Може да се направат неколку чекори на економски план за да се скратат децениите разлика во животниот стандард меѓу Македонија и земјите од Европската унија.
Коментирајќи го извештајот на британскиот Комитет за надворешни работи, објавен неодамна, според кој најмалку половина век го делат Западен Балкан од животниот стандард во ЕУ, економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека со неколку потези може да подобри сликата и да се скратат годините кои не делат од стандардот во Унијата.
Халили смета дека треба да се зголеми конкурентноста на земјата на регионалниот и на меѓународниот пазар, со што, како што вели, би се зголемило производството, а со тоа би се зголемиле и платите. Понатаму тој додава и дека главен адут на земјата треба да и биде привлекувањето странските инвеститори.
„Зошто само на тој начин освен зголемување на економските бенефиции за земјата истовремено се придонесува и кон задржување на луѓето во земјата, во спротивно може да се соочиме со одлив на луѓе од земјата, пред сè на младите“, вели тој.
Халили додава и дека фокусот треба да биде врз капиталните инвестиции.
„Верувам дека со три - четири главни потези може да придонесеме кон економски развој и да не ги чекаме тие 50 години за да стигнеме до соодветното ниво, туку тие години да се скратат на некој начин“.
Во извештајот на британскиот Комитет како причини за заостанувањето на земјите од Западен Балкан се наведуваат хроничната економска стагнација, постојаните билатерални спорови и етничките конфликти.
„Западен Балкан од насилните конфликти во 90-тите години надмина многу проблеми, но тука завршуваат добрите вести од овој регион. Тој останува оптоварен со испреплетени проблеми. Сето ова не може да се земе здраво за готово. Проблемите во меѓувреме се влошија, а локалните елити имаат интерес да задржат статус кво“, се наведува во документот.
Земјата доби условен датум за почеток на преговори, а тука е и поканата за членство во НАТО, но на економски план не стои добро. Планираниот економски раст за годинава е 3,2 проценти, но Светската банка и ММФ ги намалија проекциите. Светската банка очекува раст од 2,3 отсто, а ММФ 2,8 отсто. И додека власта уверува дека забрзаниот економски раст само што не дошол, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за економска катастрофа.
Македонските власти велат дека членството во НАТО и во ЕУ исто така ќе значи и огромен мотор за македонската економија.
„Поканата за членство во НАТО што ја добивме и започнатиот процес за преговори за членство на земјата во ЕУ ќе резултираат со уште поизразен оптимизам. Со право очекуваме поголема доверба во македонската економија и многу нови инвестициски бранови во повеќе различни дејности. Ова го велам од причини што членството во НАТО, на економските реформи и политики што ги спроведуваме, ќе обезбеди сигурност за инвестициите и ќе претставува еден од носечките столбови на коишто ќе градиме економија која ќе продуцира квалитетен живот за граѓаните“, вели премиерот Заев.
Министерството за финансии објави графикон според кој може да се види дека во земјите по пристапувањето во НАТО има подигнување на животниот стандард.
Неодамна економисти за РСЕ коментираа дека зачленувањето во Алијансата и почнувањето преговори за членство во ЕУ ќе имаат позитивни ефекти за македонската економија. Тие велат дека членстовото во НАТО ќе донесе и поголема сигурност за инвеститорите, а со членството во ЕУ, земјата ќе се отвори кон европскиот пазар, а со тоа ќе се поттикне бизнисот.
Во извештајот на британскиот Комитет за надворешни работи се наведува и дека Велика Британија и партнерите од ЕУ и НАТО треба да продолжат со посветеноста на регионот, но и да ги препознаат тешкотиите и ризиците, како и да прифатат дека ќе треба многу долго време за да се направат суштински разлики.