Референдумското прашање - најпроблематично за договор

Лидерска средба на Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами

Опозицијата и власта без приближување во ставовите околу прашањето за референдумот на денешната лидерска средба. Тие претходно на средбата се договорија за измени во Законот за Влада и за Законот за финансирање на партиите, а блиску се во ставовите и за тоа како да се спроведе референдумот.

Без договор за референдумското прашање, но со приближување на ставовите за тоа како референдумот треба да биде спроведен заврши лидерската средба во Клубот на пратениците која траеше повеќе од осум часа. Претходно беше прифатено барањето на ВМРО-ДПМНЕ за измени во Законот за Влада со кои се предвидува формирање на техничка Влада 100 дена пред избори по пржинскиот модел, како и усвојување на Законот за финансирање на партиите. Со тоа се отвори патот изборот на членовите на ДИК во Парламентот, од кој зависи спроведувањето на референдумот, да биде со двотретинско мнозинство како досегашната пракса.

Премиерот Зоран Заев по средбата го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека срамно лаже кога тврди дека му се важни барањата на опозицијата, како и дека тој сака Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО и оти се бори за правна држава и за чесен референдум.

Мицкоски денеска се обиде да ги прикрие своите вистински намери. Откако виде дека не постои ниту минимум шанса да се согласиме воопшто да разговараме за директна или индиректна амнестија денес беше принуден да се откаже од неговата срамна цел по секоја цена да издејствува спас за неговите ментори и колеги. Меѓутоа Мицкоски денеска разговараше без да се договори. Неговата единствена цел денес беше ако веќе нема амнестија, тогаш нема да има ниту договор“, рече Заев.

Мицкоски повторно ги негираше тврдењата на Заев за барањето за амнестија. Тој истакна дека неговата партија се залага за едно смислено прашање, а не за можното решение - Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција за името.

Ние нашето прашање го темелиме и на нашиот став дека мора да се однесува само на договорот, бидејќи договорот е тој од којшто во името на граѓаните Владата на РМ го потпиша на 17 јуни“, порача Мицкоски.

Мицкоски не одговори директно дали прифатиле референдумот да биде консултативен, како што најави Заев.

Ние рековме дека имаме приближување на ставовите кон прашањето што би значело успешен референдум. За успешен референдум да прогласиме треба најмалку два кумулативни услови да бидат исполнети. Да има излезност на 50 проценти плус еден од бројот на гласачите кои се евидентирани на избирачкиот список. Вториот услов е од тие што излегле минимум 50 проценти плус еден да гласаат за или против“, додаде Мицкоски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изрази разочарување поради тоа што не успеале да се договорат за референдумот.

„Се разбира дека нормалниот тек на референдумот и изјаснувањето зависи од прашањето кое ќе го поставите и во овој случај сакам да истакнам дека сите ние треба да ги ставиме државните интереси, пред партиските интереси“, смета Ахмети.

Лидерот на БЕСА, Биљал Касами изрази надеж во однос на организирањето на референдумот сите политички партии ќе работат тој да биде успешен.

Од Владата соопштија дека не се во план нови лидерски средби со цел приближување на ставовите околу несогласувањата за референдумот. На средбата не станало збор за датумот кога би се спровел референдумот.

Во меѓувреме за вечерва е закажана и седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања на која ќе се расправа за утврдување на листата на пријавените кандидати за изборот на членови на ДИК.