Достапни линкови

Синдикатите бараат да нема вработувања на определено време


Шалтер за лични документи
Шалтер за лични документи

Синдикатите ќе бараат да се намали рокот на ангажирање работници кои работат со договор на определено време, а во иднина вработувањата да бидат само на неопределено време.

Откако Министерството за информатичко општество излезе со информација дека во јавниот сектор во Македонија има 139.009 вработени, синдикатите најавија дека ќе бараат да се реши статусот на лицата кои се вработени на определено време.

Трпе Деановски од Синдикатот на органите на управата посочи дека во Мaкедонија има голем број вработени кои работат со договор на определено време. Согласно Законот за работни односи договорите на определено време се определени да траат пет години, а синдикатите се децидни дека тоа е предолг временски период за да оцени работодавачот дали работникот е способен да ја извршува работната задача.

Деановски рече дека нивна цел е да се намали овој рок од пет години на максимум две години, како во земјите од регионот и во Европа, и укажа дека Македонија останува земја што има најдолг рок на траење на договорот на определено време.

„Тоа создава несигурност кај вработените на овој начин. Договорите се прекинуваат пред истекот или порано и не може да се оствари одредени права согласно Законот за пензиско осигурување. Очекувам објавувањето на бројката да може да помогне да се реши овој проблем“, изјави Деановски.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, презентирајќи го Годишниот извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор изјави дека преку агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор работно ангажирани се вкупно 1.624 лица и тие немаат статус на вработени во јавниот сектор и не влегуваат во анализите во овој извештај.

Како за споредба, Манчевски посочи дека преку Агенција за привремени вработувања до мај 2017 ангажирани биле 2.064 лица. Тој рече дека во акционерските друштва со стопроцентна државна сопственост има 8.633 вработени, а преку агенциите за привремени вработувања уште 30 вработени.

Претходно и Народниот правобранител, Иџет Мемети, кога го презентираше годишниот извештај за степенот на почитување, унапредување и заштита на човековите права и слободи, констатираше дека партиските вработувања во администрацијата на локално ниво и натаму се присутни, а особено истите се видливи во непродолжување на договорите на определено време во образовниот процес.

Тој посочи дека ваквата појава е особено карактеристична за изборниот процес, што наведува на заклучок за наградување на партиската лојалност и класична злоупотреба на трудот на претходно ангажираните лица.

„Воедно препорачувам да се надгради правната регулатива заради спречување на злоупотребата на институтот вработување на определено време, а со тоа и искористување на трудот на вработениот“, изјави Мемети.

Од Синдикатот посочуваат дека вработувањето на определено време е карактеристична за образованието и приватниот сектор. Деановски очекува по објавување на вкупната бројка на вработени во администрацијата дека ќе почне да се намалува овој вид вработување и оти вработувањето ќе биде само на неопределено време, како што налага Уставот.

„Синдикатите ќе мора да се активираат ова право да се одреди постриктно, односно да се намали рокот и да не биде како што е сега, вработувањето да биде само на определено време. За жал, скоро сите работодавачи особено во приватниот сектор практицираат вработувањето да биде на определено време, со што се кршат правата на работниците“, вели Деановски.

Во поглед на вработените во администрацијата тој посочи дека задачите на овие лица се помошно технички, но оти се суштински за работата.

„Имаме записничари во основните судови, стручни соработници во обвинителствата, во локалните самоуправи има политички пресметки на оние луѓе што работат во градинки на некои што работат на определено време им се прекинуваат договори при менување на политика се вработуваат нови луѓе на определено време. Сега ќе може повеќе да реагираме и да се сузбие оваа проблематика“, изјави Деановски.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG