Внатрешниот свет на Сашо Блажес во скопската галерија КО-РА

„Чудниот рај“ е насловена изложбата на охридскиот уметник Сашо Блажес, што од 9 до 23 ноември, ќе се одвива во галеријата КО-РА во Скопје. Се работи за избор од 35 дела настанати во периодот од 2005 до 2013 година за време на неговиот престој во Букурешт.

Делата на Сашо Блажес инкорпорираат витални универзуми, разиграни и спонтано иронични оркестрирани со една автентично креативна способност и искреност. Препознатливите елементи од световите на пишаното и искусеното се конвертираат во секвенци на едно специфично визуелно сценарио кое авторот ни го предложува да го поминеме. Една седукативна изложбена патека полна со фантазии.

Ова за творештвото на охридскиот уметник Сашо Блажес ќе го запише романската уметничка, професор и куратор Марилена Преда Санк.

Ана Франговска, куратор во Национална галерија на Македонија, од своја страна забележува дека „делата на Блажес, акварели воглавно, оддишуваат со изграден и цврст ликовен вокабулар, со одлична манипулација со техниката, мајсторско справување со белата позадина, која честопати претставува предизвик за совладување и кај постарите автори. Графизмот, вели таа, т.е. линиите имаат исклучителен потенцијал и всушност тие се двигателите на ликовната егзегеза и нарација. Со знаење и умеење уметникот скратува, деформира, изобличува, преспојува, реинтерпретира, одново создава нови, свои, специфични антропоморфни и животнолики собитија, смета Франговска.

Кураторот на изложбата во галерија КО-РА - Виолета Калиќ, пак, во своето обраќање ќе наведе: Колоритната гама е скерцо на симболи, механизирани, зооморфни, хуманоидни, амбивалентни во морфолошката сигнатура, кои ја носат загатката до преобликување, во една нова и повторно нова и недоречена синтагма, како животот, како мигот, како денот, како сеќавањата, како сонот, како посакувањата, исчезнувањата и појавувањата, како сфатливото и несфатливото, допреното и недопреното во животот, осознаеното и недоосознаеното, посакуваното и непосакуваното, морничавото кое на миг станува гротескно, и пак на миг ги разоткриваме и оние пасажи, речиси детски наивни, кревки, толку суптилни, вонтактилни и тактилни, вонсетилни и сетилни, толку блиски, и толку податни,дури можеби шегобијни, како мигновеноста на сонот, на животот или на детската игра, на дијалогот на недоосознаените идеограми, толку блиски а воедно толку непознати, недофатливи.

А, авторот Сашо Блажес за својата поставка на која нуди избор од 35 дела работени во комбинирана техника и настанати во периодот од 2005 до 2013 година за време на неговиот престој во Букурешт, ќе рече дека ова е мала ретроспектива со која заокружува еден период од своето досегашно творештво. Според него, тие творби се од областа на графичката уметност, при што некаде има допирни точки со сликарството „затоа што се употребува боја како флека, како слободна форма, и тие интерферираат со линии, со штрафури, а тоа сè се должи на моето естетско видување, на мојата фантазија“.

„Чудниот рај“ е само еден наслов кој ги обединува овие дела. Тоа е мојот рај каде што јас уживам, односно моето ателје, моето место каде ги создавам тие дела. И чудниот рај се случува кога си во таа твоја тишина, во твојот сопствен мир и почнуваш да медитираш, линијата да медитира, и одиш по патеката да создадеш едно дело“, вели Сашо Блажес.

Роден во Охрид 1980 година, Сашо Блажески (или Блажес како што се потпишува во творештвото) дипломирал и магистрирал на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек.

За време на магистерските студии бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот.

Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството. Досега самостојно има изложувано во Берлин, Букурешт, Венеција, Њујорк, Темишвар, Сараево и родниот Охрид, а ова му е прва изложба пред скопската публика.

Уметникот и со дополна дека во случајов, како и со досега одржаните поставки низ годините, тој на јавноста и го понудил само ликовниот дел од својата творечка личност. Вели дека во иднина ќе стори напор да ги обедини сите свои знаења и умеења и од другите области во еден настан или изложба од поголеми димензии. Згора на тоа тој истакнува дека од 2015 година наваму се бави со сосема друг правец во сликарството кој досега не и го покажал на јавноста.

„Цели две години, од 2013 до 2015 и се посветив на медитацијата што би се рекло дека бев малку настрана од активното бавење со уметност, за да веднаш потоа почнам да влегувам во сликарството. Да истражувам и да се бавам со некаков нов правец кој досега не сум имал можност да го изнесам пред публиката. Во Скопје се надевам дека со него би дошол некаде веќе следната година“, ќе рече Блажес.

Инаку, неговата поставка „Страст за носталгија“, по премиерното претставување во родниот град Охрид, во декември минатата година се најде и во берлинскиот „Прима центар“. За неа авторот појаснува дека е изложба на портрети и „на инспирација видена во надворешниот свет и преточена во дела“.