Суштински или површински промени во медиумскиот простор?

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани вели дека промената на власта не донесе значително подобрување на состојбата со медиумите. Власта пак уверува дека транспарентноста е нивен заштитен знак и дека медиумите во неа имаат партнер за остварување на правата и унапредување на состојбата

Промената на власта не донесе суштинска промена во насока на подобрување на состојбата во медиумите, туку само промена на перцепцијата за медиумската слобода, оценува првиот човек на Здружението на новинари Насер Селмани. Во неделното интервју за радио Слободна Европа тој вели дека и актуелната власт нема сериозни намери да ги спроведе реформите во медиумите кои, според него, ќе значат поголема слобода и одговорност кај новинарите.

„Нема сериозна политичка волја да се влезе во демонтирање на постојниот медиумски систем. Ако сегашната власт мисли дека може да ги инструментализира тие медиуми за нејзините потреби, за зацврстување на нивната власт во Македонија, ќе направат страшна грешка. Тоа впрочем и не е можно. Ако сме сериозно искрени во намерата да се интегрираме во евроатланските структури, со вакви медиуми ние дефинитивно не може да одиме напред, затоа што тие клиентелистички односи создадени меѓу политиката бизнисот и сопствениците на медиумите, апсолутно ги задушуваат медиумите. И ние веќе не можеме да зборуваме за медиуми туку за пропагандна машинерија која со промена на власта ја менува страната и почнува да работи за интересите на таа власт”, вели Селмани во интервјуто.

За разлика од изнесените ставови на Селмани, од власта се категорични дека во изминатата година и половина покажале дека медиумите во власта можат да гледаат партнер во остварување на своите права и слободи.

„Еден од темелите на кои е поставена оваа Влада е отчетност и транспарентност. Сметаме дека токму транспарентноста е најголемиот непријател на лажните вести и дезинформациите и дека само преку соработка со медиумите може да го победиме трендот на агресивно дезинформирање кој ни се случува”, изјави портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Од Владата потсетуваат на одлуката да не се рекламираат во медиумите, како обид за финансиска независност на медиумите која како што велат, е клучна за нивно професионално работење.

Во насока на тоа дека се вложуваат напори за да се смени лошата слика за медиумите, Бошњаковски потсетува на правото на медиумските работници да бараат одговори преку барањето за слободен пристап до информации, а како позитивен пример го наведува и декласифицирањето на голем број документи кои порано не беа достапни за јавноста. Тој истакнува дека Владата исто така ќе ги примени сите европски практики за унапредување на условите за работа на медиумските работници.

Во меѓувреме, Законот за аудиовизуелни и медиумски услуги е сè уште во собраниска процедура, а според Селмани, иако истиот не значи завршување на реформите во медиумите, измените се предуслов кој треба да обезбедат амбиент за непречено и слободно функционирање на медиумите. Законот, вели Селмани, е заложник на партиските пазарења меѓу пратениците во Собранието. Измените на тој закон беа производ на поширока дебата во која учествуваа повеќе новинарски и медиумски организации.​

Во последниот извештај на организацијата „Репортери без граници” Македонија се најде на 109-тото место, односно како најлошо рангирана од земјите на Балканот. Во извештајот се наведува дека: „падот на режимот на Никола Груевски доведе до мало намалување на владината контрола врз медиумите, но сè уште е прерано да се биде сигурен во намерата на владата да создаде трајно подобрување на ситуацијата“.