Фирма Тритерол ДООЕЛ Струмица - подружница Берово се обидела незаконски да го преземе превозот со ученици во Берово. Тоа, според сознанијата до кои дојде Радио Слободна Европа, било организирано од страна на претседавачот со Советот на општината од редовите на СДСМ, кој е и вработен во фирмата.
Автобусите испишани со името на фирмата на првиот училишен ден на 3 септември на вообичаеното место ги чекале учениците од основното училиште Дедо Иљо Малешевски во Берово. Но, фирмата ги однела до нивната крајна дестинација без склучен договор и без дозвола од градоначалникот и додека траеле преговорите за тендерот за превоз на ученици.
Како течел тендерот
Беровското училиште на 6 август објавило тендер за превоз на ученици за учебната 2018/19 година. Но, повикот бил поништен, бидејќи единствениот понудувач, фирмата Берово транс, понудила цени кои биле понеповолни од реалните на пазарот. Училиштето потоа започнало постапка за јавна набавка во постапка со преговарање без објава на оглас, што било искористено од страна на Тритерол.
„Во понеделникот на 3 септември тие без никаков тендер, без никаков договор почнаа да ги возат учениците во основното школо“, вели претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Берово, Никола Атанасов.
Сања Јакимовска, која е правник во фирмата Берово транс вели дека Тритерол делувал спротивно на законот.
„Tаквото нешто е недозволиво од причина што е спротивно на Законот за јавни набавки. Овој Закон децидно одредува дека не може и не смее по ниеден основ да се започне со извршување на предметот на набавката се додека постапката не е конечно завршена“, вели Јакимовска.
Поврзаноста на Тритерол ДООЕЛ Струмица - подружница Берово со СДСМ
Подружницата во Берово е дел од фирмата Тритерол ДООЕЛ Струмица, а нејзин управител е Лефтер Андонов, кој беше советник за транспортна политика во Kабинетот на премиерот Зоран Заев.
На автобусите на подружницата во Берово како контакт телефон е наведен телефонскиот број на претседавачот на Советот на општина Берово, Јован Матеничарски, кој доаѓа од редовите на СДСМ. Матеничарски е и претседател на општинската организација на СДСМ во Берово.
Според Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ, токму Матеничарски со вработен во училиштето, на кој му било ветено директорското место, на своја рака го организирале превозот.
„Тие двајцата преговарале и ја повикале фирмата да го врши превозот. Без знаење на директорката, без знаење на комисијата и мислам дека без знаење на градоначалникот. Тука очигледно е дека е некој договор во четири очи“, додава тој.
Кога го прашавме Матеничарски каква му е поврзаноста со Тритерол, најпрвин нè праша во која смисла, но потоа потврди дека тој е лицето за контакт и дека е вработен во фирмата како комерцијалист. Но, негираше дека фирмата го вршела превозот на ученици.
„Не ви е точна информацијата. Имаме автобуси тука на територијата, бидејќи мора да добиеме лиценца за локален линиски превоз. Мора на подружницата да се водат тие автобуси. Имаме отворено канцеларија, а превоз не вршиме. Ќе конкурираме на тендери па после ќе вршиме превоз, ако ги добиеме тендерите“, вели Матеничарски.
Тој најпрвин тврдеше дека превозот го вршел Берово транс, а потоа дека всушност не знае кој го врши превозот.
Фирмата Тритерол ДООЕЛ Струмица има лиценца за вршење на посебен линиски превоз, која според податоците на Министерството за транспорт и врски, била издадена на 17 март минатата година. Но, доколку фирмата сака да превезува ученици, потребна ѝ е дозвола од градоначалникот на Берово. Од Општината велат дека фирмата досега не побарала дозвола.
„Согласно членот 43 и 44 од Законот за превоз во патниот сообраќај, градоначалникот на општината издава дозвола за посебен линиски превоз на патници (ученици), а лиценцата за вршење слободен превоз на патници и посебен линиски превоз на патници ја издава Министерството за транспорт и врски“, соопштуваат од Општина Берово.
