Владата ќе спроведува кампања за референдумот од државни пари, но не се знае како тие средства ќе бидат потрошени со цел информирање на граѓаните и пред сè дали дел од нив ќе завршат во медиумите. Засега Владата само ја најави кампањата, а планот и програма ќе бидат познати во наредната недела и не откри како и дали ќе се води кампањата во медиумите. Но, според упатените евентуалното политичко рекламирање во медиумите е спротивно на заложбите на Владата за слобода на медиумите.
Владата во август минатата година донесе одлука за стопирање на владини реклами на комерцијалните радиодифузери со исклучок на социјални медиуми. Со предлог законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е во собраниска процедура се укинува можноста за реклами од државните тела по пат на нетранспарентни постапки и постапки со исклучоци и се оневозможува појавата Владата да биде доминантен огласувач во медиумите.
Но, од друга страна, во Собранието беа усвоени Измените на Изборниот законик со кои се предвидува од буџетот да се обезбедуваат средства за платеното политичко рекламирање за време на избори.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани вели дека е јасно оти на големо се враќаат владини кампањи. Според него, прифатливо е кампањата да биде со цел да се мотивираат граѓаните да излезат да гласаат на референдумот, што е во јавен интерес, но не е прифатливо да им се кажува како да гласаат.
„Го укинаа владиното рекламирање. Ветија дека никогаш нема да трошат јавни пари. Го укинаа субвенционирањето за националните телевизии за производство на документарна и домашна продукција и сега на голема врата враќаат нешто за што цело време се бореа и апсолутно ние ќе бидеме против тоа“, вели Селмани.
За него спорно и тоа што Владата ги искористи измените во Изборниот законик за кампањата да биде финансирана од буџетски пари и со тоа повторно постои опасноста за корумпирање на медиумите.
„Ако оваа практика завршува со референдумот нема да има големи и негативни ефекти, меѓутоа ако тоа стане пракса ќе има сериозен проблем затоа што се воспоставуваат или обновуваат клиентелистичките и корумптивните врски меѓу политиката и сопствениците на медиумите. Практично медиумите секоја година ќе бидат предмет, објект или машинерија за политичка пропаганда на партиите. Ќе бидат заложници на парите што секоја година треба да ги земат или ќе очекуваат да ги земат од политичките партии“, додава Селмани.
Агенцијата за аудио аудиовизуелни медиумски услуги на утрешната седница треба да ги усвои нацрт препораките за емитувањето на јавна пропаганда на медиумите за претстојниот референдум закажан за 30 септември. Од Агенцијата соопштија дека на сите заинтересирани субјекти треба да им се обезбедат еднакви услови за пристап до платената јавна пропаганда, со еднакви цени за сите.