМ, без да се зголеми старосната граница за одење во пензија и без да се замрзнат пензиите, со сет други мерки и активности кои ја подобруваат состојбата во ПИОМ.

Во извештајот објавен по посетата на мисија на ММФ на Македонија, владата добива преодни оценки за сегашните пензиските реформи и препорачуваат дополнителни мерки.

Мерките кои вклучуваат повисоки придонеси, реиндексација на придобивките и мерките за подобрување на рамноправноста меѓу учесниците во двата столба, ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Меѓутоа, треба да се земат предвид и натамошни мерки како што се стегање на условите за предвремено пензионирање и зголемување на возраста за старосна пензија за да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем“, се наведува во извештајот на ММФ.

Властите во Македонија предлагаат пензиска реформа, според која, ќе се зголемат придонесите за пензиско за 0,5 отсто, а дел од реформата е да се префрлат во првиот пензиски столб сите кои се родени после 1967, а се вработиле по 2003.

Според власта, овие реформи ќе доведат до стабилизација на пензискиот фонд.

„Сето ова ќе резултира со стабилен и одржлив пензиски систем за сегашните пензионери и за идните пензионери, затоа што е многу важно пензискиот систем да е самоодржлив и да е долгорочен“, изјави недоамна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Во проекциите на буџетот за следната година за пензии се предвидени 917 милиони евра, од нив речиси половина, односно 457 милиони евра, ќе бидат директен трансфер од буџетот.

Се предвидуваат и реформи на системот на социјална заштита. Во овој сегмент влегува најавата за социјална пензија за оние кои имаат барем еден работен ден и наполнети 65 години. Тие ќе земаат државна пензија, која треба да изнесува 40 отсто од просечната пензија.

Во Македонија сега жените одат во пензија со наполнети 62 години, а мажите со 64.

Универзитетската професорка Шенај Хаџимустафа вели дека факт оти пензискиот систем кај нас е во голема криза и тука се потребни многу добри реформи.

„Постојаното интервенирање од Буџетот во насока на насочување на средства во самиот Фонд мислам дека не е правилно алоцирање на ресурсите, а сето тоа е како резултат на тоа што ние немаме добра политика во делот на пензискиот систем. Тука се потребни многу реформи, истрајни и издржани, не само нешто што ќе даде решение на краток рок. Ако нашата цел е влез во ЕУ, а знаеме дека и таму постојат одредени стандарди во оваа насока кои треба да се исполнат, мислам дека сите тие реформи треба да бидат усогласени во таа насока“, вели Хаџимустафа.

Во извештајот на ММФ се предвидува дека растот следната година ќе биде 2,8 отсто, со тенденција на среден рок да достигне 3,5 отсто. Владата пак за 2019 предвидува раст од 3,2 отсто. Монетарниот фонд препорачува да се постигне нула примарен дефицит на среден рок за јавниот долг да почне да се намалува. Според домашните проекции на буџетот за следната година, дефицитот ќе се намали, но јавниот долг ќе расте.

ММФ нотира дека се потребни повеќестрани политики за справување со слабостите на пазарот на труд и зголемување на продуктивноста. Во извештајот стои дека и покрај намалување на стапката на невработеност, таа сепак е се уште висока и останува на 21 процент. Како проблеми ги посочуваат недостаток на вештини, лош квалитет на образованието, неразвиено стручно образование, и емиграција на работната сила, пред сè на младите.

Од ММФ посочуваат и дека планираните реформи за зајакнување на владеењето на правото и судскиот систем се важни за подобрување на инвестициската клима и тежнеењето кон поголеми приходи, па затоа се добредојдени.

ММФ ја потврди и стабилноста на банкарскиот сектор.