Законот за ратификација на договорот за името оваа недела не е ставен на дневен ред, бидејќи во Собранието се одржува тридневниот Рос-Рот семинар. Се очекува по редовната координација на парламентарните групи в понеделник да се знае кога пратениците повторно ќе расправаат за договорот, велат од собраниските служби.
Собранискиот спикер Талат Џафери откако претседателот Ѓорѓе Иванов не го потпиша указот за договорот за името изјави дека нема да го чека крајниот рок до 20 јули за да ја закаже седницата. Според Уставот и собранискиот Деловник, во случај на вето законот треба да биде изгласан од најмалку 61 пратеник. Законот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Универзитетскиот професор Никола Дујовски не очекува Иванов да го потпише указот по повторното гласање.
„Иванов не е политичар од таков ков. Тој е неразумен човек кој ќе се држи до ова затоа што едноставно нема што да прави. Да станува збор за разумни политичари ќе седнат и ќе се договорат. Со тој човек повеќе не е можно да се седне, ниту да се разговара ниту да се соочат аргументите“, вели Дујовски.
Владејачката коалиција веќе најави импичмент за Иванов. Пратеникот на ДУИ, Артан Груби изјави дека импичментот е подготвен и оти се чека „вистинскиот момент“ тој да биде доставен до Собранието. Но, Дујовски смета дека нема да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието и во Уставниот суд што е потребно за разрешување на претседателот од функцијата.
„Мислам дека тоа што премиерот го најави пред десетина дена дека ќе се оди на предвремени парламентарни избори и сигурно за тоа ќе се обезбеди двотретинско мнозинство Иванов ќе биде разрешен пред завршување на функцијата. И тоа во овој момент е единствениот излез за Република Македонија доколку сакаме да станеме земја членка на НАТО и на ЕУ. Мандатот на претседателот завршува догодина во мај. Дотогаш тој сигурно нема да го потпише указот. Доколку остане на функцијата апсолутно ќе се доведат во прашање сите постапки коишто во изминативе година дена државата ги направи на надворешно политички план“, додава Дујовски.
Според договорот со Грција “амандманите на Уставот треба да се усвојат до крајот на 2018 година”, а Иванов се уште ќе биде претседател кога ќе се носат и уставни измени. СДСМ и пред две години поведе постапка за импичмент за Иванов по неговата одлука за аболиција.