Американскиот претседател Доналд Трамп можеби верува дека НАТО е застарена организација, но рускиот претседател Владимир Путин јасно покажува дека не мисли така. Рускиот лидер останува силно посветен на неговите екстремни, па некогаш дури и самоуништувачки, потези и акции за да го спречи ширењето на Алијансата кон руските граници, коментира угледниот Вашингтон пост, во својата последна анализа на руските односи кон Западен Балкан и НАТО, ставајќи ја Македонија и реализацијата на Договорот со Грција во фокусот на потезите што се влечат од Кремљ.
„Грда кампања“
Проблемот почна во јуни, вели Вашингтон пост, кога Македонија и Грција се договорија Македонија да го смени имeто, Грција да ја тргне блокадата за членство во НАТО, а Алијансата го покани Скопје да ги почнат пристапните разговори.
Македонија е помала од американската сојузна држава Мериленд, само два милиона жители, од три страни се граничи со земји-членки на НАТО. Оттаму, анализира американскиот весник, Москва логички не би требала да биде многу заинтересирана за македонскиот прием во НАТО, но сепак Кремљ, според изјавите на политичките лидери во Атина и во Скопје, почна, како што вели коментаторот на Вашингтон пост, „грда кампања со поткупување и мито за поткопување на Договорот за името со насилни демонстрации и во двете држави“.
Путин ја искористи изјавата „НАТО е застарена организација“
„Путин имаше значителен успех, предизвикувајќи го Трамп да ги промовира интересите на Кремљ и да ја повторува неговата агенда, вклучувајќи го тука и ослабнувањето и кршењето на НАТО. Но, фокусирањето врз Македонија е потсетник дека Путин замеша прсти во Македонија и нејзиното зачленување во НАТО како дел од неговите ревносни настојувања да ѝ го врати статусот на супер-сила на Русија. А Македонија, со или без помош на Трамп, веројатно ќе влезе во НАТО“, коментира Вашингтон пост.
За ваквото однесување на Русија, шведскиот дипломат Карл Билт вели дека руски политички менталитет е да гради бариера меѓу Истокот и Западот.
„Постои нов политички менталитет што води од Кремљ. Тие имаат намера, како што велам јас, да изградат бастион меѓу Западот и Истокот“, коментира Билт.
Интересот на Путин е запирање на експанзијата на НАТО кон руските граници и тој нема да се откаже од тоа, коментираат експертите, во прилог на што е и акцијата на Москва пред две години, кога се обиде да ја спречи Црна Гора да влезе во НАТО и со тоа да изгуби, како што веруваше, партнер на Балканот. Во прилог на Путин, како што коментира Вашингтон пост, беа и неодамнешните изјави на Трамп дека малите агресивни Црногорци можат да се причина за Трета светска војна, бидејќи еден од обидите на Москва да го запре ширењето на НАТО кон нејзините граници беше и, како што објавија голем број медиуми и аналитичари, обидот да се спречи Подгорица да влезе во Алијансата, а дел од тој обид, наводно бил и обидот за пуч и атентат во Црна Гора, по што Кремљ изгуби традиционален балкански партнер.
По ова, велат аналитичари, следуваа нови обиди за запирање на ширењето на Алијансата, кои во македонскиот случај беа преточени, меѓу другото, и преку отворените закани од поранешниот руски амбасадор во Скопје Олег Шчербак, но и од руското МНР, дека „Македонија со зачленувањето во НАТО ќе биде мета на Русија“.
Македонскиот пат одамна е трасиран
„Ние го одбравме тој пат многу одамна, многу пред да дојдат таквите изјави не само од амбасадата тука, туку и од руското МНР, кое од време на време излегува со таква реторика за која јас сметам дека не помага да се подобрат билатералните односи“, вели македонскиот национален координатор за НАТО Стево Пендаровски.
И покрај отворените закани на Москва, Македонија останува на ставот дека Западот е нејзина стратешка определба.