Во Дебар недостасуваат културни активности. Ова лето за прв пат е организирана ликовната колонија „Радика 2018“, и тоа со бројни проблеми, велат организаторите од здружението за култура „Арт Култ 57“, во Дебар. Колонијата побуди голем интерес, но според дебарчани има потреба од повеќе културни активности, особено во летниот период.
„Колонијата е прва по 20 години застој на претходна колонија, која се организираше од страна на Центарот за култура во Дебар. Колонијата има за цел да ги поттикне особено младите ликовни творци повторно да имаат колонијата таква како што беше пред две декади. Дебар е познат град кој и во минатото ја сакал културата и уметноста и знае таа да ја цени“, вели Арбен Јајага, претседател на здружението, кое ја организираше ликовната колонија со ликовни уметници од регионот.
Ликовниот сликар, Адем Сулејманоски, кој учествуваше на оваа колонија смета дека Дебар заслужува да му се врати, како што вели, културниот дигнитет .
„Ликовната колонија на локално ниво значи многу за развојот на културата воопшто. Тоа е белег за препознавање. Дебар заслужува култура и културни активности. Политиката си го стори своето во минатото и сруши бројни активности на културен план. Останува ние да го вратиме тоа што е изгубено и да го вратиме дигнитетот на културата. Амамот кој сега е галерија е стар над 500 години и, за жал, не е искористен. Тој претставува права инспирација за ликовните уметници“, вели сликарот Адем Сулејманоски.
Бројните посетители на изложбата, која беше отворена со слики изработени од страна на учениците на ликовната колонија, сметаат дека вакви активности треба да има почесто.
„Не само што треба да има вакви активности на културен план, туку треба да кажеме дека има голем недостиг на активности во оваа сфера“, истакна еден од посетителите на изложбата.
Организаторите на ликовната колонија се надеваат дека таа ќе стане традиционална и ќе придонесе за збогатување на културниот живот во градот Дебар.