Медиумите „зовреа“ од големото бегство на Груевски

Архивска фотографија од поранешниот премиер Никола Груевски.

Медиумите се преплавени со вести за тоа дека поранешниот премиер побара азил во Будимпешта. Неговото бегство се анализира од сите аспекти. Медиумите пишуваат и за притворот за Јанакиески и Божиновски и за најавениот попис.

Никола Груевски избега од земјава во Унгарија, јавноста се вознемири и бара одговорност за институционалните пропусти, медиумите „зовреа“ од информациите во врска со „големото бегство“ на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. И во печатените и во електронските медиуми речиси и нема други вести и информации.

Се огласи и Владата на унгарскиот премиер. „Орбан: Му дозволивме на Груевски да поднесе барање за азил“ – објавија Вечер, Слободен печат и Нова Македонија. „Тој беше премиер на неговата земја десет години и од безбедносни причини унгарските власти му дозволија да поднесе барање за азил во Будимпешта. Процедурата ќе се спроведе согласно унгарското и меѓународното право“, го додаваат нашите медиуми ветувањето на Кабинетот на Орбан.

Порталите на домашните печатени медиуми информираат и дека „Унгарската опозиција бара Владата да го екстрадира Груевски, дека треба да му биде одбиено барањето за азил, оквалификувајќи ја ситуацијата како ’невиден скандал‘ и посочувајќи дека Груевски е ’баран криминалец‘ од земја каде нема војна и не е гонет врз религиозна или политичка основа“.

Сите домашни медиуми ја објавија и пишаната изјава на шефот на дипломатијата Никола Димитров: „Помислата дека Груевски ќе бара спас во земја членка на ЕУ не може воопшто да се проголта... Целосно се лажни наводите за постоење закани кон неговата лична безбедност бидејќи користеше и полициско обезбедување од полициски службеници кои самиот ги одбра“.

Вечер и Независен насловија: „Граѓаните по протестот во средата вечер пред Влада паролите ќе му ги достават на премиерот Заев“, цитирајќи некои од паролите: „Нема правда, нема мир или заборавивте?“, „Како што го пуштивте така да го вратите“, „Одговорност“. Вечер го објавува и барањето на лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села за оставка на премиерот Заев и итно формирање експертска влада.

Печатените медиуми го објавуваат и одговорот на Заев на новинарско прашање: „Нема никаков политички договор со Груевски, очекуваме Унгарија да го екстрадира“. Исто така сите печатени медиуми информираа дека „МВР распиша меѓународна потерница по Груевски“. Независен наслови: „Неславен епилог на една политичко-правна драма: Азил или резил“, како и појаснување за постапката за азил во Унгарија: „Груевски може да бара азил по два основа, постапката би траела до 90 дена“.

Домашните судови како да се созедоа по бегството на Груевски, па „Јанакиески и Божиновски однесени во притвор во ’Шутка‘“, насловија Нова Македонија и Вечер, затоа што „Се подготвувале да избегаат како Груевски“, ја пренесуваат во насловите сите печатени медиуми изјавата на судијката Стефановска. Во меѓувреме, се нижат оградувања од страна на судските и полициските инстанци за обвинувањата за бегството на поранешниот премиер. „Кривичен суд се огради од обвинувањата за бегството бидејќи не може самоиницијативно да определува мерка притвор освен ако не се утврди дека од определено лице не се почитувани претходно определени поблаги мерки за обезбедување“ пренесуваат порталите на печатените медиуми. Нова Македонија го објавува потсетувањето од СЈО: „Јанева: СЈО побара притвор за Груевски уште во 2016, па потоа во 2017 година. Кривичниот совет определи мерки на претпазливост – еднаш неделно, па еднаш месечно да се јавува во Судот и одземање на пасошот“.

Во шумата информации за бегството на Груевски, место некако си нашле и веста што ја објави Слободен печат: „За 7 години 1.207 лекари се иселиле од Македонија – Медицинскиот кадар масовно заминува во странство“. Како и онаа што ја објавија Нова Македонија, Вечер и Независен дека „Пописот во 2020 година без прашања за етничка и верска припадност за да се заштити од политизација. Ќе има прашање за јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството и за мајчиниот јазик“.