Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 17 февруари годинава
Некои се подготвуваат да заминат, а некои веќе се години живеат во земјите од ЕУ и не планираат да се вратат во Македонија. Мотивот на сите е ист - подобри услови за живот. Најголем дел од нив се млади луѓе кои не ја гледаат својата иднина во Македонија поради нискиот стандард, високата невработеност и генерално затајувањата на системот во сите општествени области и затоа тие преферираат да живеат во некоја од западноевропските земји.
Сања Балаловска со нејзиниот иден сопруг заминува за Германија. Одлуката ја донеле од повеќе причини.
„Значи си заминуваме пред сè генерално затоа што сметаме дека одредени елементарни работи како што се здравство, правниот систем и образованието во оваа држава се на минимум и се надеваме на нешто подобро“, вели Балаловска.
Младен Миловановиќ, кој е дипломиран електро инженер и кој неодамна ги завршил и магистерските студии од истата струка, една година живее во Прага, Чешка. Одлуката да се пресели од Македонија ја донел уште за време на студиите.
„Поради тоа што, иако невработен, гледаш какви ситуации се во Македонија со вработување кај млади, особено што треба врски, дали партиски, дали преку познаник да најдеш работа без разлика дали си квалитетен или не. Така што, тоа беше главната причина“, вели Миловановиќ.
Бројките на Државниот завод за статистика покажуваат дека невработеноста на младите во земјава е двојно повисока од општата невработеност од 23,7 отсто. Највисока невработеност има кај младите од 15 до 19 години од 58,9 отсто и од 20 до 24 години од околу 46 проценти. Нешто подобри се бројките за невработените млади од 25 до 29 години, чиј процент изнесува 35,2 отсто.
Македонија е на трето место во светот по невработени млади според листата на Светска банка, која се повикува на процените на Меѓународната организација на трудот за минатата година. Со 50,1 проценти младинска невработеност во Македонија, поголема невработеност има само во Јужна Африка со стапка од 54,2 проценти и во Босна и Херцеговина со стапка од 67,5 отсто.
Балаловска има завршено банкарски менаџмент и со години не можела да најде работа. Нејзиниот животен сопатник, пак, е професионален готвач и иако бил вработен, не бил задоволен од условите.
„Јас во мојата струка се обидував и три години не можев да најдам работа. Тој како професионален готвач работи веќе 10 години во Македонија, меѓутоа условите во таа професија се на минимум, платата просечна и генерално нема професионализам и е потценета како струка“, додава таа.
Миловановиќ бил среќен после завршениот факултет да се вработи според неговата струка, но искуството во Македонија и во Чешка не се споредува, бидејќи таму, како што посочува, работи за голема меѓународна компанија.
„Така што разликата е дијаметрална. Значи нема стрес на работа. Правилен систем на функционирање во смисла дека сè се знае кој како работи. Одбран си да ја работиш својата работа. Не е дали познаваш некој или клати врата земај плата методи и слично. Се знае, си ја работиш работата и си ценет. Најважно ми е тоа што си ценет на работното место“, посочува Миловановиќ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Извршниот директор на коалицијата на младински организации Сега, Зоран Илиески, тврди дека токму борбата за егзистенција и тоа што младите немаат можност за вработување се клучните причини за нивното иселување од Македонија.
„Значи тука се крие основниот мотив зошто најголем дел од младите, особено оние коишто се високо образовани ја напуштаат нашата држава, бидејќи со она што се случува на пазарот на трудот е многу тешко нивно вработување или нивните компетенции не се во согласност со барањата на пазарот на трудот“, вели Илиески.
Сè уште сонот на секој млад човек, според Илиески, е да живее во Германија, како земја во која најлесно можат да се адаптираат и каде системот најлесно може да ги прифати и им обезбеди работа.
„Сведоци сме дека многу голем број од високо образовните кадри одат токму таму. Не се исклучени ни останатите земји од европскиот континент, но вклучително и прекуокеанските земји Америка и Австралија“, додава Илиески.
Речиси сите истражувања се поклопуваат во податоците, а младите луѓе се замислуваат себе си надвор од Македонија и сакаат да живеат во земјите до ЕУ, вели извршната директорка на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова. Од друга страна, според неа, некакво освежување се новите резултати од истражувањата за перцепцијата кон евроинтеграцијата на Македонија, кои покажуваат дека има оптимизам од страна на младите дека земјата треба да се движи кон ЕУ и дека тие имаат надеж во тие процеси. За нивно иселување, додава Костуранова, има повеќе фактори.
„Поради тоа што стандардот е сè уште лош, поради тоа што образованието е неквалитетно, поради тоа што за младите луѓе нема работни места, многу од нив бараат живот надвор. Ако земјата сериозно не се придвижи кон подобрување на состојбите на ниво на европска држава, младите луѓе неминовно ќе бидат жители на ЕУ, само тоа можеби ќе го направат преку преселба во некоја од европските земји, наместо преку ангажман или чекање Македонија да се приклучи кон европското семејство“, смета Костуранова.
Во студијата за младите во Македонија од 2013 година, на прашањето дали се вработени во моментот, 70 отсто од испитаниците се изјасниле дека не работат. Во студијата е наведено и дека 65 отсто од младите сметаат дека тешко ќе дојдат до работа. Најмногу од нив сакаат да работат во јавната администрација.
