На македонските компании со членството во ЕУ ќе им се отвори пазар од 500 милиони потрошувачи. Според податоците на Државниот завод за статистика, Македонија најголема трговска размена има со земјите од ЕУ. На прво место од првите шест месеци во годината по остварена трговска размена со земјава е Германија, па потоа следат Грција и Британија.
Генералниот менаџер на Раде Кончар, Горан Антевски, вели дека секој бизнис со отворањето на границите и со влезот во ЕУ ќе има позитивни и негативни страни.
„Прво негативните влијанија, тоа е одливот на работната сила што и се случува во сегашниот период и проблемот што може да настане со поголемата конкуренција што може да влезе во Македонија, Но, од друга страна, по мене, има попозитивни работи со влезот во ЕУ и во НАТО, затоа што ќе ни се отворат нови пазари. Движењето на транспортот и на луѓето ќе биде многу поедноставен и ќе се внесе нова енергија во самиот сегмент на живот и на бизнисот пред сè. Секако тука највеќе би сакал да кажам ќе биде влезот на свеж капитал, затоа што во ЕУ има фондови кои што можеме да ги користиме ние, бизнис секторот, а секако потоа и обичниот граѓанин“, вели Антевски.
Ангел Иванов од туристичката агенција Адриатик Маврово посочува дека нема дилеми оти ЕУ е опцијата за вистински развој.
„Но, тоа е веќе втората фаза. Првата фаза освен некогаш и некој прием, треба сериозно да се одработи. Бидејќи знаете ние едно време во социјализмот правевме завршни сметки со позитивна нула. Нема позитивна нула или си способен или не си. Сега веројатно ако влеземе во ЕУ може ќе има некои субвенции, ќе не потикнуваат, малку со предупредување, малку со пари и ако малку сме добри ќе успееме“, смета Иванов.
Спорот за името со Грција и досега не влијаел врз бизнис врската со Македонија и тоа го докажува и грчкиот капитал во земјата, вели Јорго Дерменцис, менаџер во меѓународна фирма. Но, неговото решавање ќе помогне во соработката меѓу малите бизниси, а влезот во ЕУ значи пристап до голем пазар.
„Членство во ЕУ значи дека ќе имате пристап до фондовите на ЕУ, пристап до ЕУ фондовите ќе имаат и банките кои ќе имаат подобра стабилност и полесно ќе биде за нив да има даваат заеми на инвеститорите за да работата тука. Извозот мислам дека е првото нешто, како и домашните производи кои ќе бидат изложени на овој голем пазар и тоа ќе биде добар знак. Но, членството во ЕУ не значи само земи пари и работи. ЕУ е гаранција за странските, а исто така и за домашните инвеститори, како и гаранција за политичка стабилност. Кога има политичка стабилност може да имате долготрајни инвестиции во секоја земја“, истакнува тој.
Според Антевски, влезот во ЕУ за неговата фирма ќе значи олеснување на транспортот, укинување на царината, поедноставен начин на исплати и пристап до фондови.
„Бугарски колега со кој работиме слични производи во последните години користи европски фондови каде што 50 проценти од сите трошоци за купување на нова машина и опрема му се враќа. Додека ние во Македонија во последните 10 до 15 години само плаќавме царини и давачки на државата, а ни еднаш до сега не се врати нешто во стопанството“, додава тој.
Пречка, според Иванов се недостатокот на финансии за инвестирање, но и потребен е и поголем труд за успешен развој на бизнисот.
„Јас имам кадровски проблеми, а мислам дека и други колеги и други фирми имаат кадровски проблеми. Неретко младите луѓе не сакаат да работат зошто ние можеме да дадеме толку колку што остваруваме. Не можеме да дадеме плата од 1000 евра тогаш нашите услуги треба да се 5000 евра. Значи даваме толку колку што можеме. И не секој се труди доволно за заедно да направиме подобар производ“, посочува Иванов.
Членството во НАТО по примерот на соседните земји пак ќе значи зголемување на странските инвестиции во Македонија.