Лидерската средба заврши без договор меѓу власта и опозицијата, а ниту премиерот Зоран Заев, ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не сакаа да откријат за што, како што наведоа, постигнале приближување во ставовите, а за што воопшто не постигнале напредок.
Оваа лидерска средба беше во помал формат, по барање на Мицкоски, а присуствуваа само лидерите на најголемите две партии од македонскиот и од албанскиот блок.
По средбата Заев порача дека ќе даде шанса на дијалогот, но ќе продолжи и расправата во Парламентот за измените на Изборниот законик. Тој истакна дека очекува на лидерската средба да се постигне договор за формирањето на ДИК, но рече дека ќе нанесе штета на процесот доколку ги открие деталите од разговорите.
„Така да има прашања кои лесно се договараат и има прашања кои не се договараат лесно. Но, верувам дека сите сме свесни дека процесот е во броени денови. Зошто, затоа што сакаме навремено да спроведеме референдум, после кој успешен референдум ќе следуваат уставни промени во Парламентот за да можеме рано наредната година да очекуваме одлука и од грчкиот Парламент. Тие рокови се поврзани. Согласно тоа јас очекувам на наредната лидерска средба да објавиме решение, односно се надевам решение кое ќе значи договор меѓу власта и опозицијата“, рече Заев.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Заев уште еднаш повтори дека нема да има амнестија, а Мицкоски негираше дека тоа е манипулација. Но, на истиот став со Заев за откривање на деталите од разговорите.
„Јас не би ги зборувал деталите. Би дискутирал малку повеќе по оној сет на преговори кои допрва ќе следуваат допрва. Тоа е рековме в недела или понеделник наутро. Така што да му оставиме шанса на процесот да се развива, па ќе видиме како ќе заврши. Инаку оптимист сум, за дел од темите имаме напредок, за дел немаме никаков напредок. Генерално се се ограничува до моментот на формирање на составот на ДИК“, посочи Мицкоски.
Во ВМРО-ДПМНЕ како што рече Мицкоски, се уште не разговарале за можното прашање на референдумот и дали тој да биде консултативен, а за тоа не станало ни збор на лидерската средба.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети истакна дека сите партии се заинтересирани да се најде решение за разликите и оти очекува сите да дејствуваат храбро за да не се пропушти историската шанса за земјата.
„Секако дека има разлики кај политичките партии. Меѓутоа, сите треба да се ангажираме за да имаме успешна завршница за имплементација на договорот којшто е постигнат со грчката страна“, наведе Ахмети.
Лидерот на БЕСА, Биљал Касами порача дека државата е во критична состојба и во значајна позиција да продолжи со процесот на евроинтеграции и тие ќе придонесат како партија процесот успешно да заврши.
ВМРО-ДПМНЕ бара најпрвин да се усвојат Законот за финансирање на партиите и измените во Законот за Влада со кои се предвидува техничка влада на 100 дена пред избори, пред да се формира ДИК од што зависи спроведувањето на референдумот.
Наредната лидерска средба е предвидено да се одржи в недела вечер или понеделник наутро.