Конфликт на интереси?
Во членот 5 од Законот за спречување на судир на интереси е наведено дека службено лице не смее да влијае за донесување на одлука по јавни набавки или на кој било начин да ја користи положбата за да влијае за донесувањето на одлуката со цел да постигне приватен интерес или корист за него или за негови блиски лица.
Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ смета дека е недозволиво Матеничарски, како функционер на СДСМ, да биде и лице за контакт на фирмата.
„На некој му одговара таа фирма, која знаеме чија е и знаеме од каде е, за да ги добива тендерите“, додава тој.
Матеничарски не гледа конфликт на интереси со тоа што е вработен во подружницата.
„Нема судир на интереси. Ако бидам управител, тогаш има“, вели тој.
Градоначалникот на Oпштина Берово, Звонко Пекевски, кој е кадар на СДСМ, вели дека не е запознаен со работниот ангажман на Матеничарски.
„Ниту знам, ниту сум запознаен за работниот ангажман на претседателот на Советот на Општина Берово, за тоа дали постои конфликт на интереси доколку е вработен таму, побарајте да се произнесат надлежните институции“, ни одговори градоначалникот.
Директорката на училиштето и градоначалникот застанале на патот на Тритерол
На прашањето како фирмата Тритерол ги превезувала учениците и дека има докази за тоа, директорката на основното училиште Дедо Иљо Малешевски, Наташа Аврамска, без конкретен одговор.
Додека траела постапката со преговарање, Аврамска потврдува дека Комисијата за јавни набавка ѝ доставила неколку понуди, за разлика од првиот тендер кога понудувач била само Берово транс. Но, не прецизира дали се преговарало и со Тритерол, бидејќи тоа било работа на комисијата.
„Да, комисијата измеѓу правела некои обиди, но на крајот се избра најзаконското решение“, вели Аврамска.
Таа е поставена на функцијата додека со општината раководел кадар на ВМРО-ДПМНЕ и како директор на училиштето таа треба да го потпише договорот со евентуалниот превозник.
Од општината велат дека веќе имаат преземено мерки со тоа што го задолжиле училиштето, како што наведуваат, да ги прекине сите незаконски дејствија, доколку такви постојат, и во најкраток можен рок согласно позитивните законски прописи да спроведе соодветна постапка за јавна набавка.
Постапката без преговарање во меѓувреме била укината, а на 5 септември е распишан нов тендер. Но, Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека со новиот тендер се отвора патот за Тритерол.
„Целта им е значи Берово транс да ја тргнат комплетно да можат да го земат тендерот, не само во основното школо, туку и во гимназијата, а веќе имам сознанија дека во повеќе градови во источна Македонија се однесени автобуси и се регистрираат подружници во тие градови“, додава тој.
На прашање дали директорката Аврамска ќе побара одговорност, вели дека најпрвин ќе ги разгледа сите факти и согласно законот ќе види што може да се направи. Се обидовме да стапиме во контакт и со комисијата за јавни набавки при училиштето, но не добивме одговор.
Новиот тендер невалиден?
Од Берово транс тврдат дека Тритерол нема право да конкурира на новиот тендер согласно новите измени во Законот за патниот собраќај кои стапиле на сила на 4 септември и според кои е неопходно да се има дозвола од градоначалник на општината за да се превезуваат ученици. Според новите измени, градоначалникот ги утврдува и цените врз основа на кои треба да се врши превозот за да не се склучуваат договори во четири очи и да не се даваат цени кои не се реални.
„Согласно новообјавените правила, Тритерол нема активна легитимација да учествува на ново објавениот тендер“, вели Јакимовска од Берово транс.
Додека не се најде нов превозник, учениците ќе се возат со автобусот на општината, кој е обезбеден од донација.