Истражувањето на Институт за социолошки и политичко-правни истражувања под наслов „Младинските трендови во Македонија“ со слични сознанија, односно 66 проценти од анкетираните млади одговориле дека по завршување на образованието тешко оди вработувањето.
Интересен податок е, смета Костуранова, дека во средните училишта од учебната 2014/15 година до 2015/16 година бројот на ученици се намалил за 15 илјади, додека според податоците на Евростат бројот на млади Македонци во странство пораснал. Една од најавените мерки е младинската гаранциска шема, која, посочува таа, е амбициозна и треба да направи младите да можат да го најдат своето прво работно место за неколку месеци наместо за пет години.
Потребна е практична настава уште во средните училишта за младите да се адаптираат на трендовите, смета Илиески. Апатичноста кај младите, според него, покажува дека многу се мали напорите коишто ги преземаат властите со цел да ги задржат во Македонија. Младинската гаранција која како пилот проект ќе се спроведува во неколку општини треба да има поинаков пристап.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска при воведното излагање на првиот состанок на Координативното тело за подготовка и имплементација на Гаранцијата за млади, посочи дека иселувањето на младите е една од поголемите трауми на земјава со големи последици за иднината. Според неа, мора посветено да се работи на создавање перспектива за младите, да се зголемат шансите за пристоен живот и да се минимизираат причините за иселување.
„Со последната ревизија на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година, најголем дел од новите активни мерки за вработување се однесуваат на младите невработени лица до 29 години со што се потврдува стремежот на Владата на Република Македонија и согласно со дефинираните активности што ги содржи Младинската гаранција за зголемен опфат и вклучување на младите невработени лица на пазарот на трудот во Република Македонија“, рече Царовска.
Македонија, додава Костуранова, мора да инвестира во образованието и да учествува во меѓународните тестирања за да се види како напредува, бидејќи се наоѓа на дното на листите по квалитетот на наставата. Но, понекогаш не е потребно истражување за да се види колку земјата потфрла во образованието, посочува таа.
Токму во стратегијата за проширување на Западен Балкан на Европската комисија, младите и образованието се дел од клучните препораки за земјите од регионот. Во стратегијата се наведува дека мора да се подобри образованието, особено стручното образование.
Во стратегијата е предвидено да се зголемат средствата за Ерзамус плус програмата и ќе се поддржи регионалната канцеларија за регионална соработка. Официјални бројки за иселувањето нема, затоа што не е спроведен попис од 2002 година. Според истражувањата на Светската банка, до крајот на 2013 година од Македонија се иселиле околу 630 илјади луѓе. Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој, вкупниот број на иселени од земјава во земјите членки на оваа организација без Германија, изнесува 314 илјади луѓе. Евростат пресметал дека во периодот од 1998 до 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230 илјади граѓани, најголем дел од нив млади.
Привлечноста на квалитетот на животот во земјите членки на Европската унија не е само присутна кај младите од Македонија. Тоа на пример важи и за голем број млади Полјаци. Германија, Британија и Франција, поради големите работни можности, беа привлечна цел за нив. Но, вработувањето веќе не е единствената причина што ги држи да останат таму.
Гоце Атанасов
Повеќето од Полјаците кои живеат во Германија, ги има околу 800 илјади и се втора најголема странска заедница во таа земја, по Турците, велат дека и покрај тоа што Полска е членка на Европската унија од 2004 година во таа земја веќе немало слобода на говор и на сопствено мислење.
Вработувањето и високите плати веќе не се единствената причина поради која остануваат во западните членки на Унијата. Од доаѓањето на националистичката и конзервативна Партија на правото и правдата во 2015 година многумина од Полјаците велат дека во Полска веќе нема либерална клима.
Александра Зебровска наведува дека полското општество станува се помалку и помалку отворено.
„Мислев дека мојата генерација требаше да биде онаа која ќе ја донесе Полска поблиску до Европа, поблиску до Западот. И кога се вратив почувствував дека веќе нешто се сменило, дека атмосферата не беше како порано“.
Александра вели дека по изборите ситуацијата станувала се потешка. Во октомври 2015 година, по осум години во опозиција, се врати на власт Партијата на правото и правдата.
„Но, после тоа секој гледаше во секого со сомневање прашувајќи се дали сте со нив или против нив, и тоа беше застрашувачко. Тоа навистина беше чувство од, како што ми го кажуваше баба ми, комунистичко време кога сте за или против“.
Александра додава дека таа во Германија се чувствувала „едноставно слободно“. Доаѓањето на власт на конзервативците беше придружено со тврдокорната позиција на Варшава против барателите на азил и со барање од Германија да плати репарации за Втората светска војна иако Берлин инсистира на фактот дека тоа прашање било решено пред неколку децении.
На европската сцена Полска претставува вистински предизвик за Брисел во спроведувањето на демократските стандарди, пртед се реформите во судството за кои Унијата вели дека се закана демократијата.
Во земјата која се проповеда хетеросексуално и католичко семејство Филип Рутковски вели дека не се живее лесно.
„Се лажев себе си 25 години дека оваа земја е слободна, бидејќи немам целосна слобода да се изразам,. Немам целосна слобода да изберам што сакам да гледам. Целосно е под влијание на религиозни и родови структури на овој монокултурен систем“.
Тој додава дека во Берлин може да се изрази, без да биде суден или пак да им го објаснува тоа на другите.