Учениците повеќе да пишуваат за да не го заборават ракописот

Со зголеменото користење на компјутерските тастатури учениците ќе заборават на пишуваат со рака, велат некои наставници. Тие велат дека пишувањето не е само работа на ракопис и моторика, туку и работа на размислување за тоа што се пишува.

Прекумерното користење на компјутерите, паметните телефони и таблетите се повеќе ја намалува способноста на учениците да пишуваат со рака, вели тетовската одделенската наставничка Драгица Јованоска која има повеќедецениски стаж во образованието. Таа потенцира дека со намалувањето на пишувањето со рака се загрозува писменоста на еден човек.

„Јас во своето време сум пишувала во тетратка и со перодршка и јастуче да се впие мастилото да не се преслика на другата страна на тетратката. Како времето минувало, технологијата се појавувала секако и сега во ова време од оваа гледна точка, децата веќе не ги користат рацете за да го држат моливчето. Туку користат, работна површина ако се на компјутер, дома, кликаат само. Работи прстот, нема молив. Не се вклучува мозочето да се внимава како се пишува. Значи сè им е овозможено, технологијата да работи за нив“, рече таа.

Според тетовската наставничка, пишувањето не претставува само ракопис на детето, туку цел процес на размислување. Воопшто при пишувањето секој треба да се потруди, да смисли да го напише текстот и да ги поврзе зборовите во една целосна реченица.

„Мора да ги вклучи сите чувства кога зема молив или пенкало, кога треба првин да размисли како ќе го користи работниот простор. Да размисли да направи проред. Да размисли како ќе ги поврзе буквите, воедно да мисли логички да се изрази, а при изразувањето да ја оформи реченицата, да користи интерпункциски знаци, да се надоврзе на претходната реченица. Во писмено изразување се вклучени, не само моторичката функција на раката, туку и сите други сетила се вклучени“, вели Јованоска.

Исто така пишувањето е важно и за употребата на кирилското писмо.

„Ние всушност преку тоа некористење на нашето писмо не го почитуваме нашиот идентитет. Самите себе се негираме. Грото од децата, бидејќи користат латинично писмо, кога ќе пораснат, веќе не ги контролира никој како пишуваат. И тие пишуваат со латинично писмо“, потенцира тетовската наставничка Драгица Јованоска.