Почнува новата грејна сезона. Конкретно, сезона на нов смог над Скопје и Македонија. Актуелната власт во предизборието ветуваше динамично справување со загадениот воздух. Но, и во октомври не може да се прецизираат активностите што ги презеле во текот на годината.
Надлежните на централно ниво ги набројаа усвоените мерки и препораки од повеќе страни. Меѓутоа, Министерството за животна средина нè информира што конкретно е сторено пред започнување на зимскиот период. На ова реагираат и О2 Коалиција за чист воздух, потсетувајќи дека во август е остварен состанок на интерресорската група за амбиенталниот воздух, со која раководи премиерот Зоран Заев, но по седум месеци пауза.
„Не е дозволиво да бидеме на тоа: - еве се работи, ама нема резултати. Доколку нема резултати, тогаш треба да се врати назад процесот и да се види каде е проблемот. Изгледа дека институциите не функционираат како што треба и според тоа, треба некој да сноси одговорност. Кај нас додека нема одговорност и додека тоа не се објави, изгледа ништо не се случува. Значи мора да има и строги контроли и мора да има санкции. Не е дозволиво четири години на исти места да се појавуваат црни чадови и никому ништо за тоа или да се чека пет месеци да се реши проблемот, па повторно се повторува проблемот и пак немаме решение. Исто така, еве за проблемот со Железара - се уште немаме информации што се случувало и дали е некој санкциониран, а имаше огромно загадување. Кога ќе дојде зимскиот период, овие загадувања некако ќе се изгубат во целиот тој смог, и тогаш нема да можеме да ги откриеме. Летниот период беше идеален за да може да се санкционираат сите вакви потенцијални загадувачи“, истакна Невена Георгиевска, од О2 Коалицијата за чист воздух.
Над нормални загадувања бараат над нормални активности
Загриженоста за воздухот тукушто почнува, а наскоро може да очекуваме и протести со маски на лицата против загадениот воздух. Пред самиот старт на оваа сезона, активистите ги запрашаа надлежните до каде е Приоритетниот акциски план за справување со загадувањето на воздухот за 2018 година. Ние се обидовме да добиеме конкретни информации од Министерството за животна средина за преземените активности.
Меѓутоа, во нивниот одговор како акции единствено се наведени усвоени препораки и мерки, потпишани спогодби, планирани истражувања и слично. Недостасуваа конкретните мерки, инспекциски контроли и санкции, како и ветената алатка за следење на Приоритетниот акциски план. Од селектираните јавно објавени информации може да се заклучи дека нема одговорност и казнивост.
„Инспекциската контрола да си ја извршува работата многу поревносно и транспарентно да ги објавува резултатите од тие инспекциски надзори кои ги врши да видиме дали има санкции на тие загадувачи. До сега ние видовме дека многу пати се пријавува од граѓаните, а ништо не се случува на терен, и доколку имало инспекциски надзори како што има известување, не знаеме што понатаму - дали се казнети, дали се следи нивната работа, дали се повторува, треба да се спроведува она што го налага законот доколку и тука има пречки потребна е промена на законската регулатива. Мора целосно да се делува на проблемот, кој е комплексен, сите знаеме дека е комплексен, и не само на одредени извори значи загадувањето потекнува од многу и не треба да се банализира дека некои извори помалку или повеќе загадуваат. Ние имаме над нормални загадување и треба да се делува кај сите паралелно, значи не треба да се чека прво едното да го средиме туку треба паралелно да се делува кај сите“, изјави Георгиевска.
Од 39 ветени, едно барање исполнето
Властите пак на локално ниво исто така стагнираат со мерките против загадениот воздух. Конкретно, скопскиот градоначалник Петре Шилегов во предизборието заедно со другите кандидати потпишаа обврзувања со 39 барања од О2 Коалиција за чист воздух. Токму на апликацијата „Мој Воздух“ е поставен бројач за исполнување на овие обврски. Досега, Шилегов исполнил едно барање, односно стопирање за прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат.
Со оглед на досегашните активности, алармантната ситуација со загадениот воздух нема да се промени. Уште одамна е познато дека Македонија има сериозен проблем со загадениот воздух, а како потсетување, научни истражувања покажаа дека во Македонија годишно се губат околу 1300 животи од аерозагадувањето.