Кривични пријави за поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски и четворица негови соработници поднесе Финансиската полиција до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тие се гонат дека го оштетиле буџетот на општината за речиси 600 илјади евра при три тендери за јавни набавки.
Јакимовски кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, според пријавата на финансиската полиција, во 2012 и 2013 година назаконски ја ангажирал тетовската фирма Алконпроект ДООЕЛ на два тендери за јавни набавки. Со тоа Јакимовски на фирмата и овозможил да се стекне со противправна имотна корист од околу 550 илјади евра на штета на буџетот на општината.
Јакимовски за третиот тендер за јавни набавки се товари дека на фирмата ДГПТУ СМ Компани од Свети Николе во 2016 година која била ангажирана за уредување на паркот во Жданец и овозможил да се стекне со противправна имотна корист од околу 47.000 евра.
Јакимовски кој денеска беше изведен пред судија на претходна постапка одби да даде коментар за новинарите, туку само им се обрати со погрдни зборови.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Александар Трајановски од ГРОМ, чиј лидер е Јакимовски, обвини дека се работи за инструирана акција на власта и далеку од регуларна пропишана истражна постапка, финансиската полиција извршила претрес во негови станбени објекти.
„Ова не е ништо друго освен монтиран процес и хајка од страна на СДСМ за да се наруши неговиот углед, угледот на партијата и да се разводенат цврстите политички ставови кои ГРОМ и Стевчо Јакимовски ги застапуваат“, рече Јакимовски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која е во колаиција со ГРОМ денеска соопштија дека приведување на Јакимовски не е ништо друго, освен одмазда кон политичките неистомисленици и обид за прикривање на актуелните скандали во кои e фатенa власта.
„Приведувањето на лидерот на ГРОМ, господинот Стевче Јакимовски е политичка конструкција со која што Зоран Заев сака да испрати порака дека органите на прогонот се негови инструменти и дека без разлика на доказите и правдата, секој може да биде мета на политички прогон, доколку јавно се осудил да го посочува криминалот на Заев и кликата околу него“, изјави партискиот портпарол Димче Арсовски.
Полицијата вчера изврши претрес во станбени објекти на Јакимовски во населбата Жданец, барајќи документација за случаите.