Творештвото на Дада во Национална галерија на Македонија

Речиси 150 дела, скулптури и цртежи од сите фази на неговото творештво, се претставени на ретроспективно-монографската изложба на доајенот на македонската уметност Драган Попоски Дада, што од 24 октомври до 24 ноември се одвива во НУ Национална галерија на Македонија - во Даут пашин амам во Скопје.

Творештвото на Дада е еден неуморен, експериментален, истражувачки од во изнаоѓање одговор на енигмата наречена „скулптура”, во изнаоѓањето на сопствени патишта и начини да ѝ овозможи слободно движење на масата, секогаш упорно испитувајќи ја толеранцијата, можностите, податноста на мерерот, издржливоста и виткавоста под допирот на неговата рака.

Дада секогаш ја бара онаа суптилна и кротка убавина која во себе ја концентрира виталната снага на природата - во убавината и во силата на изразот, во настојувањето да им се допадне на сетилата, но и во духовната виталност која пробива и допира подлабоко од сетилата и која секогаш смета на кохеренцијата на делото и просторот, на моделирањето на просторното тело.

Дада не ја „гради” скулптурата, туку ја извлекува од мермерниот блок каде што се крие инспиративниот клуч на обликот којшто треба да се оформи. Тој не ја бара онаа примарно конструктивна основа на згуснат волумен, туку самата идеја за одредена форма го опишува обликот, го полира, засекува, огрубува, воопштува, стилизира.

Ова ќе го запише Викторија Васева - Димеска, историчар на уметноста, во својот обемен текст насловен „Драган Поповски Дада – Под епителот на малите монументи“ кој ќе се најде во монографијата печатена во пресрет на ретроспективно-монографската изложба на македонскиот уметник, што од 24 октомври до 24 ноември се одвива во НУ Национална галерија на Македонија - во атрактивниот амбиент на Даут пашин амам во Скопје.

„Ртење“ 1977, мермер

Изложбата претставува одбележување на повеќедецениското творештво кое се издвојува со својот каракатеристичен авторски белег на нашиот еминентен скулптор. На неа ќе бидат презентирани речиси 150 дела (скулптури и цртежи) од сите фази на творештвото на Драган Попоски Дада, кое започнува далечната 1964 год. Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации на ликовни автори, а земaјќи во предвид дека и веќе подолг временски период тој не е активно присутен на македонската ликовна сцена, и покрај парцијалните претставувања на неговите дела во последните две децении, како што велат од Национална галерија на Македонија, „оваа ретроспективна поставка преставува своевиден пресек на неговото творештво, укажувајќи на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност“.

Неговата изложба се должи на мисијата и визијата на Национална галерија на Македонија да бидат претставени творците коишто одиграле значајна улога во развојот на модерната и современата македонска уметност, сликари и скулптори коишто се претставени во постојаната поставка којашто се наоѓа во Даут пашиниот амам, а Драган Поповски Дада е претставен со три негови дела од различни творечки периоди во оној антологиски пресек на македонската уметност. Непрекинатиот процес на создавање чиста форма, компактна ликовна естетика и едноставност на облиците, одамна го позиционираа и потврдија името на Драган Попоски Дада во врвот на македонската скулптура како уметник со свое животно и префинето естетско определување на кое му останува доследен и препознатлив до ден денешен како скулптор на монументалното во интимното“, истакнува Маја Чанкуловска - Михајловска, која заедно со колегите Маја Неделкоска - Брзанова и Горанчо Георгиевски, се куратори на проектот.

„Самоилов војник“ 1965, дрво

Таа и со појаснување дека Драган Попоски Дада не е присутен на сцената само како влијателен автор, туку тој има значајна улога во развојот и восприемањето на скулптурата во Македонија и преку неговата педагошка дејност, како и со изведбата на поголем број споменични обележја во јавни простори.

„Во дефинирањето на авторската легитимација неизбежно и значајно е на едно место да се сублимираат дел од најважните констатации на тогашните критички пера на нашите простори. Според ставовите за креативните димензии на Драган Попоски Дада искажани од неговите современици по повод различните презентации на авторот, тие уште рано ја вбројуваат неговата појава помеѓу најинтересните по својот истражувачки дух и творечки остварувања со вистински автентичен придонес во македонската ликовна уметност, формулирани како релација со националното и традицијата, но со стремеж за надминување на локалното и припаѓање кон светската култура“, смета Михајловска -Чанкуловска.

„Растеж во вертикала“ 1972, мермер

Драган Попоски Дада е роден во Прилеп 1933 година. Академија за ликовни уметности (1961) и постдипломски студии (1964) завршил во Белград, во класата на проф. Јован Кратохвил.

Работел како професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а студиски патувања остварил во Грција, Италија, Англија, Франција, Германија, Полска и САД.

Од 1965 година навака, реализирал повеќе самостојни изложби и учествувал на бројни групни претставувања во земјава и во странство.

Автор е на повеќе монументални дела и е добитник на повеќе награди, меѓу кои во 1981 година највисоката републичка награда „11 Октомври“.

Уметничкиот развоен пат на Драган Попоски Дада е долг, со повеќе развојни творечки етапи. Неговите облиците имаат конкретни инспиративни извори во природата и нештата што го опкружуваат. Предадени се во вид на лесна стилизација, преку помалку или повеќе асоцијативни форми кои ги селектираат деталите до степен на минимализирање на нивната асоцијацијативност. Од друга страна, пак, неговите фигури се исто така суптилно стилизирани, со монументално чувство во внимателното градење на односот на масите.