Академската година за студентите на универзитетите во Македонија почнува на 1 октомври, а академците на факултетите повторно се соочуваат со дел од старите проблеми и бараат да се подобри опременоста на факултетите да се преиспита нивното финансиско оптоварување и да се подобрат условите во студентските домови.
Студентите велат дека не се инвестира во ресурси и укажуваат дека факултетите немаат пристап до релевантни бази на податоци. Но она што уште повеќе згрижува е што во Македонија бројот на запишани студенти во првиот уписен рок е можеби за две третини помал од очекуваната бројка на студенти, независно дали се работи за државни или приватни факултети, вели универзитетската професорка Гордана Поп Симонова.
„Што се однесува до успешноста или неуспешноста на почетокот на годината забележливо е дека е огромен падот на бројот на запишани студенти, барем во првиот уписен рок“, вели Поп Симонова.
Матурантите по завршувањето на средно се решаваат да го продолжат своето образование во странство и тоа е ситуација започната, пред една до две години минимум, кога ја донеле одлуката дека не сакаат да студираат во Македонија и тоа е проблем кој треба да се обмисли, размисли и разработи, така што многу многу работа останува во високото образование, вели професорката Поп Симонова.
Зборувајќи за заминувањето на младите луѓе на студирање во странство, дел од нив коментираат дека не е проблем што одреден број лица заминуваат во западните земји, бидејќи сметаат дека таму условите за студирање, но и за работа се значително подобри, а платите се поголеми и социјалниот стандард е на повисоко ниво. Тие нагласуваат дека важно е државата преку образовниот систем да прави нешто што е во нејзина моќ да ги врати и да ги задржи оние кои сакаат да останат или да го спречи натамошниот интелектуален егзодус
Теано Кардула е поранешен член на средношколскиот пленум што беше активен пред неколку години, кога средношколците го кренаа својот глас поради проблемите во образованието. Денес Кардула студира графички дизајн во Солун. Таа вели дека таков смер засега нема на државните факултети во Македонија. Но тоа што кај нас недостасуваат смерови кои се актуелни во моментот во светот не е единствена причина поради која си заминала.
„Сите бараат шанса како да заминат од државата. Не се ценат дипломите, не сме на Шангајската листа. Нема работни места соодветни, има кадар кој е невработен. Освен што се трупа многу невработен кадар во Агенција за вработување ништо не се случува, но затоа ни се случува деца со завршени факултети да одат да работат по Мекдоналдси во Германија и други западни земји. Тоа е главната причина“, вели Кардула.
Последните податоци од Заводот за статистика покажуваат дека минатата година на факултетите во земјава дипломирале 8548 студенти, што е раст од 3,6 отсто во споредба со 2016 година. Но, проценката на Светска банка е дека речиси 30 отсто од стручниот кадар живее и работи надвор од земјава.
Стефани Спировска од Младинскиот образовен форум (МОФ) вели дека има квалитативни и квантитативни причини поради кои младите заминуваат во странство.
Во врска со квантитативните причини таа го посочува широкиот спектар на научни области кои се достапни на универзитетите во странство со акцент на додипломски или постдипломски студии или пак нови научни области кои кај нас доцнат или се во ран развој.
„Од страна на квалитативни причини најважни се лесен и постојан пристап до нова стручна литература, модерно опремени научни установи, пристојнитe студентски домови и општествените поволности кои ги имаат постојано, како студентски попусти и активности креирани за нив“, вели Спировска.
Таа дополнува дека особено важна карактеристика за студиите во странство се и честите пракси и контакти со работодавачи, што на студентите им нуди примена на стекнатите знаење во пракса и надградување.
Од МОФ исто така потенцираат дека уште еден битен елемент поради кои младите заминуваат е културата во земјите кои ги одбираат како дестинација.
„Станува збор за општества кои содржински и културно нудат многу повеќе отколку нашето општество, што може да се смета како позитивно влијание за младите луѓе“, вели Спировска.
Инаку Македонија со години наназад се наоѓа на последните места во светските рангирања според способноста да го задржи талентираниот и стручен кадар. На последната листа на Светскиот економски форум, од 140 рангирани земји, Македонија била на 129-то место.