Викенд на гордоста Скопје 2018: Политиката да биде настрана

Со отворање на фотоизложбата „CORPUS QUEER: тела на отпор 1980-2018“ на светски реномираниот фотограф Дел Лагреј Волкено, овој четврток на 7 јуни, во 21 часот, во Музејот на современа уметност, официјално ќе започне шестото издание на Викенд на гордоста Скопје 2018, манифестацијата што како организатори ја потпишуваат Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет на Македонија и која овојпат ќе се одвива под носечката идеја НАСТРАНО.ПОЛИТИЧКО.

По недела дена од промо-настанот „Срамота“ кога во Кино Култура се раскажуваа квир-приказни, а покрај Румена Бужаровска и Ана Василева седнаа Никола Гелевски, босанската поетеса Лејла Каламујиќ, Кирил Поп Христов, Ивана Дракшиќ, Артан Садику, со отворање на фотоизложбата „CORPUS QUEER: тела на отпор 1980-2018“ на светски реномираниот фотограф Дел Лагреј Волкено, во Музејот на современа уметност официјално ќе започне годинашниот Викенд на гордоста Скопје 2018. Станува збор за шесто издание на манифестацијата што како организатори ја потпишуваат Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет и која до 10 јуни ќе се одвива под носечката идеја НАСТРАНО.ПОЛИТИЧКО.

„Со оваа идеја, од една страна, сакаме да ги проблематизираме многустраните начини на кои нормативните имагинации за родот и сексуалноста се вкоренети во главните политички поими. Од друга страна, сакаме да ги претставиме алтернативните можности што произлегуваат од многукратните маргинализирани практики на пријателство, грижа, љубов, секс, заедници и правда, а кои се создаваат и циркулираат во колективите и историите на „настраните“ и жените, и да истражиме какви идни хоризонти тие отвораат за мислење на политичкото, демократски и отворено. За да биде демократијата можна, политиката мора да биде настрана“, истакнува Славчо Димитров, куратор на Фестивалот.

Во своето обраќање тој пишува дека НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО. „стреми да го превредни фигуративниот статус на „настраноста“ во рамки на доминантните културно-политички простори, настраноста како радикална разлика, како отфрлените форми на живот, како пркос кон сите идентитетски рамки, како ексцесивност во однос на сите калапи на нормализација, како сопка за „репродуктивниот футуризам“ - и во истата да препознае симптоматско разоткривање и актуализација на самата невозможност за тоталитарното затворање на живеењето и дефинирањето на културно-политичката заедница“.

Дел Лагрејс Волкено е визуелен уметник кој преку фотографијата настојува да ги наруши и проблематизира општествено-културните бинарности користејќи ги висцералното задоволство и политичката провокација како примарни стратегии на отпор. Волкено е роден/а како интерсексуална личност, но со женскиот пол назначен од раѓање, во кој е и одгледан/а, првите 37 години од својот живот ги поминува како жена. Живее како небинарна и отворено интерсексуална личност од 1995 година. По завршување на студиите на Институтот за уметност во Сан Франциско од 1979-81 година се здобива со магистерска титула по Фотографски студии на Универзитетот во Дерби, Велика Британија во 1992 година. Има создадено пет фотографски монографии, од LoveBites во 1991 г. до The Drag King Book во 1999 г. со Џек Халберстам, до Femmes of Power: Exploding Queer Femininities во 2008 со Улрика Дал.

Авторот во „CORPUS QUEER: тела на отпор 1980-2018“ ги преточува родовата варијација, сексуалната поврзаност и телесните мутации во постојан предмет на обработка подолго од триесет години. Фотографиите на Волкено ја сценираа конструираноста на родот и богатиот диверзитет на телесните морфологии, достапни за тие што навистина сакаат да ги побараат, на начин кој длабоко одекна во – односно кој им претходел, влијаел и придонел за суштинско здружување на – новите лезбиски, квир, транс и интерсекс теории. Како фотограф и мислител, Волкено покажува исклучителен интерес родот/полот да се прикаже како крајно перформативен, но и интимно отелотворен... Повеќе од кој било творец, во своите уметнички дела Волкено ги претставува квир, транс и интерсекс луѓето како субјекти наместо предмети, бидејќи ги создава сликите преку погледите на идентификација, припадност и желба, размените меѓу оној што позира и фотографот. Волкено свесно ѝ пристапува на фотографијата како еден вид на огледало – цврста пластична површина која служи за идентификување и љубов.

