Ќе зборувам на македонски јазик, на мојот мајчин јазик, зашто тука се чувствувам како дома, рече премиерот Зоран Заев на почетокот на своето обраќање пред европратениците на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.
Во фокусот на обраќањето на Заев беа евроатлантските перспективи на Македонија, Договорот со Грција, претстојниот референдум и реформите во насока на зачленувањето на земјата во ЕУ.
„Ова е прв пат еден македонски премиер да зборува на македонски јазик во Европскиот парламент, но сепак имам чувство како да сум како дома и толку ми е пријатно да бидам во домот на нашето европско семејство“, рече Заев и заблагодарувајќи им се на европратениците за поддршката што изминатиот период ја даваа за претстојниот референдум за Договорот со Грција, додаде дека за македонскиот народ „ова е најдобрата шанса која нема да ја пропуштиме и дека приклучување кон европското семејство ќе значи поголема стабилност и просперитет дома“.
Видете и ова: Од Преспа пораки за поместени планини и песни на миротСо Ципрас дадовме по нешто, а добивме многу
Осврнувајќи се на Договорот од Преспа, Заев посебно му се заблагодари на, како што рече, неговиот добар пријател, грчкиот премиер Алексис Ципрас, со кого, како што кажа, „и двајцата дале по нешто, но добиле многу, пред сè, добробит за двата народа, за регионот и за целото европско семејство“, и затоа повика да се следи моделот на договорот за да се решат и други билатерални прашања во Западен Балкан.
„Членството во ЕУ ќе донесе многу предности кои ќе ни овозможат да ја зајакнеме економијата, која оди нагоре, стапките се зголемуваат, ќе имаме подобро здравство, образование, инфраструктура. Знам дека од нас зависи, а ние ќе ја дадеме нашата лојалност, со вистинска страст за ЕУ, која за нас значи многу повеќе отколку само раст. ЕУ за нас значи да живееме во општество каде владее правото, има подобри судови и во кое правдата е еднаква за сите. Уште кога имав 17 кога години сонував да бидеме дел од европското семејство, а сега 27 години подоцна шансата ја имаме во раце“, рече Заев.
Верувам во успешен референдум
Проследен со неколку аплаузи, македонскиот премиер го продолжи обраќањето со осврт на претстојниот референдум, за кого рече оти верува дека ќе биде успешен и дека граѓаните ќе гласаат за Европа, чија покана за ова негово обраќање денеска ја смета за голема чест и знак за силна поддршка.
„Сега ние одлучуваме за нашата иднина. Веќе можам да почувствувам колку сме блиску до европска Македонија“, рече Заев пред европарламентарците кои од говорницата го испратија со долги стоечки овации.