Времето си е време, ама политиката изгледа си зазема специјално место во животот на нашите луѓе. Па и по информацијата за силното невреме во Скопје со значителни материјални штети, посетителите на нашата ФБ страница нашле причина да дадат политички „дизајн“.
Иван Служба Николоски со прашање - алузија: „Не ли фати невреме во Собрание и Влада?“ Љубе Петровски со клетва: „Абе нив да ги фати“.
Изјавата на портпаролот на Владата дека премиерот Заев и министерот за надворешни Димитров, како и целиот Кабинет, се на иста единствена линија, цврсто определени и посветени на решавањето спорови и јакнење на достоинството и дигнитетот на граѓаните на Република Македонија, се зборови „на уште еден лажго“, а Ангел Ставров постирал: „Нема поделби оти сите крадат кој како стигне, бандитарија невидена“.
Соопштението на Владата дека шпекулациите за преговорите за името не придонесуваат кон изнаоѓање решение од посетителите на ФБ страницата на РСЕ е дочекана со негативни реакции: Зоран Трпчески вели: „Можеби не се пропаднати, но наскоро ќе пропаднат, а заедно со нив и вие“.
Динка Јованова постирала: „Ако се знае пријателството на Грците со Србија може и не се шпекулации?“, а Велин Николов со познатиот став: „Ниедна влада нема право да преговара за нашето име, кој како сака нека се вика, макар и Заев да бил“. Дека настапи критичен финиш на преговорите за името, Славчо Тофилоски смета дека на јужните соседи не требало да им се верува: „Секој договор со нас или со Турција никогаш не го ратификуваат во Парламентот... И едно не ми е јасно – на сите што нè признаа со уставното име ќе им кажеме, извинете, вие не сте знаеле како се викаме“.
Претставувањето на Планот 18 од страна на вицепремиерот за европски интеграции, Александар Цуцулов го пречекува со чудење: „За каков план збори чоеков, за какви реформи, алооо, од марс да не е паднат?“