Со кого расчистува Мицкоски - со непослушните или со „криминалците“?

Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прославата на 23 Октомври

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со исклучувањата од своите редови расчистува и со хипотеките од минатото. Но дел аналитичари потсетувајќи дека некои од исклучените немаат хипотеки, а некои, пак, кои имаат останаа во партијата, велат дека станува збор за пресметка со неистомислениците.

ВМРО-ДПМНЕ засега од своите партиски редови исклучи 11 луѓе. Пораката што се праќа од партијата и од луѓе блиски до неа е дека со ова ВМРО-ДПМНЕ завршува со “хипотеките од минатото, доживува своја катарза, продолжува напред силно, а расчистува и со луѓето кои се осомничени за криминал”.

Но, поголемиот дел од лицата што се исклучени од партијата, односно шест од нив, досега не беа споменати во ниту еден случај на Специјалното јавно обвинителство, ниту, пак, беа поврзани со случувањата од 27 април во Собранието. Тоа се пратениците Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајлоска – Старова, Емилија Александрова, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и реформаторот Костадин Богданов.

Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, вели дека повеќе од очигледен бил континуитетот на политиките на Никола Груевски и кај актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Ако во минатото расчистуваа со политичките неистомисленици, сега расчистуваат со неистомислениците во своите редови. Тука е и изворот на проблемот, тие се кријат зад маската на тоа дека дел од нив се компромитирани и корумпирани, меѓутоа мислам дека клучот е во тоа што тие не се согласуваат со политиките на Никола Груевски, кој стои зад Христијан Мицкоски” смета Гаџовски.

Инаку три пратеници од петте останати опозиционери кои се исклучени- Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Крсто Мукоски се обвинети за учество во случувањата во Собранието на 27 април. Елизабета Канчевска-Милеска е обвинета во случајот Тендери на СЈО, а поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, пак, е обвинет во повеќе предмети што ги води истото обвинителство.

Истовремено во партијата остануваат поранешниот премиер Никола Груевски, кој е и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а е осуден на две години затвор за случајот Тенк. Пресуда има и за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, а нејзиниот поранешен колега Миле Јанакиески исто така е инволвиран во повеќе судски предмети. Двајцата не се на високи партиски позиции, но не се ниту исклучени од партијата. Во актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден кој е поврзан со таквите претходни случаи, тврди Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје.

“Но, не значи дека според случаите што ги повело Специјалното јавно обвинителство може да се брендираат луѓето дали правеле или не криминал, а веќе е јасно дека и самото СЈО не делува најнезависно. Сега е клучно да видиме како ќе се однесува СЈО кон обвиненијата кои ги имаше претходно за луѓе кои гласаа за” вели Божиновски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак на прославата на 23 октомври, замоли, како што рече, да не се обвинувала и валкала партијата.

Одговорноста има име и презиме и таа е лоцирана во поединци кои скршнаа од патот, за жал по цена која ја плативме ние грaѓаните. Но, ВМРО-ДПМНЕ не е виновна. ВМРО-ДПМНЕ е најверниот сојузник на народот”, рече Мицкоски.

Најлесно е да се префрли вината кај некој друг, вели Гаџовски, кој потсетува и на изјавите на Мицкоски и други партиски лица дадени непосредно пред гласањето во кои тврдеа дека пратеничката група е монолитна и дека нема да гласаат за пристапување кон уставните измени.

И за ова треба да се понесе одговорност” смета Гаџовски кој сепак не очекува тоа да се случи, туку смета дека ќе се продолжело со практиката “виновникот да се бара на друго место”.