Капитал - Груевски бара азил од Унгарија, јавноста бара одговорност за неговото бегство
„Груевски бара азил од Унгарија, јавноста бара одговорност за неговото бегство“ – е насловена темата во рубриката „Навигатор“ во најновото издание на Капитал. Неделникот потоа поставува две прашања, од кои второто премиерот Зоран Заев го демантираше: Дали бегството на екс премиерот е резултат на неспособноста на институциите или станува збор за дел од поширок пакет за амнестија како резултат на гласањето на осум пратеници од опозицијата за измените на Уставот? Ова се само некои од дилемите во јавноста за кои допрва ќе се бараат одговори, пишува неделникот, наведувајќи дека сè погласно се бара одговорност од институциите, кои засега само си ја префрлаат одговорноста. Специјалната обвинителка, Катица Јанева се надева дека Унгарија нема да му одобри азил на Груевски и дека ЕУ ќе направи притисок за тој да биде екстрадиран во Македонија за да се соочи со правдата и судските пресуди. Ако се имаат предвид пријателството на Груевски со унгарскиот премиер Виктор Орбан и отворените врски на двајцата кои веќе подолго време ги имаат со Русија, можеби сепак е поверојатно Груевски да биде прогласен за политичка жртва и да добие засолниште во Унгарија – смета Капитал.
Фокус - Бегалка – На чардаш кај Орбан
Девојка во унгарска народна носија и со ликот на Груевски стои на насловната страница на Фокус заедно со насловот: „Бегалка – На чардаш кај Орбан“. Во воведната колумна пишува дека бегството на Груевски во Унгарија е мега-скандал којшто оди на душа на актуелната Влада. Зададен ѝ е силен удар на правдата, без оглед чија е најголемата одговорност, зашто ако главатарот на Фамилијата не одговара за злоделата, каква смисла тогаш има кривичната одговорност на ситните штрафчиња на поранешниот режим? – прашува уводничарот. „Наместо затвореник, Груевски стана бегалец“, пишува Фокус потсетувајќи дека уште во август годинава неделникот објави дека Груевски извесно време го подготвувал теренот за бегство во Унгарија, а единствената дилема беше дали власта ќе му дозволи да избега. И повторно сличното прашање и во Фокус, како во Капитал: Дали Груевски го изиграл системот за да избега од правдата, или, пак, институциите имале сознанија за неговиот план, но не го попречиле зашто тоа било дел од договорот за обезбедување двотретинско мнозинство?
Глобус - Меѓумакедонска разединетост
За меѓумакедонската разединетост и помирување пишува редовната колумнистка во онлајн неделникот Глобус, Кица Колбе, која веќе долги години не живее во Македонија, но вели, ја разбира болката и проблемот со кој се соочуваат граѓаните на Македонија. Длабока омраза владее денес меѓу Македонците која се храни од стравот дека може да исчезнат. Тој страв ги разединува и ако продолжи да се продлабочува, таа разединетост ќе стане дел од македонското историско паметење и со тоа ќе биде погубна и за идните генерации, пишува таа. Проф. д-р Кица Колбе смета дека кај Македонците недостига чувство за заедништво и дека особено во клучни историски мигови немаат способност да остварат барем минимум национален консензус. Така е и денес, вели: владејачката коалиција повикува на национален консензус, дури и на политичко помирување меѓу партиите. Опозицијата тоа сака да го разбере само како амнестија на нејзините неброени криминални дела. Токму со тоа покажува дека нема свест за заедничкиот историски интерес. Нејзиниот интерес е да ја исползува очајната политичка блокираност по Референдумот за да ја спаси својата кожа од затвор, пишува Кица Колбе и како да апелира: Помирувањето и сознанието за заедничките државни и национални интереси треба да вроди до сознание кај сите – кај позицијата и опозицијата – дека осомничените и осудените за криминални дела мора да одговараат.