Економистите велат дека нови избори ќе бидат штетни за бизнисот и оти ќе влијаат и на стагнација на економскиот раст. Тие посочуваат дека на стопанството му е потребна стабилна и мирна политичка клима и наведуваат дека во изминатите неколку години политичките кризи во државата проследени со чести изборни циклуси негативно се одразија врз економијата. Во прилог на ваквата состојба, тие укажуваат дека во периодот по референдумот за името на државата и членството во ЕУ и НАТО, политичарите треба да ги исцрпат сите можности за дијалог со цел политичката ситуација да се реши брзо. Предвремените избори кои се најавуваат како едно од сценаријата по референдумот, според поранешниот гувернер на НБРМ Љубе Трпески, меѓу другото подрaзбира ситуација во која од еден до два месеци економијата и функционирањето на институциите ќе бидат во сенка на политичката кампања.
„Како што сега цела влада беше окупирана за референдумот, така и за изборите ќе биде месец-два, колку ќе трае тоа, комплетно окупирани, никој нема да мисли ни за бизниси ни за закони што треба да се спроведуваат Најнапред да се направат сите напори да се обезбеди 2/3 мнозинство и да се изгласаат амандманите, а за избори секогаш има време“, вели поранешниот гувернер на НБРМ Љубе Трпески.
Со оглед дека економијата влезе во фаза кога состојбите почнаа да се раздвижуваат и кумулативно има раст на БДП од 1,6 проценти во првото полугодие, а во вториот квартал 3,2 отсто, економистите исто така велат дека земјата сè уште е далеку од економска стагнација, и оти затоа е значајно да нема нови политички турбуленции. Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека со политичките случувања во земјава неостварлив е проектираниот раст од над 3 проценти до крајот на годината.
„Економијата ќе биде на позитивна нула и ќе бидеме среќни ако нема негативен раст. Мислевме по референдумот ќе се фокусираме на започнати проекти, но фокусот нема да биде на економијата туку да се мобилизираат сите ресурси за да се дојде до прифатлив договор. Ќе се потроши време за политички консензус и ќе се остават настрана темите за економијата“, вели Адеми.
Тој дополнува дека и во минатото беше видливо, и оти тоа го покажуваа и статистички показатели, дека во услови кога има избори и одредени кризи, стопанството трпи удари и се доведува во пад или стагнација.
„Би се вратиле повторно на нулта позиција, тоа е пред сè неизвесност и нервоза во смисла на странски инвестиции, недоаѓање додека не се реши ова круцијално прашање за Македонија А во дел на локални компании, од нивна страна има неизвесност да не се рекапитализира профитот и нивните пари зашто не се знае што ќе биде, а за владата тоа ќе бидат дополнителни трошоци за избори, непродуктивни трошења и застој на капиталните инвестиции“, вели Адеми.
Инаку вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев за време на Самитот 100 во Белград, изјавил дека после референдумот на кој не излегле доволно гласачи, не очекува политичка криза во државата.
Македонија минатата година ја заврши годината со 0,1 отсто раст, а проектираниот раст за оваа година е 3,2 проценти.