Се повеќе обвинети во случаите на СЈО за време на судските процеси се повикуваат на аболицијата на претседателот Ѓорѓе Иванов за запирање на постапките против нив. На вчерашното рочиште за случајот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, адвокатот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, побара судот да ја запре постапката против обвинетиот. Според одбраната, одлуката на Иванов не може да биде суспендирана со Законот за измените и дополнувањата на Законот за помилувањето.
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски вели дека таквите барања немаат основа.
„Давеникот се фаќа за сламка, иако тука веќе и сламката е потоната. Така што аболицијата е мерка со која се откажува од кривично гонење, но во конкретниот случај, имајќи предвид дека оваа аболиција којашто беше донесена од страна на претседателот на републиката беше противуствана, противзаконита и имаше очигледно големи реакции од јавноста и претседателот беше принуден истата да ја поништи и повлече“, вели Ивановски.
Одбраната на обвинетите се повикува и на одлуката на грчкиот Врховен суд кој не го прифати барањето за екстрадиција на обвинетите од СЈО, Горан Грујевски и Никола Бошковски бидејќи биле аболицирани од Иванов. Универзитетскиот професор Мирјана Најчевска вели дека е недозволиво е еден противправен акт да предизвикува такви дејствија и проблем е што не била санкционирана одлуката на Иванов.
„Тоа е проблем на политиката којашто наивно веруваше дека е тоа завршена работа и дека не треба понатаму да се занимаваме со тоа. Значи не е работата во Грција или сега во политичкото делување, туку во отсуството на признавање и препознавање на една правна грешка која требаше соодветно да биде санкционирана“, смета Најчевска.
Ивановски додава дека случаите не може да се мешаат и со донесувањето на законот за помилување.
„Ова е сосема една друга постапка, каде што ниту е амнестија, ниту има елементи за тоа. Нормално, адвокатите си бараат свои аргументи и тоа е нивно право. Мислам дека само повеќе ја збунуваат јавноста и создаваат лажна слика за обвинетите да се надеваат за нешто, што нема никаква правна основа“, потенцира Ивановски.
Пред две години Иванов донесе одлука за аболиција на 56 политичари и функционери кои беа инволвирани во аферата прислушување и за кои се водеше истрага од СЈО. По месец и половина Иванов ја повлече аболицијата за 22 политичари додека за останатите остави простор сами да поднесат барање до него дека сакаат да биде повлечена аболицијата.