Здравството не е скапо, ако е ефикасно

Доктор Калина Гривчева - Старделова, Лекарската комора на Македонија

Здравството е динамична област и постојано бара дополнителни средства, вели доцент доктор Калина Гривчева - Старделова, претседателка на Лекарската комора на Македонија. Таа укажува дека целта е како порационално да се искористат парите.

Колку е загрижувачки проблемот со заминување на медицинскиот персонал во странство. Добива ли карактер на масовно иселување или таквата карактеризација е пренасилена?

Иселувањето на докторите е појава со која се соочува целиот регион и Македонија не е исклучок. Секако дека станува работа за сериозен проблем, пред сè имајќи предвид дека бројот на оние кои заминуваат или размислуваат да заминат, не само медицински кадар не е мал, но особено се грижиме поради одливот на медицинскиот персонал. Дотолку повеќе што и старосната структура на активните доктори покажува дека многу скоро ќе се соочиме со дефицит на кадар, поради нивното пензионирање, што предизвикува наша загриженост и често потсетуваме на бројките. Но, мора да напоменам дека по ова прашање во јавноста се пласираат и дезинформации. Неодамна се слушнаа податоци дека за две недели сертификат за странство побарале 80 доктори од Тетовската болница, а податоците говорат дека во Комората од почетокот на годинава 16 колеги од Тетово и полошкиот регион поднеле барање за сертификати.

Според официјалните податоци сертификати за странство ( работа, специјализација, доусовршување, иселување ...) побарале во 2013 - 157 доктори, во 2014 - 140 доктори, во 2015 - 171 доктори, во 2016 - 172 доктори, во 2017 - 120 доктори, во 2018 до јуни издадени се 173 сертификати од кои 127 за странство.

Дали мерките за покачување на платите и зголемување на надоместот за ноќен труд и дежурства, како и едукации и обуки на лекари од странски експерти се доволни и може да го спречат одливот на лекарите?

Зголемувањето на платите и надоместоците по различни основи секако се еден од сегментите за пореално вреднување на докторската работа. И како што гледаме и како што се најавува од Министерството и Владата, тука веќе нешто е направено и се најавуваат дополнителни измени (дежурства, најави за зголемување на плати....) Платите се важен, меѓутоа тие се само еден од сите оние чинители врз кои се потпира статусот, односно положбата на докторот во некоја заедница. Во овој контекст би морале да ја имаме предвид и неопходноста за обезбедување на соодветни услови за работа и практикување на медицина базирана на докази ( објекти, опрема, современа терапија, работење во услови без насилство, кое, за жал, ни стана секојдневие...)

Важен чинител за да ги задржиме докторите е и можноста за едукација и стручно доусовршување, специјализација ... Кога сме кај специјализациите мора да истакнам дека лично сметам оти за тоа ни е потребен сосема нов концепт, по теркот на развиените земји, систем кој ќе ни гарантира квалитет и едукација на идните специјалисти. Имам многу дилеми дали натаму воопшто треба да имаме приватни специјализации. Принципот на напредување во кариерата согласно стекнатите знаења и вештини, односно градење на кариера во кој главен критериум ќе биде квалитетот, мора да биде на врвот на приоритетите.

Имаме ли обучен кадар со кој ќе се пополнат испразнетите места? Освен тоа што годишно од Македонија се иселуваат 170 лекари, од здравствениот систем за две години 1200 лекари ќе заминат во пензија. Дали таа бројка ќе може да се надомести со продукција на кадри од факултетите?

Македонија има квалитетен кадар. Тука немам дилеми, а потврда, ни одговара тоа или не, е и тоа што докторите едуцирани на нашите медицински факултети се прифатени и работат во земјите во кои се иселуваат. Да не ги издвојувам оние кои направиле и прават навистина успешна кариера во најреномираните болници и универзитети низ Европа, САД, Канада... а се дипломци, пред се на УКИМ или на другите наши високо-образовни институции, за кои имаме и официјални информации. Имам впечаток дека чинителите на системот треба да размислат и околу потребата за евентуалната реформа на медицински студии.

