Суштински или козметички измени на законот за работни односи?

Најновите измени на законот за работни односи се во функција на усогласување со европското законодавство. Генералната оценка е дека тие не се лоши и дека се во насока на подобрување и унапредување на правата на работниците

Најавените измени на законот за работни односи кои претставуваат отскочна штица пред изготвувањето на целосно нов закон во оваа област, се во насока на унапредување на правата на работниците, сметаат од Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ), кој како репрезентативен и социјален партнер е вклучен во постапката на изготвување на новиот закон.

„Како и кај сите закони, така и кај Законот за работни односи, покрај нивното прецизно уредување потребна е имплементација и правилна примена на законот во пракса. ССМ континуирано ја следи правилната примена на законските одредби од работно-правната област и презема активности преку сите институции во системот доколку се повредени работничките права, во насока на нивна заштита и остварување,“ вели претседателот на ССМ, Дарко Димевски.

Од ССМ потенцираат дека при изготвувањето на овие брзи измени се залагале особено за: уредување на одредба за примена на критериуми утврдени со Колективен договор при отказот од деловни причини, потоа забрана за вработување на друг работник на работа на која претходно бил откажан Договорот за вработување од деловни причини во траење од две години со утврдување на приоритет при вработување во корист на отпуштениот работник, како и зголемување на износот на испратнини од деловни причини во зависност од годините поминати во работен однос.

Измените се во насока на подобрување на социо-економската состојба на работниците и зголемени права на работниците, се согласуваат и од Конфедерацијата на работодавачи.

„Компаниите сега ќе треба да бидат попрецизни во однос на отпуштањата, отказните решенија, технолошки вишок, ноќна смена на работа, годишни одмори, отпремнина и други постапки. Мора да бидат попрецизни, односно законските измени ни даваат простор да работиме со компаниите“, посочува Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи.

Според Бошков, членот во законот кој е само техничка измена и се однесува на намалување на огласите за вработување од пет на три дена, ќе влијае на следново:

„Оваа измена директно ќе влијае во мерењето на резултатите од „дуинг бизнис“ во полето на трудовата легислатива, односно во поглед на вработувањето и отпуштањето. На некој начин опфатени се повеќе сегменти кои кога ќе се анализираат во детали, даваат резултат кој генерално ја подобрува состојбата на работниците и имиџот на водење бизнис во земјава,“ изјави Бошков.

Со предложените измени пробната работа од шест ќе се намали на четири месеци, а ќе се сменат и правилата за користење на годишниот одмор. Доколку се усвојат во наредните недели, ова лето наместо 12 работни дена, работниците ќе мора да користат годишен одмор од две непрекинати работни недели.

Работниците пред да добијат отказ, ќе имаат рок од 15 дена да се подобрат во работата, а за тоа писмено ќе бидат предупредени од своите работодавачи. Доколку работникот биде прогласен за технолошки вишок, работодавачот не смее две години да вработи нов на тоа место, а доколку има потреба од работник избрканиот да има предност пред останатите.

Според упатените во оваа област, сегашната регулатива остава простор за манипулација, па работниците кои се прогласуваат за технолошки вишок, веќе следниот ден се заменуваат со нови вработувања. Новиот закон за работни односи се очекува да биде изгласан до крајот на оваа година.