Историјата и фантомите најинтересни за коментирање

Граѓани во центарот на Скопје

Треба или не треба да се гласа, развија дебата фановите на РСЕ на социјалните мрежи. За нив интересна е и дискусијата за историјата во учебниците, а спорат и со темата дека нема фантоми - гласачи во Избирачкиот список.

Информацијата дека челните луѓе на ДУИ ја повикуваат дијаспората да се пријави за гласање на референдумот предизвикала коментари со пцости, навреди и етикетирања на ФБ страницата на РСЕ. Од познатите причини нив нема да ги цитираме.

Што се однесува до бојкотот на претстојниот референдум, преовладува повикот од македонските граѓани, но има и постови потпишани со албански имиња.

Седат Фламури, на пример, повикува на бојкот, но Али Ибраими исто така се залага за бојкот, но „само за лоповите“. Садику Садик го поздравува повикот на ДУИ до дијаспората: „Браво, само напред“ – напишал. Невзат Рамаданоски предвидува: „Гласала или не дијаспората, референдумот ќе биде успешен, партиите тактизираат ама на крајот кога ќе дојде 5 до 12 ќе го сменат ставот за бојкот“, постирал. Тони Сејфулаи и Даниел Коцевски развиле меѓусебна, но добронамерна дебата. Тони Сејфулаи вели „фала богу што сум побегнал од таа држава“, а Даниел Коцевски му одговара: „Другар, никој не ти забранува, гласај, државата е добра, политичарите се корумпирани и се грижат за своите бизнис интереси (тендери), а гајле им е за народот!“ Сејфулаи му одговара: „Даниел, а тој народ сме ти и јас, затоа човек си оди и мрази сè живо таму. Нашите политичари треба на кило да се продаваат, а не да водат политика“.

Заедничка историја не значи -’един народ, две држави‘, во македонските учебници по историја нема да пишува историја по бугарски, туку по македонски терк“, вели историчарот Петар Тодоров од Институтот за национална историја, инаку член на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања во неделното интервју за РСЕ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во македонските учебници нема да пишува историја по бугарски терк

Редовниот Емил Бојковиќ од „Куманово, а не од Македонија“, како што сам се декларира, претенциозно постирал: „Кој е будала да гу учи вашу бугарско-македонску историју?“, а Гоце Бошкоски му реплицира: „Емил, ти си должен да ја учиш македонската историја како државјанин и жител на Македонија. И да разјасниме: никогаш не може да има заедничка историја помеѓу два различни народа“. Веројатно не знаејќи го фактот дека Франција и Германија пред многу години имаат преземено слична активност со учебниците по историја одбегнувајќи во нив изрази кои кај новите генерации би создале зла крв, Зоран Петковски прашува „дали сменетата историја убијците на младинците од Ваташа ќе се сменат од бугарски фашисти во марсовци... дали беа окупатори или ослободители...“ Зоран Петрески иронично го коментира новиот прв човек на ДИК, Оливер Деркоски, дека во Избирачкиот список нема таканаречени гласачи - фантоми: „Фантоми нема, ама починати, неродени, малолетни, иселени и уште што ли нема, и тоа подоста, машала“. А Бехар Мемиши смета: „Додека Грујо беше на власт ги чуваше за себе, сега Заев ги чува за себе, а ние народ гледаме сеир како телиња и аплаудираме“.