Меѓутоа, да не се лажеме за да добиете еден добар матичен доктор, еден врвен специјалист, потребни се години и години наука, усовршување, едукација, практика... Тоа не е нешто што може да го обезбедите за една или две години...Потребна ни е долгорочна здравствена политика, а не политика и политиканство во здравството.

За одредени проблеми, како оние со недостигот на лекари во руралните подрачја, државата треба да изнајде системско решение со кое ќе го реши проблемот на долги патеки. Во овој контекст би истакнала дека ни е потребен нов применлив Закон за здравствена заштита и посебен Закон за докторска дејност. Само на тој начин ќе ги комплетираме сите елементи во нормативата на здравствениот систем, која е исклучително комплексна.

Колку политиката ја диктира кадровската политика во државата наместо стручноста? Констатирате ли случаи на деградирања од позиции во здравството поради партиска припадност?

Како наставник, како претседател на ЛКМ, но пред сè како доктор, јас го кажав моето мислење, тоа е компетентноста. Сè друго би било нешто што навлегува во некои други води. Сите ние сме потенцијални пациенти и кога ќе ни „згусти“ сите го бараат најкомпетентниот.

Колку се издвојуваат пари за осовременување на македонското здравство во смисла на усовршување на лекари да изведуваат сложени операции и револуционерни методи. Зошто изведувањето сложени операции се ретки, додека во европските земји тоа е секојдневие. Недостасува кадар или финансии?

Здравството, поточно медицината, е динамична комплексна област која со огромни чекори секојдневно оди напред. Тоа се разбира, чини и постојано изискува дополнителни средства. Ниту еден систем, ниту една држава, на која било страна на светот, нема онолку колку што и е потребно за здравството. Затоа и секаде постојано се прават некои реформи, некои промени, регионализации. Нема дилеми дека здравството е скапо, но се работи за здравје на луѓето, за животи. Целта е како порационално и пофункционално да се искористат расположливите средства, односно да се најде вистинската формула и да тоа да се направи врз основа на издржана „кост - бенефит“ анализа која ќе ги детерминира областите во кои ќе се инвестира и ќе се развиваат.

Дали јавното здравство може да биде истиснато од приватното здравство каде што гледаме деновиве дека се изведуваат сложени зафати? Треба ли да го следи тој пример за да може на најголемиот дел од граѓаните да им се обезбеди здравствена заштита?

Јавниот и приватниот сектор во здравството би требало да се комплементирани, да се надополнуваат. Тоа за што прашувате, пред сè се ефекти на маркетингот. Приватното здравство, пред сè мислам, на болниците, кај нас се фокусираат врз она што е курентно за пазарот. Од друга страна, јавниот сектор ги покрива и областите кои можеби не се така доходовни, а и се најопходни на заедницата. Во исто време, јавниот сектор, односно Универзитетските клиники ги преземаат и случаите кои ќе се искомплицираат од различни причини во приватните здравствени институции. Но, тогаш тоа се прави без ПР алатки и медиуми. Поинаку кажано, столбот на системот во Македонија е јавното здравство, тоа го покрива најголемиот дел од населението. Од тие причини неопходно е за јавниот сектор да обезбедиме достоинствен стандард и за пациентите и за докторите. Недозволиво е да работиме според медицина базирана на докази, а она што тие докази го налагаат да не ни е достапно.

Во нашиот единствен здравствен систем треба да се изедначи плаќањето на приватно и јавно здравство според единствени критериуми. Воведувањето на секоја новина е за поздравување затоа што тоа го движи системот напред, но како држава треба јасно да ставиме до знаење што кај нас ќе се работи и дали не е подобро за три или помалку случаи на одредено заболување во текот на годината да склучиме договор со некоја реномирана институција во странство наместо да се обидуваме таквите случаи да ги третираме кај нас. Сепак за добрата медицина во некоја област е потребен и адекватен обем на работа за таа да биде успешна, не само теоретско познавање, него и праксата е она што не прави добри во нашата струка.