Расте трговската размена меѓу Македонија и Кина

Архивска фотографија. Премиерот Зоран Заев на Седмиот самит - Кина и земјите од Централна и Источна Европа (16+1)

Во Македонија најголем кинески проект е изградбата на автопатот на релацијата Кичево - Охрид, во вредност од над 400 милиони евра. Но за да биде доизграден, сега се неопходни дополнителни кредити. Во последниве пет години, пак, Кина влезе во групата од десетте најголеми трговски партнери на Македонија.

Во последните години има сè поголем интерес за инвестирање од кинески компании и во Македонија исто како и во останатите држави од Западен Балкан. Видливо е дека во земјава кинески инвестиции има во инфраструктурата пред сè во изградба на патиштата.

Повеќе увоз, помалку извоз во Кина

Од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека вкупната трговска размена на Република Македонија со НР Кина за првите осум месеци од годинава изнесува 316,1 милиони американски долари.

„Споредено со истиот период лани евидентирано е зголемување од 12,25 проценти. Во истиот период остварен е извоз во вредност од 21,5 милиони американски долари со намалување од 52 отсто споредено со седумте месеци од 2017 година, додека увозното салдо изнесува 294,6 милиони американски долари и евидентира раст од 24,4 отсто“, вели Даниела Михаjловска - Василевска од Стопанскатa комора на Македонија.

Во трговската размена со Кина, Македонија остварува негативен трговски биланс од 237 милиони американски долари кој споредено со истиот период лани е повисок за 42,2 отсто.

Од Сојузот на Стопански комори посочуваат дека во последните пет години Кина се позиционира меѓу 10-те најголеми трговски партнери на Македонија и оти по Германија, Велика Британија и Грција кои се на првите три места, Кина е седма земја со најголем обем на размена со државава.

Директорот на Сојузот на Стопански Комори на Македонија Александар Зарков, вели дека во наредниот период очекува натамошен раст на трговската размена со Кина

„Трговската размена меѓу Македонија и Кина расте. Бележи еден континуитет на раст, и на наше задоволство, процентуално обемот на трговска размена се зголемува од 2016 кон 2017 за извоз во Кина дури до 30 проценти. Обемот во 2017 година достигна на ниво од 506 милиони евра. Се надеваме дека во следната година со сите активности на релација Македонија Кина ќе допринесат за зголемување на обемот “, изјави директорот на Сојузот на стопанските комори Александар Зарков.

Кинески кредити за автопатишта

Најголем градежен проект на Кина во Македонија, преку заем од ЕКСИМ банката, е изградбата на автопатот Кичево - Охрид во должина од 57 километри. Моментално сумата за изградбата на автопатот изнесува 411 милиони евра, но се водат преговори меѓу Синохидро и Владата за тоа колку дополнително кредит треба да се земе за да се заврши проектот. Исто така во фаза на изградба е патот Миладиновци - Штип. Автопатот Миладиновци – Свети Николе - Штип е во должина од 47 километри, а вкупната вредност за изградба е 226 милиони евра.

Во врска со автопатот Кичево - Охрид во јавноста во повеќе прилики беа изнесувани забелешки дека според стариот договор, кој го склучила претходната Влада, тој договор ќе ја чини Македонија многу повеќе отколку што беше предвидено со првичниот.

Универзитетскиот професор, Ванчо Узунов, воочува дека решението за автопатот Кичево – Охрид, што било прифатено од претходната влада и сега во обновените преговори, доведува до тоа тој пат да биде прескап.

Користа е во тоа дека Македонија ќе добие автопат кој во моментот не можела да го финансира сама, а кинеската страна го финансира. Но прашање е дали навистина ќе поминеме на крај со најевтиното решение. Веќе сега се гледа дека тоа решение што било прифатено тогаш и сега во обновените преговори доведува до тоа тој пат да биде прескап. Тој договор се покажа дека бил склучен по правила кои не важат и не би требало да важат за сите инвестиции. Не знам каква ќе биде конечната разврска, но очигледно имало премногу пропусти. Така што инвестиции во ред, но правилата под кои ќе се спроведуваат фактички ја прават исплатливоста на инвестицијата, ако не тие се исплатливи“, изјави професорот Узунов.

Toj нагласува дека за Македонија е битно правилата за инвестирање да не ги менува за кинеските инвестиции, туку и за оваа земја да важат европските правила што се применуваат за останатите инвеститори во Македонија.

„Значи да нема посебен однос, туку под истите правила тендер да добие оној кој има или најниска понуда или најдобра понуда по квалитет и цена. Потоа роковите на извршување и се останато како и за кој било друг странски инвеститор во која било област“, вели професор Узунов.

Во врска со автопатот Кичево - Охрид вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во изминатиот период потенцираше дека биле наследени огромни проблеми поврзани со непостоење на девет клучки во самиот проект, непостоење на алтернативни патишта, потоа огромен проблем со геомеханичките карактеристики на тунелот и проблеми со косините на трасата, и дека поради тоа се потребни дополнителни финансиски средства за доизградба на оваа автопатска делница.

Исто така тој информираше и дека финансиските средства што ЈП за државни патишта ги исплаќало кон изведувачот по однос на градежни материјали биле многу повисоки во споредба со реалните пазарни цени.

Со цел да се надминат сите проблеми во изминатиот период, тим од Владата правеше анализи и водеше разговори како со изведувачот на проектот, така и со релевантни консултанти, за да се интензивира изградбата на автопатската делница и во тој процес, како што изјави, тој смета дека овозможиле сериозни заштеди за државата.

Македонија да се промовира како дестинација за директни инвестции

Инаку со оглед дека во моментот од Кина најмногу има инфраструктурни активности и проекти од Сојузот на стопански комори посочуваат дека тие како стопанственици ја интензивираат соработката и сакааат да ја промовираат Македонија како дестинација за влез на директни инвестиции на кинески компании, посочувајќи го примерот од регионот со Србија која деновиве потпиша договор со Кина вреден милијарда долари за фабрика за гуми.

„Во моментот највидливи инвестиции се во инфраструктурата, што е најважно за Македонија како држава оти тоа ќе ги олесни сите текови и бизнис релациите. Геостртешката позиција на Македонија бара да ги користиме сите можни надворешни фондови за да ја подобриме инфраструктурната поврзаност. Во моментот има голем придонес од Кина, но се надеваме дека ќе има и индивидуални бизнис релации каде директно компаниите од Кина заедно со македонските компании ќе влегуваат на пазарите на ЕУ и директно македонските производи да си најдат соодветно место на кинескиот пазар”, вели Зарков.

Освен економски во игра се и политичките интереси

Осврнувајќи се на зголемениот интерес на Кина за вложувања, економистите велат дека во минатото економијата на оваа земја била затворена и се развивала со сопствени средства, затоа што е огромен пазар, но оти Кина сфатила дека глобализацијата е важна и дека ќе мора да има меѓународно присуство.

Аналитичарите укажуваат дека освен економски интерес вложувањата на Кина во Македонија и балканските земји укажува и на политички интереси. Професорот по економија, Ванчо Узунов, вели дека Македонија е интересна за Кина како една од појдовните точки за нејзино навлегување во Европа .

„Секогаш има политички интереси, тоа не е спорно, но Македонија тука треба да гледа каде е нејзиниот економски интерес. Македонија е каменче во мозаикот гледано од аспект на Кина. Светот е во процес на глобализација 30 -40 години и светот станува единствен економски простор. Во тој единствен економски простор сите држави гледаат што подобро да се позиционираат. Тоа го прави и Кина. Идејата на Кина е како побрзо да стигне до Европа да транспортира и стоки и услуги преку овој коридор идејата е како да се навлезе на европскиот пазар“, вели професорот Узунов

Основот по кој се отворија повеќе можности за соработка со Кина , и иницирање нови инвестициски активности е проектот „16+1“, кој ги опфаќа земјите од Централна и Источна Европа со Кина. Согласно овој проект се работи на зголемувањето на трговската размена и подобрувањето на инфраструктурната поврзаност, што треба да ја унапреди соработката меѓу двете страни.

„Стопанската комора на Македонија со свои членки учествува на поголем дел од активностите поврзани во рамки на проектот 16+1. Имајќи го предвид фактот дека изминатиот период расте интересот за инвестирање на Кина во земјите од регионот, Црна Гора, Грција, Србија, има можност за проширување на инвестициската активност и во нашата земја пред се во делот енергетиката и инфраструктурата”, вели Даниела Михајловска - Василевска од Стопанската комора.

Инаку според официјалните податоци во структурата на извозот на македонски производи на кинескиот пазар најзастапени се: мермер, травертин, и друг варовнички камен фероникел, вино, разни видови електрични апарати, рачни часовници , возила за специјална намена, делови и прибор за моторни возила и други електрични спроводници.

На страната на увозот од Кина во Македонија најголемо учество имаат: телефонски апарати, вклучувајќи и телефони за целуларни мрежи, приемни апарати за телевизија, машини за климатизација, ткаенини со 85 проценти памук или повеќе, производи од железо или нелегиран челик.

Со цел поттикнување на развојот на стопанската соработка и создавање поволни бизнис-услови, Македонија и Кина во 1995 година имаат потпишано Договорот за трговска и економска соработка.

Македонија и Кина имаат потпишани повеќе видови спогодби меѓу кои за инвестиции за изградба на училишта, здравствена инфраструктура, набавка на училишни автобуси и сл.

„До сега за вакви проекти Кина и Македонија потпишале договори во висина од 13,4 милиони евра. Двете земји имаат потпишано и Договор за инвестиција од 25 милиони евра за набавка на железнички патни композиции, за соработка за инфраструктурни проекти за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, вредни 580 милиони евра”, вели Даниела Михајловска - Василева од Стопанската комора.

Паралелно, а во насока на поттикнување на меѓусебната економска соработка и Стопанската комора на Македонија има потпишано спогодби за соработка со Советот за меѓународна промоција на трговијата - Потсоветот на Нингбо, Меморандум за соработка со Саемот за широка потрошувачка Кантон и со Кинеската стопанска комора и Кинескиот совет за промовирање на надворешната трговија. Договори за соработката Комората има потпишано со Кинеската федерација на комори за индустрија и трговија, железарија и електромеханика од Сечуан и со Кинескиот совет за промоција на трговијата на Сечуан.

И Од Сојузот на стопански комори велат дека во наредниот период имаат амбиција и намера Кина да биде голем трет пазар за македонските стопанственици и освен за извоз на фероникел мермер и вино тие планираат да допринесат за зголемување на обемот на трговска размена и за други производи кое ќе најадат место на кинескиот пазар. Директорот на комората Зарков наведува повеќе активности кои тие ги преземаат за подобрување на бизнис релациите со оваа земја. Тој вели дека минатата година седум компании од Македонија склучиле договор за соработка со Кина.

„Имаме склучено договор за соработка со Олд Чaјнa Федерејшан, најголемата стопанска комора во Кина. Во проектот на „16+1“во континуитет сме присутни наовие меѓународни настани. Веќе има и конкретни резултати. На еден од форумите седум компании склучија договор за соработка со компании од Кина на форумот во јули во Бугарија 30 компании од Македонија беа присутни и со тоа се отвораат можности за соработка”, вели Зарков.

Последниот самит на „16+1“беше во јули во Софија а соработката на Народна Република Кина со земјите од Источна и Централна Европа започна во Будимпешта, и продолжи на состаноците во Варшава во април 2012 година, Букурешт во Романија (2013); Белград, Србија (2014); Суџоу, Кина (2015) и Рига, Латвија (2016).

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Балканот со кинески кредити до ЕУ

Може ли Балканот со кинески кредити да влезе во ЕУ?

Додека Кина го проширува својот економски дострел под амбициозната иницијатива „Еден појас, еден пат“, сиромашните земји во Азија, Африка и Европа добиваат атрактивни кинески заеми за инфраструктурни проекти. Некои, како Шри Ланка и Монголија, потклекнаа под долгот и сè повеќе се потпираат врз Пекинг. Црна Гора и е меѓу првите земји во Европа која се најде во оваа позиција со патното поврзување меѓу пристаништето Бар на црногорскиот брег на Јадранско Море со Србија.

Гоце Атанасов

На врвовите на високите бетонски столбови во црногорскиот живописен кањон Морача, голем број кинески работници градат најсовремен автопат низ некои од најгрубите терени во јужна Европа. Владата за оваа делницата во должина од 165 километри со многу мостови и тунели, вели дека е градба на векот и пат до модерниот свет.

Но, откако заврши првиот дел од 40 километри низ планините северно од Подгорица, владата се соочи со тежок избор. Кинескиот заем за првата фаза го зголеми и долгот на Црна Гора и ја принуди владата да ги покачи даноците, делумно да ги замрзне платите во јавниот сектор и да им стави крај на субвенциите за мајките. И покрај овие мерки, долгот на Црна Гора се очекува годинава да достигне 80 отсто од бруто домашниот производ, а Меѓународниот монетарен фонд оцени дека земјата не може да си дозволи да зема повеќе долгови за да го заврши овој амбициозен проект.

Владата се надева дека автопатот ќе даде економски поттик за недоволно развиениот северен дел на земјата, ќе ја зајакне трговијата со Србија и ќе ја подобри безбедноста на патиштата. Но, сомневањата за автопатот се појавија по две физибилити студии кои покажаа дека не е економски одржлив.

МАНС, тело за борба против корупција финансирано од ЕУ, ја притиска владата да им обезбеди податоци. Заменик-извршниот директор на МАНС, Дејан Миловац, вели дека организацијата имала податоци што ги користело црногорското Министерство за транспорт за да ја оправда изградбата на автопатот.

„Нема сомневање дека податоците што Министерството за сообраќај ги користи за да ја оправда изградбата на автопатот се фабрикувани“.

Црногорската влада негира дека манипулира со бројките и вели дека автопатот ќе донесе долгорочни економски и социјални бенефиции.

Зорана Михајловиќ, заменик премиер на Србија, која гради дел од автопатот со кинеска помош за поврзување со црногорскиот пат, е со сличен став, велејќи дека некои инвестиции се стратешки важни, дури и ако тие нема да направат профит на краток рок.

„Не можеме точно да кажеме дека ќе има таква профитабилност, но е стратешки важен. Правам паралела, бидејќи постојат и други инфраструктурни проекти кои можеби не се веднаш профитабилни, но ќе станат профитабилни во иднина“.

Шестте земји од Западен Балкан - Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија - се опкружени од земјите-членки на ЕУ. Но, регионот страдаше од недоволно инвестирање и лошо владеење по војните за независност од 1990-тите, што доведе до нивен економски застој. Во текот на изминатата деценија, додека ЕУ се бореше со економски кризи и го остави проширувањето за други времиња, Русија и Турција, почнаа да ја пополнуваат празнината. Во економскиот дел Кина е особено активна. Инвестициите на Кина во регионот изнесуваат повеќе од 6 милијарди евра. Србија, најголемата економија во регионот и долгогодишниот сојузник на Пекинг, добива лавовски дел. Црна Гора пак, е привлечна за Кина поради многу причини. Меѓудругото, тоа му дава на Пекинг порта за влез во Европа од Јадранското Море, а блиските економски и политички врски со владата во Подгорица би можеле да бидат корисни за Кина ако Црна Гора стане членка на ЕУ. Но, опозициските политичари се загрижени за улогата на Кина.

Дритан Абазовиќ, шеф на опозициската партија Акција за обединети реформи вели дека е нормално економска моќ како Кина да бара улога во регионот, заедно со ЕУ, САД и Русија. Но, поради обемот на проектот, тој е загрижен за договорот со Кинезите.

„Милијарда евра инвестиција која е најголема во историјата на оваа земја, од кинезите, и со кредити што не е толку лесно да се финансираат во иднина, ги става Кинезите во многу, многу удобна позиција во Црна Гора“.