Битола малку користи од европските фондови

Билјана Бејкова, извршна директорка на невладината организација Инфоцентар“ и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

Искористеноста на ИПА 1 програмата е само 71 процент, но тоа се само потпишани договори, а дел од средствата се вратени назад. Во Општиината немало тим кој е обучен за аплицирање до овие фондови.

Во Македонија не се искористуваат максимално средствата што се наменети за државата преку ИПА програмите. Искористеноста на ИПА 1 програмата е само 71 процент, но тоа се само потпишани договори, а дел од средствата се вратени назад. Ова се податоци на невладината организација „Инфоцентар“ од анализата „Капацитети на искористеност и програмирање на ИПА фондовите на локално ниво-студија за oпштина Битола“.

Билјана Бејкова, извршна директорка на „Инфоцентар“, истакна дека во изминатите години од страна на Општина Битола слаба била искористеноста на парите од европските фондови.

„Во минатото биле одобрени само пет проекти што е низок процент на искористеност. Причината за тоа било немањето политичка волја, општината стратешки не вложувала многу во развој на капацитетите за искористување и аплицирање до ИПА фондови. Сепак, постојат капацитети кои треба дополнително да се надградат, да се направат реорганизации и да постои проектно одделение“, рече Бејкова.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, рече дека по нејзиното доаѓање на функција една од поголемите слабости што ги забележала е токму недостиг на екипа која ќе работи на овие апликации.

Беше согледано дека апсолутно не постои тим, екипа која е обучена да аплицира до овие фондови. Воедно не смеете да ги поставувате работите на подобни и неподобни без разлика дали станува збор за бизнисмени или невладини организации. Сечија идеја без разлика од кој да доаѓа, каква била неговата политичка определба, тоа не е битно, кога зборуваме за проекти. Ние во оваа држава треба да научима да ги делиме работите кога треба да зборуваме за политика, а кога за интересите на граѓаните“, рече Петровска.

Подобра не е состојбата ни во повеќето други општини во Македонија.

„Некои општини се соочувале и со опструкции од владино ниво, некои немале ни политичка волја да развиваат европски проекти, не се развивале капацитетите во општините, не се аплицирало, немало соодветна организациска поставеност, вие треба да најдете и партнери за прекугранична соработка дали во Грција или во Албанија“, додава Бејкова.

Битолската градоначалничка смета дека дел од општините не можеле да аплицираат поради блокираните сметки.

„Не може централната власт да остави општини со блокирани сметки, а притоа да учествува дека таа ќе аплицира некаде и да има капацитет за котизација. Некои општини колку и да сакале да аплицираат, токму заради тој момент на кофинансирање биле оневозможени“, додава Петровска.

Новата локална власт досега има два одобрени проекти од ИПА фондовите. Едниот за енергетска заштита на спортската сала „Младост“, а другиот за отворено кино. За реконструкција на Офицерскиот дом аплицирано е пред други фондови.