Заев - името е Република Северна Македонија

Архивска фотографија- Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас

Република Северна Македонија за севкупна употреба, кое ќе се прецизира со амандман во уставот. Јазикот ќе биде македонски или на англиски Macedonian без фуснота, националноста македонска/граѓани на Република Северна Македонија или на англиски Macedonian/citizens of Republic of North Macedonia.

Ова е решението за спорот за името кое го постигнале премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Во очекување на вториот, како што се најавува клучен, телефонски разговор меѓу премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас кој треба да се случи претпладнево, грчките медиуми јавуваат дека вчера двајцата се договориле за името Република Северна Македонија. Заев синоќа, во гостувањето на телевизија Телма, не откри кое е името за кое постигнале согласност, но рече дека е оптимист за договор за решение на спорот денеска.

Засега не се докрај познати и другите детали, односно како се дефинирани јазикот и нацијата, а очекувањата се дека новото име најверојатно ќе биде за севкупна употреба. Премиерот Заев, пак, досега неколкупати, вклучително и синоќа, рече дека со решението ќе се зајакне идентитетот. Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во однос на јазикот вчера кажа дека македонскиот јазик е признат уште во 1977 од ОН.

“Одредницата и самоопределувањето постојат, македонскиот јазик постои од 1977 во ОН”, вели Коѕијас на прашањето дали во договорот е вклучена одредницата македонски за јазикот и националноста.

Шефот на грчката дипломатија, рече и дека македонскиот јазик „не е нешто што го дава или го зема Грција, затоа што тоа е нешто што е веќе дадено од ОН“, но и согласно со ИСО стандардите.

За решението, што денеска се очекува да го прецизираат Заев и Ципрас, според најавата на македонскиот премиер ќе бидат информирани опозицијата, претседателот Ѓорге Иванов и јавноста.

“Ако имаме договор, ќе се договориме како тоа да го објавиме. Веројатно тоа ќе оди паралелно. Јас би сакал тоа кај нас да оди заедно со сите политички чинители, да бидеме заедно, и власт и опозиција, и мали и големи партии... Убаво би било за вакви прашања да застанеме заедно. Очекувам позитивен исчекор и од опозицијата и од шефот на државата. И тие се за ЕУ и НАТО. Е сега кога сме на дофат на тоа, сметам дека и опозицијата ќе се приклучи во поддршката на тој договор“ рече Заев.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска реагираше за повикот на премиерот Заев за поддршка на евентуалниот договор од страна на сите политички чинители.

"Претседателот Иванов уште еднаш укажува дека е потребен широк национален консензус за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните. Претседателот Иванов смета дека е несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните на Република Македонија, и наметнати технички барања, да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави" наведоа од Кабинетот на претседателот на државата.

Инаку, викендов, неофицијално, се очекува да се случи потпишувањето во Преспа, по што тој треба да биде ратификуван во македонскиот парламент.

Коѕијас најави дека откога тоа ќе се случи, тие ќе дадат зелено светло на Самитот на министри за надворешни работи на Европската Унија на 25 јуни, а ако се оди според планираното НАТО ќе се достави покана за членство.

“Штом го имаме ратификувано договорот, да се надеваме дека ќе го имаме, од нивното Собрание, како ратификувани и прашањата што ги имаме со Албанија, ние со големо задоволство ќе дадеме „ок“ за да тргнат по нивниот европскиот пат” рече Коѕијас.

Потоа наесен би следувал референдум во Македонија, по што Грција и би ја ратификувала во нивното собрание поканата за зачленување во НАТО која Атина ќе дозволи да и биде врачена на земјава на самитот кој ќе се одржи на 11 и 12 јули.Македонскиот премиер постојано нагласува дека граѓаните ќе го имаат последниот збор на референдумот, додавајќи дека тој ќе го каже својот став пред неговото одржување.

Во реакцијата од Кабинетот на Иванов изјавите на премиерот на Телма дека “евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО и зголеми внатрешните опасности” ги оценија како “очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување”.

“Стратешките определби на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО се јасно дефинирани и непроменети. Зачувувањето на уставното име и изнаоѓањето на решение кое нема да предизвика уставни промени, во никој случај не е насочено против интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Склучувањето на меѓународен договор содржан во еден или повеќе поврзани меѓусебни документи треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена” наведуваат од кабинетот.