Иво Димчев - Бугарија

На 8 јуни, пак, во Кино Култура, е планирано да се одржи проектот „Кончерто“ на Иво Димчев. Тој е е кореограф, визуелен уметник, кант-автор од Бугарија. Неговите дела претставуваат екстремна шаренолика мешавина на перформативна уметност, танц, театар, музика, цртежи и фотографија. Димчев е автор на повеќе од 30 перформанси. Добитник е на бројни меѓународни награди за танц и театар, а со своите дела има настапувано во Европа и Јужна и Северна Америка. Покрај уметничката кариера, Иво Димчев предава на магистерски студии во Националната театарска академија во Будимпешта, Кралскиот танцов конзерваториум во Белгија, Антверп, Универзитетот за уметности во Берн, невладината организација DanceWeb во Виена итн. Овојпат во неговиот репертоарот ќе бидат вклучени највпечатливите дела на уметникот, издвоени од контекстот на неговите перформанси и изведени како индивидуални дела. За неговиот вокал се вели дека „ја истакнува мрачната поезија во авторските стихови, со што публиката се здобива со незаборавно и навистина трогателно искуство. На моменти анималистички, а потоа деликатен, го соединува мракот и светлината со вербална и физичка умешност“.

За сабота на Фестивалот се планирани два настана. Најнапред во 13 часот во МСУ ќе се одржи проекција на филмот „Жената лубеница“ на Шерил Дунје (еден од првите New Queer Cinema филмови, ја отсликува комплексноста на расата и полот и сите последователни социјални идентитети, конструирајќи различна верзија на класичен Холивуд, на неверојатно свеж, стимулирачки и забавен начин), а потем во МКЦ од 20 часот ќе биде одиграна „Дијамант“ од Дејвид Хојл со гостување на The Lipsinkers.

„Дијамант“ претставува тегобно и пријатно патување низ ЛГБТ еманципацијата, почнувајќи од 1957 година до денешните настани преку возбудливата биографија на Дејвид Хојл. Проткајувајќи го личното искуство со јавните настани, Дијамант го прикажува подемот на Дејвид од геј адолесцент во Блекпул до познатиот култен антидрег квир феномен на Канал 4. Настапот обработува историски моменти и го отсликува животот на проминентни геј личности како што е Алан Туринг и понеодамнешните ЛГБТИ политички активисти, со што повторно се навраќа на мачната историја и постојаната борба за еднаквост. Се вели дека станува збор за „неверојатно авангардно театарско дело, во кое Дајмонд плови низ трансформацијата на геј контра-културите, квир родот и сексуалноста, и британските општествени ставови и дека тоа ќе им се допадне на сите што веруваат во борбата за еднаквост“.

Конечно в недела, на последниот ден од Викенд на гордоста Скопје 2018, во МСУ, во 13 часот е планирано да се одржи предавањето на Дел Лагрејс Волкено насловено „Белешки за бидувањето спектакуларен примерок: Интерсексуалноста и политиките на репрезентација“ кое ќе биде проследено со презентација на фотографиите од изложбата, а 20.30 во Кино Култура ќе се случи настапот на познатиот транс-уметник и забавувач Травис Алабанза кој настапува со дело од својата прва збирка поезија „Пред да излезам (ме сакаш)“.

Создаден во јавен превоз, перформансот (во кој се соединуваат звуци, поезија, театар и проекции) го секцира и отвора прашањето што значи да постоиш како транс личност надвор. Кој нè повредува? Кој нè заштитува? Кој молчи? Before I Step Outside (you love me) беше промовирана во 2017 година, а до денес е пласирана во над 19 земји од светот, и се вбројува меѓу најиновативните транс литературни проекти за таа година. Инаку, Травис Алабанза е изведувач, писател и драматург кој живее во Лондон. Во изминатите две години тој израсна во еден од најпроминентните нови квир гласови во Обединетото Кралство и ширум светот, со резидентен престој во галериите Тејт, настапува во Јубилеј во театарот Лирик Хамерсмит, а неодамна ја заврши и едномесечната турнеја по колеџите во САД.

И, конечно програмата на Фестивалот ќе кулминира во истиот простор со диџеј сетовите на Соња Сајзор и Haus of K.G. (KayGie) и шоуто на Острога Ми Дрег од Србија.

Соња Сајзор е трансфеминистка, организаторка на настани, кантавторка, уметничка директорка, диџеј и мултидисциплинарен визуелен уметник чии алатки за уметнички израз се шминката, костимографијата, графичкиот дизајн, фотографијата, филмот и перформансот.

Хаус на К.Г. (КејЏи) е дуо составено од дрег кралици кои ја поддржуваат дрег уметноста, club kid модниот стил и други квир експресии.

Дрег кралицата Острога Ми е комбинација од традиционално патријархално христијанство и циганска магија. Таа е домаќинка и гатачка на прво место, а потоа сè друго. Постојано го бара вистинскиот маж на кој ќе му роди синови. Острога е магична циганска кралица и може да ти ја прочита иднината побргу отколку што ќе те прочита тебе.