Дебатата за даночните реформи на пауза поради референдумот

Илустрација

Најавената дебата за воведување прогресивен данок и за тоа каде да се постави прагот на приходите кои дополнително ќе се оданочуваат е на пауза, зашто владата целосно е посветена на референдумот за името.

Претстојниот референдум за името ја стави на пауза најавената јавна дебата за воведување прогресивен данок на доход. Во Mинистерството за финансии велат дека не се откажале од даночната реформа која треба да стапи во сила од почетокот на наредната година и дека, кога ќе бидат подготвени, ќе ги објават сите податоци и ќе има јавна дебата. Велат дека најголем дел од анализите се направени, но сè уште не соопштуваат која сума ќе ја предложат за праг над кој приходите ќе се даночат со повисока даночна стапка.

Македонија сега има рамен данок од 10 отсто. Со реформата се предвидува, приходите кои ќе надминат одредена сума да се даночат со стапка од 18 отсто. Дебатите постојано се вртат околу сумата од 1000 евра, но премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека не е точно дека владата ја утврдила таа граница, туку оти за тоа ќе се дебатира.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски вели дека e очигледно дека целата енергија на владата е насочена кон успешно спроведување на референдумот за името.

„Мислам дека владата од тој момент натаму ќе има многу повеќе и време, и простор, и можности да се сконцентрира многу повеќе на решавање на внатрешно-политичките проблеми коишто нормално со текот на времето, односно во изминатава година се наталожуваат“, вели Гаџовски.

Дека дебатата за даночните реформи е ставена на пауза до референдумот, пред неколку недели потврди и премиерот Зоран Заев. Сепак, тој вели дека ќе има време за тоа до крајот на годинава.

„Имаме фора, знаете дека евентуалното донесување на ваквите закони пред 1 јануари 2019 година нема да влезе во имплементација. Заедно, Владата со Парламентот ќе оцениме кога е вистинското време да ја отвориме дебатата. Ние не сакаме дебатата да се отвори во време кога очите на граѓаните се вперени во други важни работи за Република Македонија. Веројатно во соодветно време, кое ќе продуцира квалитетна дебата, тогаш и ќе ја отвориме“, рече тогаш Заев.

Професорката Шенај Хаџимустафа, пак, вели дека летниот период и онака не е добро време за сериозна дебата. Таа вели дека е неблагодарно да лицитира со прагот, зашто за тоа треба да се направи сериозна анализа.

„Мислам дека е многу битно Владата да биде внимателна за да не создаде одреден контра-ефект и сакајќи да го ублажи јазот да создаде друг јаз, односно да ја стопи средната класа во Република Македонија“, вели таа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на воведувањето прогресивен данок, бизнисмените бараат, ако веќе се воведува, тогаш границата да се постави што повисоко, додека експертската јавност е со поделени ставови. Со оглед на тоа што владата е решена да го воведе прогресивниот данок, што беше и нивно предизборно ветување, дебатата ќе се води за тоа каде да се постави прагот над кој приходите ќе се оданочуваат со повисока даночна стапка.

По чиј џеб ќе удри прогресивниот данок?

Според објавените пресметки на Министерството за финансии, само 2 отсто од граѓаните имаат месечен доход од над 1000 евра, а само 1 отсто имаат месечен доход над 1500 евра. Во предизборната програма на СДСМ, пак, пишува дека со повисока даночна стапка планираат да оданочат 5 отсто од граѓаните со највисока годишна даночна основица, што би биле околу 50 илјади луѓе. Во тој случај прагот би бил под 1000 евра.

Според податоците на Управата за јавни приходи од јули минатата година, 10.256 вработени добиле плата од над 1.000 евра, при што најголемиот дел од нив, односно над 8 илјади луѓе, имаат плата меѓу 1.000 и 2.000 евра, додека само 375 луѓе имаат плата над 5.000 евра.