На градот покрај Вардар, кој патем се љуби само поради ритамот на неговите сокаци, нестивнатиот дух и мноштвото културни дејанија за сите возрасти, од 4 до 7 ноември, во пресрет на 13 ноември – Денот на ослободувањето, ќе му се случат неговите „Денови на европско Скопје“, мултимедијалниот проект, што како иницијатор и организатор ја потпишува Дирекцијата за култура и уметност. Всушност станува збор за возобновување и модернизирање на една дамнешна, препознатлива и плодотворна идеја која се своевремено се одвиваше под името „Тебе граду мој“.
Со овој проект ќе се обидеме на еден поинаков, модерен и урбан начин да го одбележиме празникот 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. Наедно со тоа ќе се поттикне автентичноста, креативноста, истражувачкиот дух кај младите архитекти, младите фотографи, новинари и воопшто кај сите уметници, вели Елизабета Кузмановска, соработник во Дирекцијата за култура и уметност.
Серијата настани ќе започне в недела, на 4 ноември во 20 часот, во Музеј на Град Скопје со одбележувањето на 25-годишнината од мултимедијалниот проект „Траги“ на фотографот Љупчо Илиевски, кој во основа е посветен на исчезнатиот раскошен кристален лустер кој некогаш го осветлувал и украсувал Офицерскиот дом во градот.
„Траги“ се состои од уметничка и документарна фотографска изложба, репринт на каталогот „Око, раска и видело“ чии автори се писателот Гоце Ристовски и Тања Битољану - Плавшиќ, а издавач ДКУС и од проекцијата на документарниот телевизиски филм „Игра на стаклените монистра“ снимен 1993 година во продукција на МТВ.
„Изложбата ја чинат 27 фотографии – две документарни и 25 авторски. Преку овој лустер во некогашниот Офицерски дом доловив стотина години за предмет што веќе стана и личност. Со својата монументалност – тежок 1.050 килограми, со 176 места за светилки, изработен од чешко стакло и со многу македонски елементи, тој едноставно плени и не може човек да не се даде себеси и да се обиде да ги открие сите негови траги и лузни. Елементарните непогоди, како поплавата во 1962 и земјотресот една година подоцна, не му можеа ништо, меѓутоа човечката глупост и негрижа можат сѐ и сешто и овој лустер, за жал, веќе не постои. Можеби оваа изложба е уште една убава пригода да се направи напор да се најде тој лустер затоа што, некако, во неговата генетика е да се губи и да се појавува во времето“, вели Илиевски во пресрет на јубилејот на својот уметнички проект.
Љупчо Илиевски, фотограф
Веќе следниот ден, во понеделник, во Македонската опера и балет е планирано да се одржи изложбата „Архитектите за европско Скопје“. Учесници се студенти и магистранди кои ќе ги претстават нивните визии за европско, современо Скопје, а куратор на поставката е проф. Д-р Анета Христова – Поповска од Архитектонскиот факултет, при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“.
Во вторник, на 6 ноември, пак, ќе биде отворена изложба „Младите за европско Скопје“ на која ќе бидат изложени фотографии изработени од ученици од средните скопски училишта, за кои во изминатиот период беше организирана и работилница. На отворањето на оваа поставка во Инфо центар на Европската Унија – Скопје, е планирано да се случи и врачувањето на наградите на авторите на трите најдобри фотографии.
Конечно, мултимедијалниот проект „Денови на европско Скопје“ е планирано да биде крунисан во среда на 7 ноември, на малата сцена во Македонската опера и балет, со акустичен сет на Влатко Стефановски насловен „Музички кулиси“. На него големиот гитарист и уметник најверојатно ќе посегне по песните од својот актуелен (патем одличен) студиски албум „Мајчин јазик“, но и по материјалите кои се често присутни на неговиот репертоар со кој е повеќе од достоен претставник на македонската култура и традиција во Европа и во светот.