Заминувањето на здравствени работници од државата е очигледно и тоа може да се нарече загрижувачко, иако миграциите не се карактеристични само за Македонија, вели доктор Ибер Бесими, заменик претседател на Лекарската комора.
Ресорниот министер Венко Филипе за да го спречи тоа презема мерки меѓу кои нови вработувања од септември, реорганизација, и зголемување на платите од јануари и едукации, но доктор Бесими вели дека решенијата треба да се носат во заедничка соработка, и додава дека особено е важно да се донесе Закон за лекари со кој ќе се регулира нивниот социјално - економски статус. Од Комората сметаат дека со измените на законите треба да се овозможи и поедноставување на вработувањето на лекарите.
Во меѓувреме речиси 170 здравствени работници годишно ја напуштаат земјата, а најмногу одат во Германија, покажуваат податоците кои ги води Комората.
Според официјалните податоци до јуни годинава издадени за 173 сертификати за странство ( работа, специјализација, доусовршување, иселување ...), од кои 127 за иселување во странство.
„Статистиките на Комората зборуваат дека до 30 април, 110 побарале потврда за заминување во странство. Огромен број на медицински сестри и техничари масовно заминуваат за Германија во најголем дел, но и во другите држави“, вели Ибер Бесими, заменик претседател на Лекарската Комора.
Дел во странство, дел во пензија
Коментирајќи ги изјавите на поединци со кои се предупредува дека за две години може да крахира системот, Бесими вели дека таквата констатација е пресилана, но нагласува дека голем проблем е и заминувањето во пензија на дел од кадарот и оти тоа во блиска иднина може да го загрози здравствениот систем.
„Проблем е стареењето односно пензионирањето на кадарот. Илјада и двеста доктори за две години ќе се пензионираат и тоа е голема загуба за здравствениот систем. Тоа е бројка која е тешко да се надомести. Се работи за специјализиран кадар со долгогодишно искуство кој тешко се заменува“, вели доктор Бесими
Како една од основните причини за заминување, лекарите го гледаат лошиот материјален статус на вработените во здравство и истакнуваат дека овие движења може да го загрозат здравствениот систем.
Основна платата на помлад лекар во јавно здравство е 24 илјади денари, а специјалист зема 32 илјади денари.
Лекот е во повеќе пари и подобра стратегија
Доктор Лилија Дервишова - Чолакова, претседател на здружението на приватни лекари вели дека Македонија може да се пофали со добар млад кадар, но оти младите специјалисти се меѓу лекарите кои заминуваат во странство.
Таа вели дека во примарното здравство треба да се поработи на овозможување автоматско префрлање на пациенти на лекарите кои ќе се вработуваат во иднина, дополнувајќи дека има голем недостаток на кадар.
„Гинеколог затвори во Велес со седум илјади пациенти. Наше барање е да има автоматско префрлање на пациенти за да може докторите веднаш да добиваат квалитетна плата. Се друго е демагогија. Кој било да почне од нула треба да лицитира за да влезе во мрежа. Сега пациентот избира матичен лекар, а ние бараме пациентот да избира матична амбуланта и тоа ќе биде решение на проблемите и ќе го намали одливот на доктори. Вака ниеден млад лекар не се решава од нула да почне да собира пациенти, од што ќе ја плати сестрата, фирмарината, принтери, одржување на приватната здравствена институција”, вели доктор Чолакова.
Капитацијата е 50 денари за пациент, а доктор Чолакова објаснува дека поради зголемување на обврските и давачките приватните лекари не може финансиски да издржат со платите кои во примарното здравство се движат од 15 илјади до 30 илјади во зависност од бројот на пациенти.
Последиците од недостигот на лекари особено се чувствува во региони во внатрешноста со помалку жители.
Лекарите укажуваат дека поради помалиот број жители во одредени градови во Македонија има многу лекари кои таму остваруваат минимална плата.
Инаку министерот за здравство Филипче најави нови огласи за вработување во септември. Најголеми потреби од кадар има во Здравствениот дом во Скопје, а исто така разгледано е и барањето на штипската клиничка болница за вработување на 100 медицински лица. Во врска со недостатокот на лекари во тетовската болница Филипче најави дека овој проблем ќе се решава со реорганизација, односно дополнителна работа на лекарите.
На Здравствен дом Скопје му требаат нови вработувања во превентивните тимови, во Итната помош каде работат со помал број на екипи, а нема и доволно фармацевти во инсулинските аптеки.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5