Според толкувањата на правниците, токму Апелациониот суд треба да одлучи дали поранешниот премиер Никола Груевски ќе оди во затвор или кривичното дело ќе застари. Доколку Апелација ја потврди пресудата, во тој случај таа станува правосилна и нема опција за жалба до Врховниот суд во таа ситуација. Сепак, има можност за вонредни правни лекови, односно осудениот има право да побара одлагање на казната, но само ако постојат законски причини за тоа (ако осуденикот се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или зависност, во случај на смрт или тешка болест во потесното семејство на осудениот, неодложни сезонски работи или работи предизвикани од елементарна непогода, ако е потребно да се грижи за чување на деца или немоќни лица за кои е должно да се грижи и др.)
„Доколку во овој случај Апелациониот суд ја потврди одлуката истата станува правосилна, така што одлуката по однос на казната би требало да се ефектуира во најбрз можен рок. Вонредните правни лекови се предвидени во законот за кривична постапка, така што доколку неговиот конкретен случај е апликабилен во однос на одредбите за примена на вонредните правни лекови, тој би имал право да поднесе вонреден правен лек, но само доколку во конкретниот случај се исполнети условите за тоа“, вели Натали Петровска од „Коалиција сите за правично судење“.
Сепак, доколку Апелациоиот суд ја укине пресудата, има голема веројатност предметот да застари бидејќи за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание е предвидена затворска казна од една до три години. Делото застарува кога ќе поминат двапати од највисоката предвидена казна, во случајов тоа се шест години. Делото според обвинението е направено во 2012 година, па сега веќе изминува последната година.
„Доколу пресудата биде укината и предметот биде вратен назад на одлучување, тoа значи дека првостепениот суд повторно ќе го отвори предметот за расправа по однос на насоките на Апелација, бидејќи кога се враќа предметот назад на повторно одлучување се даваат насоки каде се направени повреди во постапката како би можеле тие да се исправат“,, вели Петровска.
Оваа година, односно во октомври, би требало да настане апсолутно застарување на делото. Во секој случај, се смета дека не може да се продолжи со гонењето. Правниците објаснуваат дека одлуката што ќе ја донесе Апелациониот суд е извршна, но не и конечна. Одбраната сигурно потоа ќе бара вонредно преиспитување на правосилната пресуда. Пресудата ќе биде извршна, но не и конечна. Пресудата е конечна кога ќе се исцрпат сите редовни и вонредни правни лекови“, објаснуваат правниците.
Инаку денешното барање на одбраната за изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева, Апелација го одби како неосновано. Обвинителот Гаврил Бубевски образложи дека според законот за СЈО не е предвидена таква можност. На денешната јавна седница на Апелацискиот суд не присуствуваат Груевски и неговите бранители Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Данчо Наков и Боро Тасевски, кои го известиле Судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на други предмети во Кривичниот суд. Барањето на одбраната за изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева, Апелација го одби како неосновано, зошто според законот за СЈО не е предвидена таква можност.
Отсуството на Груевски на денешната седница го најави токму тој, на вчерашаната прес - конференција на која рече дека нема да се појави ниту тој ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена. Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок. Груевски очекува одлуката на судот да биде казна затвор помалку од една година, за тој да нема право на жалба во Врховен суд.
Апелациониот суд Скопје во целост ги демантираше наводите изнесени на прес-конференцијата на Груевски, оценувајќи ги како груба невистина и манипулација со јавноста.
На 23 мај поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на казна затвор од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на луксузниот мерцедес за 600 илјади евра. Груевски е осуден за примање награда за противзаконито влијание. Груевски во случајот беше обвинет дека како премиер побарал од екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да определи лице кое ќе спроведе јавна набавка за ново блиндирано возило, при што се фаворизирала една фирма.
Другиот обвинет во случајот, поранешниот помошник -министер во МВР, Ѓоко Поповски е осуден на шест години и шест месеци затвор, а на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и се суди во издвоена постапка.