Знаeло ли МВР за планот на Груевски?

Меѓународна потерница за Никола Груевски

Премирот Зоран Заев вели дека МВР преземало се што може во случајот со Груевски и дека се чекаат резултатите од истрагата за евентуалните пропусти. Безбедносните аналитичари оценуваат дека полицијата морала да го знае планот на Груевски и да го спречи.

Три дена откако е и официјално потврдено дека поранешниот премиер и актуелен почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е во Унгарија и бара азил, информациите од македонското Министерство за внатрешни работи за тоа како избегал, како ја поминал македонската граница и како стигнал дотаму остануваат оскудни.

Мапата за неговото бегство, пак, се исцртува со информациите од полициите на соседните земји. Полициите на Албанија и Црна Гора вчера им доставиле документи и на македонските колеги за информациите поврзани со поминувањето на Груевски на нивните територии, потврди денеска премиерот Зоран Заев.

МВР штом ќе ја докомлетира истрагата ќе објави, дали има одговорност, кај кого е одговорноста, кои се причините, како тоа се случило, дали некој помогнал, дали системот некаде затаил или слично” рече Заев.

Премиерот Зоран Заев исто така денеска рече дека и поранешниот премиер Никола Груевски и Унгарија треба да дадат одговор дали Груевски доброволно ја напуштил Македонија или бил киднапиран. Тој рече дека е јасно дека Груевски побегнал преку Албанија и Црна Гора со унгарско дипломатско возило.

„И јавно го поставувам прашањето, дали Груевски доброволно ја напуштил Македонија пред да биде издадена потврдата за казната затвор или можеби бил киднапиран“, изјави премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дали Груевски доброволно ја напуштил Македонија?

Прашањата за одговорноста на министерството за внатрешни работи се отворија веднаш по бегството на Груевски. Аналитичарите велат дека може да се зборува за одговорност на обезбедувањето на поранешниот премиер, кое е вработено во МВР, но и во делот на службите кои требало преку соодветните информации да спречат Груевски да избега.

Знам дека тоа што е законски дозволиво е преземено од Министерството за внатрешни работи четири недели пред да се случи бегството на Груевски. Зборувам согласно нивните јавни овластувања што ги имаат дека е презмено се. Информиран сум за сите детали, кога, што и како се случувало” рече Заев.

МВР требало да знае што планира Груевски и да го спречи планот

Следејќи ги неговите претходни потези, македонски разузнавачки служби требаше да знаат за неговата намера и да ја спречат, оценува безбедносниот аналитичар Благоја Марковски.

Тој и претходно покажуваше дека на секој можен начин ќе се обидува да го одолговлекува одењето во затвор, дека ќе се бори до крај, а сомнеж има и за добиената оценка од комисијата за заштита од дискриминација, објавена неколку дена пред неговото бегство, вели Марковски. На комисијата претседател е Александар Даштевски кој се смета за близок до ВМРО-ДПМНЕ.

Тој во сето ова препознава дека Груевски и претходно бил во соработка со структурите кои му овозможиле да избега и тие потези, како што вели, ги влечел со нив за да се обезбедат изјави и документи кои ќе му бидат во поткрепа за барањето азил. Полицијата не е само за да гасне оган, треба да делува и превентивно и очигледно е дека службите во овој случај затаиле, додава тој.

“Министерот за внатрешни работи Спасовски има сериозни проблеми во организација на активностите на министерството и тој мора да побара одговорност од раководните структури за тоа кој и како ги планира и ги реализира активностите. Во оваа смисла МВР морало да располага со одредени информации за тоа што и како се подготвува и во смисла на тоа МВР требало да ги следи движењата и тоа што Груевски го подготвувал.Тука нема простор да не се побара одговорност од внатрешни служби на Министерството за внатрешни работи ” вели Марковски.

Рутата на Груевски

Инаку и информациите по бегството јавноста ги добива претежно од соседните служби. Прво албанската полиција прецизно соопшти дека Груевски со автомобил во сопственост на амбасадата на Унгарија на 11 ноември во 19.11 часот ја напуштил Албанија преку преминот „Хан Хоти-Муриќан“, на албанско-црногорската граница. Во Црна Гора, според тамошното МВР, поранешниот премиер, влегол како патник со автомобил со регистарски ознаки CD1013A,сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана.

Веднаш по ова се јави и црногорската полиција. Истиот ден, на 11 ноември, Груевски влегол кај нив и истиот ден ја напуштил нивната територија, соoпштија од таму.

Следниот ден, во понеделникот, на 12 ноември, македонската полиција тропаше на вратата на неговиот семеен дом и правеше претрес на возилата во близина на седиштето на неговата матична партија. Потрагата во Македонија заврши следниот ден кога Груевски самиот на Фејсбук напиша дека е во Будимпешта.

Во меѓувреме остануваат и други нејасни прашања кои преку допис до медиумите ги поставија и повеќе од десет невладини организации. Тие ги осудија “пропустите, неажурноста и непочитувањето на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи од страна на Основниот суд Скопје 1 и Министерството за внатрешни работи”.

Правејќи ретроспективата на настаните, организациите заклучуваат дека најголемиот пропуст на судот и прекршување на одредбите од Законот за извршување на санкции настануваат по информацијата на директорот на Затворот Скопје - Скопје, Ѓоко Котевски кој на 10.11 го известил Основниот суд Скопје 1 Скопје, дека осуденикот не се јавил доброволно на отслужување на затворска казна.

Апсолутно е нејасно зошто Судот не постапил во согласност со закон и го игнорирал начелото на итност од став 3 на чл 87 од Законот за извршување на санкции, па за издавање на наредба за приведување на осуденикот, чекал два дена од добиеното известување од директорот на затворот и истата ја издал до СВР Скопје на 12.11.2018 во 16:30 часот, со барање за издавање на национална потерница” наведуваат организациите.

Всушност националната потерница се распишува кога Груевски веќе ги има поминато и Албанија и Црна Гора и се наоѓа на територија на друга земја. Меѓународната потерница МВР ја распиша откога тој веќе се пријави дека е во главниот унгарски град.