И по пет години не се пронајдоа и вратија четириесетината вредни икони стари по неколку века што крадци ги однесоа во 2013 година од црквата „Свето Преображение“ во битолското село Гопеш. Според Ристо Палигора, историчар на уметност и советник конзерватор во битолскиот Завод и музеј, во изминатите години на територијата на југозападна Македонија оперирала група на крадци од Албанија кои украле околу 500 икони од македонски цркви и манастири, а само дел се пронашле.
Палигора смета дека за клучните и важни споменици на културата, поточно црквите и манастирите кои располагаат со вредни икони, резби, фрескоживописи, неопходно е државата за обезбеди перманентна грижа, заштита, како и да се создаде принцип на презентација и промоција.
Проблемите, според него, се создадоа од проста причина што многу селски населби, кои порано имале богата култура и традиција, остануваат со мал број жители кои сами не можат да се справат со заштитата на храмовите и движното наследство во нив.
„Загрозени споменици има многу, особено црквите по селските населби се многу слабо чувани, нема алармни системи, по селата има многу малку луѓе. Мора да се бараат решенија во иднина, потребна е и финансиска поддршка од државата и да се направи комуникација и разбирање со Преспанско-пелагониската епархија“, вели Палигора.
Низ селата во пелагонискиот регион има стари цркви со оригинални фрескоживописи и икони работени од прочуени зографи. Најчесто се заштитени со катанци и клучеви, ретко каде има аларми. Клучевите се даваат на чување кај жители од селата, кои ако се слободни ќе дојдат да им отклучат на посетителите, ако не, можат да им го дадат клучот самите да се услужат.
„Еве имаме случај во Курбиново, каде голем број на туристи доаѓаат без контрола. Таму нема човек задолжен да ја држи црквата отворена извесен дел од денот, барем во сезона кога фреквенцијата на посета е голема“, вели Палигора.
Во друго битолско село, Маловишта на падините на Пелистер, сместена е црквата „Света Петка“, каде се наоѓа галерија со стотина врвно изработени икони, ремек-дела на стари македонски зографи. Црквата е обезбедена со аларм, а клучот го чуваат два-тројца жители, кои ако работат не можат да им отклучат на посетителите, а клучот доколку не ги познаваат оправдано не го даваат.
„Кај клучните споменици на културата мора државата да обезбеди перманентна грижа и ете, кај вакви објекти кои имаат посетители да се определат луѓе кои ќе бидат одговорни за посетителите. Клучот нема да го дадат ако се непознати луѓе. Има клуч на две-три места во селото. Ако се слободни ќе дојдат да отворат, ако не, и тие луѓе мора да се грижат и за својата егзистениција, а пари не земаат за отворањето и чувањето на црквата. Мора да се направи некој принцип на презентирање на таквите споменици. Ние дефинитивно не знаеме да стопанисуваме со таквите споменици“, вели Палигора.