Достапни линкови

Капиталните инвестиции ниски, оптимизмот кај владата висок


Архивска фотографија: Градежни активности на автопатот Миладиновци-Штип на 23 јули 2014
Архивска фотографија: Градежни активности на автопатот Миладиновци-Штип на 23 јули 2014

Реализацијата на капиталните инвестиции во првата половина од годината е на најниско ниво во изминатата деценија, опозицијата обвинува за економско цунами, а власта демонстрира оптимизам дека работите ќе се поправат до крајот на годината.

Продолжува рекордно ниското ниво на капитални инвестиции и покрај владините најави дека реализацијата ќе се забрза во вториот квартал. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека во првата половина од годинава се реализирани само 65 милиони евра, односно 16,5 отсто од планираните капитални инвестиции за целата година, што е убедливо најмалку во последната деценија. За годинава беа планирани 392 милиони евра за капитални инвестиции.

За споредба, во првото полугодие минатата година имало над 140 милиони евра капитални инвестиции, односно 36 проценти од планираното, што е повеќе од двојно повеќе отколку годинава. Официјалните податоци покажуваат дека во изминатата деценија, во првото полугодие, капиталните инвестиции се движеле меѓу 100 и 140 милиони евра, односно меѓу 23 и 40 отсто од планираното за целата година.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека економијата е во слободен пад. Пратеничката Лилјана Кузмановска обвини дека вината за тоа е кај „неспособното економско трио, предводено од премиерот Зоран Заев“.

„Замислете, помина половина година, а владата на Заев и СДСМ не реализирале ниту 17 проценти од капиталните инвестиции што самите ги планираа. Ова е одраз на неработењето и економското цунами коешто криминалниот картел на чело со Заев ѝ го направи на Македонија“, обвини таа.

Премиерот Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања, рече дека мало влијание на ниската реализација на капиталните инвестиции има и „недоволната храброст на државните службеници за потпишување на постапките за јавни набавки“, но најголем проблем е што немало проекти за реализација, а оние што ги имало морале да бидат коригирани, како што е автопатот Кичево-Охрид.

„Јас очекувам веќе вториот квартал со податоците, а посебно третиот и четвртиот квартал да имаме сериозен раст, и на капиталните инвестиции во државата и на нискоградбата, поради тоа што сите проекти се ослободени, тендерите се распишуваат во државата, има компетитивност“, рече Заев.

Сепак, по податоците за слаба реализација на капиталните инвестиции во првиот квартал, вицепремиерот Кочо Анѓушев исто така најави забрзување во второто тримесечје, но тоа не се случи.

Експертите посочуваат дека ако не се забрзаат капиталните проекти, ќе биде речиси невозможно да се постигне планираниот економски раст од 3,2 отсто за годинава. Растот во првиот квартал беше само 0,1 отсто.

„Во првата половина од годинава, владата беше повеќе посветена кон решавање на некои, условно кажано, постратешки цели, како што е проблемот со името или евроинтеграциите, но тоа не смее и не може да биде изговор за слабо спроведените капитални инвестиции“, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

Тој посочува дека капиталните инвестиции треба да се интензивираат, а не да се скратат со некој иден ребаланс.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG