Брегзит без договор е катастрофа и за ЕУ и за Британија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ЕУ и Британија во барање компромис за Брегзитот

Неформалниот самит на Европската унија во Салцбург е посветен на Брегзитот, односно на неопходноста излегувањето на Британија од Унијата да биде со договор, кој засега се уште е тешко да се постигне.

Британската премиерка Тереза Меј, пристигнувајќи на самитот во Салцбург ги повика колегите на Европската унија да го следат нејзиното водство и да го адаптираат својот преговарачки став за Брекзитот за да се постигне добар договор.

„И ако сакаме да постигнеме успешен заклучок, исто како што Велика Британија ја разви својата позиција и ЕУ ќе треба да ја развива својата позиција исто така. Но, јас сум убедена дека со добра волја и одлучност можеме да постигнеме договор кој ќе биде добар за двете страни“, рече Меј.

Таа ги бранеше нејзините предлози за идните царински и трговски односи, наведувајќи дека тие се единствените кои не предвидуваат цврста граница со Северна Ирска.

Германската канцеларка Ангела Меркел, пак, повика на пријателство и почит во преговорите меѓу Британија и Европската унија за Брегзитот.

„Се надевам дека имаме излез кој се одржува во добра атмосфера, со голема почит еден кон друг и дека во одредени области можно е многу блиска соработка, имено во областите на безбедноста - домашна и странска безбедност“, рече Меркел.

Претходно, австрискиот канцелар Себастијан Курц, чија земја претседава со Европската унија ја повика Британија да биде пофлексибилна во преговорите.

Мислам дека немањето договор и тежок Брегзит ќе биде тешко за Европа, но тоа ќе биде ужасно за Велика Британија. Значи, причината зошто ние како Европската унија и ние како Австријци би сакале да имаме компромис е дека мислиме дека тоа е подобро за двете страни“.

На само уште шест месеци, според предвиденото, пред Британија да излезе од Европската унија и двете страни се обидуваат да обезбедат некаков договор за идните односи пред крајот на годината.

Токму за таа цел претседателот на Европскиот совет Доналд Туск најави дека ќе го повика лидерите на Европската унија, кон средината на ноември на состанок за финализирање на договорот за излегувањето на Британија од Унијата.