Поделено општество со агресивни анонимци и омраза

Стручната јавност предупредува дека говорот на омраза на социјалните мрежи е загрижувачки. Причините за тоа не се наследени, туку научени, посочуваат експертите, а дел од вината за такво однесување гледаат во образовно-воспитниот процес и социјално-економскиот контекст во општството

Во незадоволството од актуелните политики, јасно изразената поделеност на општеството по различни основи како и секојдневните социјално-економски проблеми, стручната јавност ги гледа причините за се почестата употреба на говор на омраза на социјалните мрежи. Разочарувачко, па дури и незамисливо е до каде се може да оди ваквиот говор кој најдобро го отсликуваат непристојните и навредливи коментари на дел од оние кои имаат свои профили на социјалните мрежи.

Социолозите велат дека ваквиот израз на омраза и злоба кај човекот е израз на фрустрации и незадоволство од актуелната ситуација, а интернет просторот е еден од каналите преку кои тие лица ја насочуваат негативната енергија.

„Во постмодерното време, кога се соочувате со сиромаштија, со многу проблеми, еден од тие бегства од реалноста е тој говор. Немоќта на кого да се обратите, немањето места на кои може да се заштитите, ги прави луѓето агресивни. А социјалните мрежи нудат можност да се изрази тој бес, омраза и несогласување, која на некој начин не заштитува, особено поради што интернет просторот не е регулиран,“ вели професор Илија Ацески од Филозофскиот факултет во Скопје.

Според него, токму тоа што не постојат јасно дефинирани санкции за лицата кои користат говор на омраза на социјалните мрежи, е една причина повеќе поради која тие се охрабруваат да пишуваат скриени позади некој профил, кој не ретко е и лажен.

„Интернетот е во основа недефиниран. Вие седите на столчето дома, се обраќате на поширока публика, вас како поединец никој ништо не ви може. Тука е тој заштитен и го говори тоа што го сака. Ние немаме механизми како тие поединци да ги опомениме или казниме поради тоа што го прават. Останува само болната реалност дека е грозно што се прават такви работи“, вели Ацески.

Професорот по социјална психологија на Тетовскиот универзитет, Муса Мусаи, вели дека агресивните пристапи на луѓето кон другите не се наследени, туку научени.

Во 90 отсто од случаите, луѓето се склони кон тоа да имаат предрасуди или да поседуваат таков патолошки синдром кој некогаш е необјаснив. Во што е проблемот? Проблемот е во тоа како се перцепира другиот. Ако другиот во образовниот или идеолошкиот контекст е третиран како ваш противник, непријател, во суштина овие пораки се неконтролирани и се пренесуваат кон вас и како такви инстиктивно се прифаќаат“, вели Мусаи.

Социјалните мрежи немаат филтри какви што имаат луѓето, вели Мусаи и укажува на фактот дека не ретко образовниот систем и домашното воспитување имаат вина за говорот на омраза кај луѓето.

„Мислам дека има уште еден многу важен аспект, а тоа е всушност и најнелогичниот. Мислам дека сите овие механизами, социјални мрежи, образовниот систем, социјалниот живот во општеството се трудат некако да го објективизираат тоа „синдромско однесување“ на поединците. И тука се случува најголемиот грев на нашето општество“, вели Мусаи.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство отвори истрага за говорот на омраза на Мечкин камен, а го истражува и ​ширењето говор на омраза за огнената трагедија во Грција.