Светот страхува од нова војна во Газа

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ескалација на судирите меѓу Изреалците и Палестинците

Обединетите нации, ЕУ и Русија ги повикаа Израелците и Палестинците да и стават крај на ескалацијата на насилството во изминативе два дена. Обновените судири се закануваат да ги спречат напорите за окончување на неколкумесечните немири на границата меѓу Изреал и Газа.

Палестински вооружени групи истрелале околу 300 ракети и минофрлачки проектили врз Израел што е најинтензивно гранатирање врз израелска територија од војната во Газа во 2014 година.

Повеќе ракети паднале врз израелскиот град Ашкелон, каде што имало и неколкумина ранети.

„Јас сум преплашена, јас и мојата ќерка пред тоа плачевме, многу луѓе плачеа додека слегуваа по скалите и тука има многу бебиња и сите беа евакуирани надвор, мора да бидеме надвор. Се надевам дека сè ќе биде во ред“, изјави една жителка на Ашкелон.

Тоа беше одмазнички потег по претходниот упад на израелските сили во појасот Газа во кој загинаа седум припадници на Хамас и еден израелски потполковник.

Видео објавено од Хамас покажува дека во понеделникот во близина на границата меѓу Израел и Газа израелски автобус бил погоден од далечински управувана ракета.

Во инцидентот бил повредени неколку израелски војници, јави армијата.

На ова израелската војска одговори со воздушни напади, меѓу другото и врз зградата на телевизијата Ал-Акса на Хамас, за која Израел смета дека „ги поттикнува воените дејства на Палестинците“.

Не се пријавени повредени и се верува дека работниците биле претходно евакуирани.

Израелската армија соопшти дека досега нападнала повеќе од 70 локации на милитантите како одговор на ракетите истрелани од територијата на Хамас.

Израелскиот воен портпарол Џонатан Конрикус изјави:

„Ние го сметаме Хамас одговорен за секоја агресија врз израелските цивили и Хамас со своите акции, предизвикува уништување на Појасот Газа и неговата околина“, вели Конрикус.

Последните судири се случија откако се смирија неколкумесечните немири долж границата меѓу Газа и Израел во кои загинаа неколку десетици палестинци.

По зголемувањето на тензиите премиерот Бенјамин Нетанјаху ја прекина посетата на Париз и свика состанок на шефовите за безбедност.

Во меѓувреме, специјалниот координатор на ОН за блискоисточниот мировен процес Николај Младенов и Египет се обидуваат да ја смират ситуацијата.